Велат, тие правеле нешто. Велат, овие барем нешто изградија. За жал, од ваквите констатации произлегува дека не е битно што се гради, битно е нешто да се гради, па макар тоа било и полски ќенеф. Небитно е што за него се платени милиони евра! Тврдат, најпосле се гледало каде оделе парите кои ги даваат даночните обврзници. Таквата логика оправдува да платите иста цена за ѓердан од дваесет и четири каратно злато и за ѓердан обоен со златна боја, само за да поседувате нешто златно. Дали навистина би направиле такво нешто?
Тоа што изграденото најчесто се смешни градби на кои им се додадени уште посмешни споменици кои немаат никаква врска со уметноста и естетиката, освен со подгревање на национализмот преку наративни мотиви, воопшто не ги засега ваквите празни душички. Тоа, што со парите фрлени за нив можеа да се опремат со најсовремени медицински апарати најмалку стотина болници низ Македонија и истовремено да се реновираат и изградат нови за нив е безначајно. Иако со остатокот од тие пари можеа да се обноват училишта и да се осовременат со нагледни средства и нови компјутери без помош од УСАИД, па дури и да се изградат и асфалтираат неколку водоводи, канализациони мрежи, патишта и улици по руралните населби кои се дават во кал, тоа воопшто не ги загрижува. Тоа што дури и во Скопје има населби со септички јами наместо со современа канализациона мрежа, за нив е небитно. Целта им е да се сочува образот на партијата, да се глорифицира нејзиното раководство по секоја цена, дури и кога е очигледно дека ја сотреа државава. Образот - црн како јаглен, а раководството - добро организирана злосторничка дружина, секогаш во право, дури и кога поим немаат што прават и кога безочно лажат.
Новост во пропагандните измаглици и лаги е дека „шарената револуција“ оштетила, или уништила, некаква неверојатно значајна национална култура и уметност. Одат дотаму што дури е нарачано и судско вештачење со кое ќе се утврдувала штетата врз овие „трајни традиционални вредности“ на македонскиот народ. Целта на ваквата акција е секако пронаоѓање на сторителите снимени со камерите на тајната полиција, нивно јавно жигосување преку судење и наплата на „штетата“ причинета од неколкумесечното боење на градбите и спомениците.
Ајде најнапред да видиме колку грозомората „Скопје-2014“ може да биде национална уметност и култура и дали „шарените“ рушеле и оштетувале национални, културни и традиционални вредности. Веднаш да расчистиме, традиција секако не може да биде нешто што е изградено пред две-три години, па така „традиционалните вредности“ веднаш ги отфрлам како некаков аргумент. Во услови кога фактичките состојби говорат дека вистинските естетски национални вредности се безгранични, безвременски и мултинационални, поточно глобални, не можеме да говориме за постоење национална уметност, особено не во XXI век. Францускиот, шпанскиот барок, италијанската ренесанса, надреализмот, кубизмот, модернизмот, британската, руската, шпанската книжевност се светско културно наследство и одамна излегоа вон границите на нацијата и државата. Тоа е една од нивните најголеми вредности. Уметност не може да се создава на сила, исфорсирано, како што насила не можете да создадете умен човек. Националната уметност и култура на која ѝ е наметната содржината, етичка, или идеолошка и политичка рамка, со точно одредени мотиви чија цел е да ја прикаже историјата по желба, според идеолошката матрица на една владеачка партија, а не според доказите и документите, веднаш по довршувањето е неспособна да ги достигне естетските вредности пропаѓа и се губи. Под притисок испарува секаква културна и естетска вредност, а националното не се ни обидува да стане светско и општочовечко, па така завршува на локално буниште. Внимавајте! Во проектот „2014-та“ нема ниту ронка етнички примеси на Македонците или на другите народи кои живеат во Македонија. Целото лудило се засновува врз карактеристиките на грко-римската антика. Изобилува со јонски, дорски, коринтски столбови, каријатиди, барелјефни тимпани и архитрави, римски славолуци и столбови со наративни скаски за историјата на „големиот“ народ, а сето тоа нема никаква врска со македонскиот идентитет, уште помалку со нацијата, уметноста, културата и естетските вредности.
Мотото de gustibus non est disputandum
(за вкусовите не се расправа) воопшто не важи кога се работи за
естетскиот вкус туку единствено за чулниот, физичкиот. Ваквото гесло
вметнато во естетиката води до погрешни заклучоци и воопшто не прави
разлика меѓу уметност и кич. Невозможно е да очекувате изграден
сензибилитет за уметност кај некоја неписмена и неука личност и од него
да барате мислење за допадливоста, за тоа дали некое дело е убаво, или
трагично невкусно.
Иако многумина мислат дека уметност е сè она што изработил некој уметник, или некој кој мисли дека уметнички бил способен да се изрази повикувајќи се на некаква уметничка слобода во изразувањето или на дарба, таа има неколку значајни постулати кои ја детерминираат и од кои не може да отстапи, па оттаму познавачите прават јасна разлика меѓу кичот и неа - Кралицата Уметност, поставувајќи јасна граница. Прво и основно правило кое одредува дали некое дело е уметност, или не, е неговата оригиналност. Второ е делото да одговара на времето во кое е изработено, да е сообразно со него, а не парахроно (замислете сцена од камено доба во која некој држи мобилен телефон во раката!). Уметничкото дело за да се перцепира како такво мора да претставува целина, а не распар од поединечни независни парчиња кои егзистираат секое како посебна приказна, или што постојат сами за себе. Четврто правило е дека тие мора да претставуваат една оптички урамнотежена целина, поточно композиција. Петто, во ниту еден случај не смеат да претставуваат поучен расказ (fabula docet), или нагледно наративно средство. Оттаму, малограѓансково барокно лудило во Скопје не може ниту да се нарече уметност, а уште помалку да има некава значајна културна, естетска, или национална вредност.
Еден познат мислител од XIX век ќе дојде до значаен заклучок за колективната естетска свест (наспроти онаа индивидуалната која ја гради уметноста), па ќе утврди дека народниот вкус, состојбата на неговата свест за естетските вредности, јасно ги одразува политичките состојби во една држава. Каков е вкусот на народот (се мисли на естетскиот вкус и неговото чувство за убаво, особено за уметнички убавото), таква е и власта. Значајно е во што ужива народот, што просудува како убаво, каква музика го весели, возбудува, поттикнува, па веднаш ќе согледаме и каква е политичката клима во народот и како му е конституирана неговата власт. Поврзаноста оди дотаму што лошиот диктаторски режим со своето владеење продуцира атмосфера на неслободи, а самата таа неслобода влијае лошо врз најсуптилниот дел од нашата свест - естетското чувство. Вака рудиментираниот естетски вкус на народот поддржува и избира слична лоша авторитарна власт, која извира од заедничкиот невкус што долгорочно може да ја доведе во опасност дури и онаа индивидуална непоматена свест. Со поплавата од новокомпонирана ека и бучава, со музичко-ликовната какoфонија распространета низ последнава деценија може да заклучиме единствено дека вкусот на народот е под границата на лошиот вкус, па повеќе можеме да говориме за загрижувачки распространет невкус во народов, одошто за негов вкус. Одличен начин експресно да се осознае целата политичка ситуација во земјата. Власта тврди дека нема цензура, но кога ќе налетате на конкурсот за одредени архитектонски или ликовни дела самата назнака дека се бара некаковси „барок-стил“ во архитектурата или крајно наративен „реализам“ во сликарството и вајарството, станувате свесни за степенот на политичката интрузија во уметноста, која кај нас не беше во таква состојба дури ни во почетниот стадиум на комунизмот, а сега врши безочна агресија врз сè што веќе одамна станало белег на македонската национална култура и уметност.
Во периодот на десетгодишното владеење на квазипатриотиве снема повеќе од дузина споменици низ градов! Нагрдени се Скопското кале, Камениот Мост, нагрден е градов, сменет му е личниот опис. Уништен е ликот на зградата на владата (ЦК СКМ), ремек-дело на архитектот Муличковски, Старата железничка станица изгледа како во неа да удрил уште еден земјотрес, од грбот на државата е избришана петокраката со што е нарушена целата композиција, ја снема зградата на старата фабрика за сапуни во Кисела Вода „Цветан Димов“ (поранешна „Аеро“). Уништен е муралот „Слобода“ на Борко Лазески, исфрлени се од Собранието во контејнер за отпад слики на Т. Шијак, скулптура на Дадата заврши на буниште, преселен е споменикот на жртвите од скопскиот земјотрес од Т. Серафимовски. Уништена е фасадата на „Пелистер“. Претворена е во софиски ЦУМ зградата на Стоковната куќа НАМА дело на С. Брезовски кој е автор и на Соборната црква во Скопје. Пресвлечени се во барок зградата на МЕПСО, дело на З. Штаклев, како и зградата на ЕВН дело на Петричиќ, а во намера е нагрдување и убиство на повеќе од десетина згради во центарот на Скопје, оние на „Пеко“, на Стопанска банка, дури и ГТЦ... Се уништува сè што носи белег на социјализмот, но забораваат дека токму тогаш настана процутот на македонската уметност и култура. Токму тој период беше периодот на македонската национална ренесанса, неналожена од политички центри на моќ. И кој е тогаш вандалот, хулиганот? Кои се рушителите на македонската национална култура и уметност? Луѓето од „шарената револуција“ што од гнев ги бојат ваквите грдотии, или оние шалабајзери кои се дрзнаа да преправаат уметнички дела и прекројуваат седумдецениска македонска традиција, непроценлива уметност и култура, заменувајќи ја со безвредни вредности?!
Кога ќе настрадаат стаклата на канцеларијата на човекот одговорен за хаосот по улиците, тој што прогласи аболиција за криминалци и за градители на налудничави безвредни споменици и стиропорен шуплив барок преку чија изградба и креација квазипатриотите се посраа врз националната култура и уметност, тогаш бојадисувањето на псеудобарокот и нациспоменичарството не е насилство и вандализам, туку исмејување на глупоста! Не може да обезвредните нешто што нема никаква, ниту некогаш ќе има некаква вредност!
No comments:
Post a Comment