Можно ли е системот, кој го нарекувавме демократски, да ни се преобразил во најцрна диктатура? Дали Македонија, наместо од социјализам („комунизам“) во капитализам, преминала во некаква, досега невидена, форма на фашизам? Сè ми се чини, ја срушивме сопствената држава (Југославија) во име на рушење на постоечкиот „нехуман“ систем и бришење на границите, а останавме затворени во тор, со нови граници, впишани дури и онаму каде што никогаш ги немало! Системот ни се претвори во беден национал-социјализам продуциран од истите сурати, довчерашни „комунисти“!
Постојат научни трудови кои го анализираат егзистирањето на фашизмот во денешни „наши“ услови. Наведени се неговите основни специфики: силен и континуиран национализам, презир кон човековите права и слободи, пребарување и пребројување внатрешни и надворешни непријатели... Воспевањето харизматичен лидер, за кого се вели дека поседува натчовечки способности и дека единствено тој може да ги застапува и да ги сочува националната култура и посебност, па оттука, неговата реч претставува закон! Се акцентира и неопходноста од национално единство, за чии потреби се зајакнуваат тајната полиција и цензурата, вон сите уставни ограничувања, а сето тоа се поставува под апсолутна доминација на лидерот и неговата политичко движење, или партија! Милитантниот антикомунизам и потенцирањето дека комунизмот претставува непосредна опасност за националната безбедност, исто така се дел од карактеристиките на ваквото општество! Презир кон демократскиот социјализам, демократскиот капитализам, либерализмот и кон сите облици индивидуализам, нивна осуда, како слабост и дегенерирани и неефикасни идеологии кои водат кон национално самоубиство! Глорификација на физичката сила, фанатичната лојалност кон лидерот, борбената готовост, како врвови на личната доблест! Софистицирани апаратури и методи за пропагирање на овие идеи, по пат на вешта манипулација со медиумите, целосно монополизирани од страна на власта! Склоност кон агресивна и милитантно настроена надворешна политика! Строга регулација и контрола врз економијата од страна на режимот, како и опширна контрола на платите и цените за да се осигура приоритет на целите на политичкото раководство, над приватните економски интереси на граѓаните! Затоа, на повеќето позначајни фирми им е дозволено да работат само во неконкурентни и однапред, од власта, одредени и договорени услови! Опседнатоста со националната сигурност (креирање стари и нови виртуелни непријатели), спрега на религијата и државата, презир кон интелектуалците, науката, уметниците и уметноста (обезвреднување на нивниот труд преку воспевање на безвредното), гушење на работничките права и наспроти тоа, апсолутна заштита и привилегирање на новосоздадените бизнис „елити“... Вака, научниците, ги опишуваат знаците на можното опстојување на најцрната диктатура!
Зарем некому му се потребни научни студии, за да го открие очигледното?! Дали ни недостасува силниот и континуиран наци(онали)зам? Сите останати ни украле сè (јунаци, митови, песни, територии, азбука...), а тоа „Сè“, започнува токму кај нас! Големината на патриотизмот почнавме да ја мериме преку бројот на јарболи со знамиња! Дали не е видлива селективната примена на законите? Добар си додека си со власта, штом си против нив, тогаш си криминалец! Дали е невидливо откривањето непријатели, по принципот - штом не си истомисленик со „нашиот“ Шериф, тогаш си предавник? Дури и самиот Шериф McLaboud повика на засилено ангажирање за пронаоѓање и разоткривање на истите! Единствено, можеби милитаризацијата (војската) нема значителен процут, но очигледно е дека нејзината улога ја превзема полицијата, заглибена во криминал и насилство! Таа е и најплатената служба, но и најисплатливата! Со „надворешниот непријател“ проблемот е што списокот од соседите („кои секогаш ни го мислат најцрното“) е проширен на целата ЕУ, па дури и на други држави и на личности (дипломатски претставници), кои имаат поинаков став за псеудобарокната „преродба“! Жално е што на повикот за забрана на абортусот, за многудетно семејство, му се приклучија дури и етаблирани интелектуалци, „мислители“ (како јадниот Ф. Мухиќ), што силно говори дека, лудилото и глупоста на ирационалниот национализам се неизмерно заразни! При тоа, овие вечно привилегирани интелектуални полтрони, наполно ги игнорираа природните и здравствените аргументи против ваквите луди акции! Мачоизмот, силно го промовираше и минорниот владетел, рекламирајќи спортски сали и теретани, трансформирајќи се себеси од компарса-боксер во ликот на Иберменшн! Кичфигурините од лудиот проект на надрибарокот се доказ дека политиката интервенирала во уметноста, или, пак, дека за уметност го признаваат исклучиво она што тие можат донекаде да го разберат! Но, истото се случува и со науката - умно е само тоа што го глорифицира националното! Омаловажувањето на интелектот и на интелектуалниот труд го покажува степенот на нивниот огромен и невиден примитивизам, спакуван во „граѓанска“ фасада! Секако, се работи за неизмерни простаци кои успеале (сме им дозволиле) да станат моќни, а таа своја моќ, исклучиво преку сила и целосна инсуфиенција на интелект и знаење, непречено ја покажуваат и докажуваат! Обидите за воведување на религијата во образовниот систем, изземањето на Црквата од правниот систем и нејзиното внесување во привилегирана положба, над законите, се доказ за обидите за рушење на секуларноста на државата! Единственото што би го додал, а што е пропуштено, во научните образложенија на ваквите системи, е создавањето на строго контролиран систем на доушници, одговорни за „чистотата“ на мислата, но очигледно е и егзистирањето на тајна полиција кај нас, која ќе нè набљудува, следи и контролира! Тоа се спроведува преку бонуси и зголемувањето на привилегиите за своите прекуноќно вработени партиски послушници, сместени во јавните претпријатија и организации, но не е помало ниту нивното присуство и во приватниот сектор! За ваквите „кадри“ не важат правилниците на организациите, ниту законите! Тие можат да отсуствуваат од работа без намалување на платата, без впишување на отсуството! Тие можат да станат и шефови и директори со основно образование, а дури потоа да го завршат (на брзина) средното и високото! Токму со тоа започнува обезвреднувањето на интелектот! Изгледа, мултиплицирањето факултети е со цел да им се обезбеди полесно и побезболно завршување на овие нивни пулени. Камерите, поставени и онаму каде не би смеело да ги има, обидите да се контролира електронската и обичната пошта, телефонските разговори, без посебна причина и без да се обезбеди судски налог, обидите да се контролира секој разговор на вработените во некое претпријатие, организација, или во државна институција, јасно говорат за вистинитоста на мојата претпоставка, но и за нивните цели и намери!
Реалноста и секојдневието го потврдуваат подемот на диктатура, предизвикана од потребата за сокривање на сопствениот криминал на оваа крајно инфантилно-абузивна власт!
No comments:
Post a Comment