Thursday, June 10, 2010

„СОВРЕМЕНА“ АДМИНИСТРАЦИЈА

Замислете! Пред неколку денови отидов да го побарам мојот стар, но сеуште важечки пасош!

Да, бев да поднесам барање за нов „биометриски“патен документ! Не знам зошто, но на МВР им требаат старите, сеуште важечки пасоши од граѓаните, уште при самото предавање на барањето и фотографирањето! Их, да ме видите колку сум прекрасен! Излегов поубав него што сум во природа! :) Не верувате?! Погледнете во сликата кај профилот! Таму ми ја дадоа! Моја слика и прилика! Знаете ли зошто излегов толку убав? Бидејќи мораа да ме сликаат цели 60 минути!


„Клик!“- се обидува фотографот со Hublo на раката (сличен на оној на Директорот на Бирото за јавна безбедност), притискајќи го копчето за довршување на документот! „Тинг“- одговара компјутерот со неговото магарешко прозорче на кое пишува „ERROR!“! Се обидува повторно: „Клик!“, а компјутерот пак „Тинг - ERROR!“! „Клик - ERROR!“... „Клик - Тинг - ERROR!“...  ...„Падна системот“! - вели тој, по подолго време, откако увиде дека ме фаќа с’клет! -„Па како може да падне, кога е светски, да не сте згрешиле вие?“! „Не“- вели тој, онака, полуналутено што сум помислил дека е неспособен! „Падна системот“- повторува! Се обидува повторно и пак истото: „Клик - ERROR!“... до бесвест!  „Ова ќе биде лесно, како песна“, помислив само триесетина минути порано, кога видов дека пред мене е само еден човек! Ех, бев пресреќен, додека не го чув добро познатото „Тинг! - Клик! - ERROR!“! „Клик - ERROR!“... притискаше силно на „глувчето“младиот службеник! „Ех, Каков инаетчија бил компјутеров, тврдоглав к’о магаре!“ - помислив! „Од каде ти е Иблото?“, прашав, да ја смирам нервозата! „!?А’’’...аАа’’!?“ - го добив добро познатиот празновокален одговор  кој повеќе означуваше чудење (барем, да кажеше Мољим?)! „Прашав, саатот... од каде ти е?“- настојував заинаетен, како компјутерот, да ја дознаам вистината. „Ааа... ова, поклон ми е!“ - одговори задоволен што најпосле разбира! „Реплика ти е, или оригинал?“- продолжив! „’’’аА’’а...?!?!?“!? Овој пат бев сигурен дека претерав! „’’’а...Аа?!“,повтори тој збунето. „Што?! Реп...?! ...Што?“? „Копија, Реплика е копија!“, му објаснувам залудно, добивајќи го конечно индиферентниот одговор „Што знам, поклон ми е!“! ...„Клик!...-Тинг!“-одговара упорно компјутерот! И така едно пеесетина минути, сè додека не излезе, некаде, за по петнаесетминутно движење, надвор - внатре од канцеларијата и познатото „Клик-Тинг“, не се појави, влегувајќи однадвор, во својата канцеларија, пресреќно објаснувајќи ми дека успеале да ја средат работата!(?!)

По сликањето, побарав да ми го вратат пасошот, но  ми одговори дека ќе можам да го сторам тоа дури по четири дена, откако ќе отстоел кај нив! „Да не го киснат?“- си помислив! „Во канцеларијата Г-6“- рече тој! Се почувствував како да сум на Бугарска Социјалистичка граница (можеби е сеуште така), кога го одзимаа пасошот и го држеа со саати (го снимаа ли, ги проверуваа ли податоците, што ли?!), а на границата, единствено вие и некое врапче! Да, токму така, се чувствував како дома (не онаа мојата, туку таа на власта :)! „Но, Бугарските цариници, сепак, не го задржуваа четири дена“- заклучив!? Запомнив! Г-6!

Познавајќи го добро административниот систем на оваа земја, уште од поодамна и знаејќи дека не отишол на подобро, си реков себеси дека ќе одам по шест-седум дена, за да им дадам време да го пронајдат! На одредениот ден, два-три дена подоцна од предвиденото, се нацртав пред Г-6 канцеларијата! Пред неа, гужва! Десетина стојат! Ходниче, тесно, ниту да се завртиш! Дишиш на шкрги! Прашувам кој е на ред, колкумина чекаат за пред Г-6, а тие сложно ми одговараат „Никој, но тука во канцеларијава нема никој“, веднаш стискајќи на кваката, за да ми докажат! Пресреќен тропнав! Да видам, можеби некој ќе се јави! Поминуваа и други и... кој како ќе дојдеше до вратата, само притискаше на  кваката! Оддеднаш, се заврте клучот во бравата, а од неа излезе една дебела сподоба (колку што ни е дебела администрацијата) и со својот груб и рапав глас дрекна: „Што е Бееее....Ајвани! Не може човек од вас саглам ни да јаде! Кој стиска толку на кваката? Ќе ја откорнете, Беее...!“! Поцрвенев! „Па таа е женско“-ми светна секвенца од нејзината става пред очите! Ме фати Срам, туѓ! „Јас... само тропнав... очекувајќи дека има некој! Извинете!“, изустив збунето, к’о мало детенце! „Не можам да јадам, БеееЕее...!“- се продра повторно! „Извинете, не знаев. Пријатно јадење“, се обидов да ја смирам ситуацијата! Мргодната Сподоба ме погледна попреку, го дигна носот и повторно ја снема зад вратата, ја тресна силно и повторно се слушна вртењето на клучот! „Упс“-помислив! „Упс!“- рече еден од мноштвото пред вратата, фаќајќи се за главата престрашено: „Оваа, ќе не натепа!“. Решив, ќе ја чекам да заврши со јадењето, веројатно ќе заврши за пет-седум минути! Се завртев, а отспротива друго изненадување! Стаклена врата, на која пишува „Работиме со странки: од 10:00, до 13:00“! Јасно и гласно! Помина уште некое време, поминуваа луѓе, стискаат за кваката, а јас целиот наежен к’о мачка им велам: „Немојте, луѓе! Што ви е вам? Ќе ви излезе Баба Рога!“, се разбира, на шега, а тие насмејани си заминуваат! „А, има ли некој тука?“, прашуваат некои покажувајќи ми кон застаклената врата, стискајќи ја кваката! „Не знам“, ги кревам рамениците! Поминува некој, тропа на истата врата, повикува: „Јасминоооо...! Тука ли сиии...?“! По некое време, се отклучува и оттаму бравата! Таман си помислив: „Е сега го ебав ежот!“, кога, се појавува повторно некоја дама, овој пат нешто помала, но иста по својата широчина, со онаа претходнана: „Што е беее... Од вас човек не може ни да јаде! Ај, почекај! Се’а ќе дојдам!“! Но, овој пат, тоа беше наменето за нејзиниот колега! „Уфф..! Се спасив!“ :) изјавив на шега! Следуваше насмевка на околните лица! Повторно се слушна познатото трескање на вратата! Се загледав во неа, не верувајќи им на своите очи. Бројките беа во ред: „од 10:00 - 13:00 часот“! Па, што тогаш не е во ред?! Зошто оваа прегладнета државна службеничка, јадеше сега, а не пред десет часот, кога имала доволно време да се наждере, во периодот до 10:00?! „Јас, пак, дојдов за да не задоцнам, бидејќи од дванаесет и триесет им започнува пауза!“ изјави една госпоѓа, стискајќи силно на забравената квака! Останав повторно во шок! Работат од десет, до тринаесет часот, а имаат пауза во дванаесет и триесет!? Блазе си им!

Најпосле се отвори вратата од собата Г-6! Излезе и Баба Рога: „Ајде сега! Што ви требаше?“. Еден од оние што чекаа, заврши набрзина, онака, со отворена врата, ни надвор, ниту внатре, на самиот праг!? Најпосле, по половина час чудесии, успеав да дојдам на ред! „Ајде!“, рече дебелата административна госпоѓа ладно, очекувајќи го моето барање! „Јас... дојдов да си го земам стариот пасош! Ме упатија во соба Г-6.“- изустив. „Не! Во собата до мене!“, кратко отсече таа!

Собата до „Г-6“, беше со отворена врата, за целото време, додека чекав! Во неа, седеше иста таква, слика и прилика, како од претходните канцеларии! Почнав дури и да се сомневам дека некој ги копира на некаков фотокопир апарат, или на штанц-машина! Ме облеа ладна пот, од помислата за добар хорор филм! Уште една бабескура! Излезе и се врати, по две-три минути! Бев пресреќен! Искрено, очекував и таа да отвори менза, или дека веќе отишла на јадење. „Ве молам, каде да се обратам за земање на оставениот стар (сеуште важечки) пасош?“, прашав. „Имате ли оставено ливче?“- праша, покажувајќи на купчето пред неа од околу дваесетина ливчиња, кои ви ги даваат за да си го земете новиот турбо-биометриски е-пасош. За среќа, помислив на ливчето, пред да излезам од мојот дом. Го зедов, онака, да се најде, за во зло! „Повелете!“- реков пресреќен, што најпосле сум еден чекор пред „нашата“администрација! „Дојдете за два дена“, рече мирно Мастодонтот. Останав во чудо! Два дена ќе им требаат, за да го најдат мојот стар пасош, што им го дадов пред само една недела!? Што ли ќе беше, ако требаше одново да го прават?! Колку ли месеци ќе им требаат, за да го добијам мојот нов е-биометриски е-пасош, со оваа „современа“ и „успешно реформирана“јавна е-администрација?

1 comment:

  1. Секаде иста слика.
    Тапа администрација!

    ReplyDelete