Wednesday, May 13, 2015

ДИВИ ОРДИ ВО ДИВО НАСЕЉЕ



Легендарната Гоца, во својство на министерка за внатрешни работи, сликовито си ги опиша сопствените вработени: „Си се нервирам што е, така, ш’о некој малоумен, не му текнало дека не можеш убиство да скрие. А бе, овој идијотов, мислам… Како можел така? Треба да си малоумен! Да ти е изваден мозокот и стаен у тегла и да искочиш надвор!“. Како, во таква состојба и со такво членство, е можно да не обезбедиш нов мандат со 102,3% гласови кога како „Пастиу“, кога зад себе имаш мноштво од околу петстотина извадени мозоци стаени у тегла, а при тоа немаш ни самиот многу у теглата со што би се пофалил и си ја забораил дома!? И токму овој монструозен криминалец, истиот празноглав мудрец, се осмели да ги нарекува протестантите кои застанаа пред Владата
„членови на СДСМ, криминалци, насилници, платеници на Сорос“ и со други навредливи зборови. Видов преку стотина мои пријатели за кои со сигурност знам дека се членови на ВМРО-ΔΡΠΑΜΕ. Видов уметници, електро-инженери, лекари, градежни и машински инженери, архитекти, професори, но ги видов и наредбодателот Гоца скриена во холот на Владата, неколкумината уфрлени кои ја предизвикаа целата беља и возилата на СГС паркирани пред Соборниот храм.

Резултат на протестите се повеќемина повредени и уапсени цивили, неколку повредени припадници на полицијата. Меѓу уапсените после демонстрациите има и најмалку четири жени кои видов како полицијата ги апси, им става лисици и ги удира. На мојата реакција дека се „големи херои“ и „мажишта“ затоа што тепаат жени, ми се пушти група од десетина полицајци со зборовите: „Сакаш и тебе да те приведеме и натепаме?“. Се одбранив со јасно ставање до знаење дека ниту сум се однесувал насилнички, ниту сум ги навредувал и дека немаат основ да ме приведат. Полицајци влегоа во читална на библиотеката „Браќа Миладиновци“ и брутално тепаа, навредуваа и се изживуваа врз студенти. Во Македонија! Во XXI век!? Велат, не може некој да спрема испити после 20:00 часот! Од луѓе скарани со книгите сешто може да се очекува! Отпосле дознаваме дека по нередите е притворено некое лице (Б.Ј.) „кое има 40 кривични пријави во врска со 15 разбојништва, 9 тешки кражби, 5 кражби, 2 насилства, 1 спречување на службено лице во вршење работи од безбедноста, 1 убиство во обид, 1 противправно лишување од слобода, 1 учество во тепачка, 1 насилство извршено во група, 1 телесна повреда, 1 фалсификување исправа и 2 измами...“ Уф! Се изморив од набројување! Дури и бил 16 пати гонет со пријави за нарушување на Јавниот ред и мир и согласно Закон за оружје!? Како тогаш ваквото лице шета на слобода и предизвикува немири е крајно нејасно? Зарем немаме Служба за безбедност што ги следи ваквите лица, како во „комунизмот“, за да ги спречи неговите постапки?! Не верувам дека ваквиот е член на било која партија, а ако е на слобода тогаш е доушник на тајната полиција на братучедите и е злоупотребен за настанот!

Често пати Николче Наш го споредуваат со Путин, со Милошевиќ и други поранешни и сегашни диктатори, иако е чудно како, за лицата кои ги прават овие споредби, Туѓман и Изетбеговиќ никогаш не се во листата на апсолутистите. Да се споредува Малото Диктаторче со било кој од досегашните личности кои во светот се водат како диктатори е повеќе од неозбилно! Милошевиќ, Гадафи, Садам, Хитлер, Сталин, Тито... ниту еден од нив немал свој прв братучед за шеф на тајната полиција, братучед во Царина, ниту еден немал свој кум за вицепремиер и министер за економија, или братучетка за обермастер на ликовни грдотии! Еве, да прашам: Та, зарем вие од СДСМ не знаевте дека Мијалков е братучед на Гвујо, па сега упорно го опишувате преку наведените личности?! Не знаевте дека роднинските врски во УБК ќе создадат атмосфера на недемократски монструозен режим? Зошто веднаш не се спротивставивте на таквиот избор на директор на УБК (*која прерасна во сто пати пострашна институција од УДБА)? Не знаевте дека ќе забега во фашистичка страховлада? Зошто толку долго молчевте на непотизмот во бандитската влада на Гвуица? Заради сопствените привилегии? За да не си го нарушите комодитетот!? Тој не наликува на ниту еден претходно познат диктатор во светот. Повеќе наликува на Амди Бајрам. Ние си го имаме најмалото, најмизерното диктаторче на светот! Толку примитивизам, злоба, неписменост и неукост немам видено кај ниту еден од светските диктатори! Таквиот го оставивте девет години да ја претставува Македонија во светов!

„Мудрите“ Гоца и Колјо нè воведоа во состојба од која нема враќање. Цело време се трудеа да инсценираат крвави сукоби! Блокирана е улицата пред владата, нарушен е Уставот бидејќи забрана за движење на улицата пред Владата може да се донесе само во услови на воена (вонредна) состојба. Планот на Владата (ВМРО-ΔΡΠΑΜΕ) е очигледен – да се предизвика прогласување на вонредна состојба во целата Држава! Македонија, стана жртва на дрски криминалци кои ќе сторат сè за да го заштитат она што го опљачкаа од државната каса. Ова е срам за државата, а директната и најголемата вина за ваквите состојби ја сносат оние чии гласови ги слушаме на снимките во кои истите актери јасно ПРИЗНАВААТ И СВЕДОЧАТ ЗА НЕВИДЕН КРИМИНАЛ, МЕСТЕНКИ НА УБИСТВА, ЗА НАРАЧАНИ ТЕКСТОВИ И ИЗЈАВИ ВО МЕДИУМИ и сл.! Никаде во светот не е виновен оној кој посочува кон извршениот криминал, ТУКУ ОНОЈ КОЈ ИЗВРШИЛ И ПРИЗНАВА КРИМИНАЛ. Само кај нас вината му се припишува на оној кој ги открива злоделата! Наздравје диктатура и полициски час, сограѓани! Колку да напоменам – во војната во 2001-ва НЕ БЕШЕ ПРОГЛАСЕНА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА!

Еве ја денес во Куманово тортата од стиропор налиена со бензин, запалена! Очигледно во снимките за Смилковско Езеро постои опасна приказна чие објавување мора да се спречи! Единствениот начин за таквото нешто е да се предизвикаат судири. Ова во Куманово не е меѓуетнички судир, туку судир меѓу полиција и криминалци кои МВРО и власта со години ги оставаше да живеат на мира, ширејќи безаконие низ градот. Со години таму се паркира среде улица, се продава хероин, се краде, принудува, уценува, граба. Бајруш со години командува од затворот снабден со најмодерни лаптопи и мобилни, сосема слободно преку интернет ја управува мафијата која е поврзана со мафијата на власт. Велат од затвор го има купено скоро целиот Трговскиот центар „Гарнизон“ и повеќето станови во зградата во него. Колкумина има уште поопасни од Бајруш кои се вклучени во валканата игра? Власта преку моќта и службите за безбедност успешно (зло)употребува криминални банди за свои цели. Таа ја злоупотребува дури и полицијата за свои лични и партиски цели и интереси и делува на ниво на организиран криминал. Крајно време е мафијата, ОД ЗГРАДАТА НА ВЛАДАТА да ја ПРЕФРЛИМЕ онаму каде ѝ е местото - ВО ЗАТВОР!

 Ден потоа кумановското Диво насеље изгледа како во него да влегле диви орди. Пекол! Запалени автомобили, изгорени и разурнати куќи, убиени домашни животни, чаури... и многу крв... Пустош. Солзи. Стотици граѓани изложени на ризик да загинат, меѓу нив старци, мажи, жени и деца. Ниту еден од нив терорист, ниту еден од нив криминалец. Ги познавам, сум бил таму. Има Албанци, но има и Македонци и Срби. Ја слушам приказната на еден инвалид. Слеп е! Раскажува како полицијата го однела во полициска станица во Скопје и го тепала (ги покажува модринките по телото), иако претходно им било јасно кажано дека се работи за слепи луѓе. Неколкумина се! И повторно ме лазат морници, повторно ми се превртуваат цревата. Разурнато Куманово 2015 наспроти „барокно“ Скопје 2014, овозможено од Владата на РМ! Зошто токму Куманово? Затоа што само една недела претходно во него се одржа Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ на кој беше реизбран нивниот Пастиw со само еден неважечки глас? Зошто токму на 9 мај? Случајно!?


Врв на несериозно однесување на политичката врхушка е свикувањето „итна“ седница на Советот на безбедност. Итна е онаа седница која се одржува во тек, или веднаш по настанот кој се случил! Ако таа се одржи неколку часови откако настанот завршил, таа воопшто не е итна! Откако беше на парадата на победата во Москва, не може да се каже дека „итно ја прекинал посетата и се враќа назад“! Како тоа претседателот Хорхе итно ја прекинал посетата на Москва, а го има на фотографии кои покажуваат дека напуштањето на Москва и не било толку итно како што се прикажува? Од Москва за Скопје со авион нема повеќе од 3-4 часови лет. Нека има и половина час до вилата на Водно, претседателот можеше да одржи седница на Советот за најмалку 7-9 часови после примањето на информацијата за Куманово. Велат имале добри разузнавачки информации, па го нападнале кумановското Диво насеље „за да спречат терористи да делуваат врз државни цели“. „Добри разузнавачки информации“ се оние кои превенираат вакви ексцесни состојби! Во Куманово намерно се жртвувани полицајците. Бројот на полицајци кои учествувале во целата операција не се наведува. Во јавност излезе вест дека македонски полицајци ја напуштиле границата кон Србија. Поверојатно е дека биле повлечени за учество во операцијата. Повеќе од 30-тина од нив се повредени, 8 загинати, а нападнати се од група која броела 40 (Груевски), или 70 (Јанкулоска) „терористи“(!?) и што е уште пострашно - жртвувано е и доведено во опасност мноштво цивилно население само за да се сокрие злосторот на врхушката (криминалци) која ја зграпчи власта, па сега смета дека има право да се поигрува со човечки судбини! Бројот на цивилни жртви е непознат, нив никој не ги изброи. Ги има, или ги нема? Засега е непознато. Кој знае каква содржина има во снимките кои беа најавени за објавување во вторник, штом се дрзнаа да го жртвуваат сопствениот народ заради тоа?

 Неколку работи останаа нејасни после изјавите на надлежните, меѓу нив и онаа на самиот Груевски. Никој не објасни како овие „силно организирани терористички групи“, „најдобро обучени“, после Гошинце, откако беше раструбено дека се уништени, дека сè е под контрола, и дека нема безбедносна опасност по државата и по граѓаните, успеаа да се сместат во уште поголем број и тоа во центарот на Куманово (град со повеќе од 70.000 жители) неприметно и вооружени со тешко оружје?! Зошто претседателот ја напуштил државата дента пред да се случи хаосот, штом подолго време знаеле (осум месеци) и ги информирале постојано странските дипломати дека има паравоени терористички групи и дека ќе се влоши состојбата? Зошто не ѝ признаат на јавноста дека службите за безбедност воопшто не функционираат, или барем дека не функционираат за заштита на државата, туку само за заштита на суратите од власта кои отворено и јасно со своите препознатливи гласови изјавуваат дека извршувале бескрупулозен грабеж на државен имот, криеле и креирале убиства и вршеле други видови злостор? Не може да испратите намерно во смрт осумина полицајци и потоа истите да ги прогласите за херои, само затоа што загинале! Гоци, дали понекогаш си ја носиш теглата со себе? Очигледно е дека си ја заборавила дома, или ти е оставена некаде на улица да зјае празна!

Postscriptum
Во светот - оставки поднесуваат од срам! Овие ни срам, ни перде, а очигледно не чувствуваат ни одговорност за сторените злодела! Напротив, убедени се дека работеле во интерес на Македонија, а оставките, велат некои извори, биле изнудени од странските амбасадори во Скопје. Сè уште ја чекам оставката на главниот виновник.

Секако, се гнасам од секој обид граѓанскиот револт и бунт да се закити со партиски ловорики! Меѓу нас има огромен број вмровци, сдсмовци, но најмногу непартиски определени луѓе! Нè има од сите професии, нации и од сите вери! КРЕНАВМЕ ГЛАС!

No comments:

Post a Comment