Monday, January 10, 2011

ОСМИОТ ПРИНЦ (ХАЧИКО)



Препарираниот Хачико, изложен во
Националниот музеј на науката во Уено
Деновиве прочитав една прекрасна приказна. Се работи за вистински настан, кој овој пат е актуелен и со еден понов филм.

Приказната започнува во Токио во 1924 година, кога професорот на Универзитетот во истоимениот град, Хидесибуро Уено, си зел како милениче (според некои го добил на поклон) еден пес од расата акита, старо околу два до три месеци! Професорот по агрикултура имал околу педесетина години и кученцето го нарекол Хачико (осмиот принц), бидејќи било осмото кученце, по редослед, кое се родило! Хачико, пораснал и станал многу привржан за својот господар.
Една од работите кои ги правеле заедно е и таа што Хачико, секој ден кога професорот заминувал на работа, го испраќал до железничката станица Шибуја, но и го пречекувал навечер, секогаш во исто одредено време, кога тој се враќал дома! Ова станало секојдневна рутина, адет, кој се повторувал сè до мај, 1925 година, кога професорот добил мозочен удар и починал! Токму тогаш започнува приказната за овој прекрасен верен пес, кој во наредните десет години не престанал да го чека својот господар на станицата! Хачико чекал колку можел, а потоа се вратил дома каде ја затекнал жената на професорот во солзи. Секој ден, во наредните десет години, се враќал повторно на станицата и го чекал професорот!


На Хачико, набргу, по смртта на професорот, му нашле и нов дом и газда, оддалечен неколку километри од железничката станица, но тој побегнал и се вратил на истото место, пратејќи ја пругата. Верувам дека обидите за негово посвојување не престанале тука, но Хачико постојано се враќал на железничката станица очекувајќи го својот газда. Постојано го носеле кај пријателите и роднините на професорот, но тој одново се враќал на Шибуја. Соседите и жителите околу станицата се спријателиле со него и секој ден му давале за јадење и колачиња. Станал легенда меѓу трговците и железничарите.

Споменикот на Хачико
во станицата Шибуја
Во 1932 година во еден од најзначајните весници („Асахи Шимбун“) излегува напис: „Верното куче го очекува својот господар цели седум години“ и оттогаш многу знатижелници ја посетуваат станицата за да се дружат со Хачико. Приказната ги освојува срцата на Јапонците, а станицата станува цел на масовни посети. Во 1934, задивени од безрезервната љубов и од верноста на кучето кон својот господар, мештаните му подигнале споменик од бронза во близина на станицата, на чие откривање присуствувал и самиот. Хачико умира една година подоцна од старост, на 8 март, 1935. Мртвиот Хачико го наоѓаат на улица во близина на станицата Шибуја. После неговата смрт, која одекнала болно и нашироко, во Јапонија бил прогласен ден на жалоста. Тој е препариран и заедно со неговите останки се чува во Националниот музеј на науката во Уено, Токио. Хачико бил постојано посочуван од јапонските наставници и родители како пример кој децата треба постојано да го следат!

Споменикот на Хачико од станицата Шибуја бил претопен во Втората Светска Војна за воени потреби, но во 1948 година повторно е излеана и поставена на истото место. Денес е една од најпознатите статуи во Токио и е собиралиште на младите.

Околу споменикот, посетителите сè уште оставаат колаченца за прекрасниот Хачико!

No comments:

Post a Comment