Monday, August 24, 2015

НЕШТО КАКО ПАРИЗ, АМА СО ЛАЈНА



 Видела жабата дека коњот го потковуваат, па дигнала нога и неа да ја потковаат! Вака наликува лепењето стиропорни и гипсани фасади на модерни зданија (изградени по земјотресот) кое ниту е стил, ниту е (нео)класицизам, уште помалку некаков барок. Кога на зграда со барокни столбови ќе ги оставите дрвените прозорци со скапани и искривени ролети, кога сте ја обновиле фасадата само од едната страна, а од другата си останала иста, или кога внатрешноста останала гнила, тоа воопшто не е стил туку неспособност да ги изградите и вообличите нештата до крај!
Кога ќе изградите Триумфална капија, а целата околина наоколу ќе ја оставите раскопана, неасфалтирана со плочки од фонтана која одамна сте ја разрушиле затоа што ве потсетувала на социјализам, може ли да говориме за некаков стил!? Кога околу мост кој сте го нарекле „Мост на уметноста“, на кој сте натрупале скулптури без усул за да безуспешно го докажете уметничкото во него, ќе оставите ѓубре и градежен крш и при тоа наоколу ќе го разурнете целиот бедем на кејот, зарем тоа е барок!? Каде на друго место освен во Македонија има таков барок?!

 Знаете ли вие антички комити воопшто што е барок, класицизам и неокласицизам!? Тоа е стремеж кон совршенство, тоа се градби, скулптури, слики, текстови, музика и предмети со префинета перфекција! Тоа не се дупки во вештачки материјал после само три месеци од неговото поставување! Тоа не се разорани плочки и раскопан асфалт наоколу! Тоа не е стиропор и малтер „како мермер“, туку најскап бел и боен мермер, базалт, гранит, алабастер, злато, килибар, слонова коска и друг скапоцен материјал, сместени и стокмени до перфекција во една прекрасна целина! Во него сè е на свое место! Секој детаљ, секоја ситница, секое камче е поставено онаму каде што треба и е вметнато во една волшебна композицијата со совршен склад и хармонија. Но тоа вам и на новокомпонираниве барокни уметници и градители не ви претставува ништо бидејќи композицијата и перфекцијата воопшто не ви се битни. Битни ви се само претставата, одбраниот народен „јунак“ и големината на зданијата. Што поголеми, тоа помоќно се чувствувате! Делата од периодите што ги копирате се изработени и украсени со скапоцени метали и драги и полудраги камења. Не се тоа делумно направени дела и градби кои прокиснуваат, не се градби кои тонат и на кои после три-четири години им треба поправање и ретуширање бидејќи се распаѓаат! Во барокот воделе сметка и за тоа што го граделе, но и за амбиентот кој ќе ги опкружува. Околината на таквите градби е претворена во зелен рај со огромни паркови од дрвја донесени од целиот свет (Твилери, Петерхоф и др.), а градините ‒ ве оставаат без здив. Геометрија и хармонија сведени на генијалност, безброј фонтани, па дури и прскалки кои треба да го изненадат и испрскаат со вода посетителот заради забава, уште во XVII и XVIII век (ние паѓаме во несвест што една слична е изградена кај нас после четири векови). Нивната идеја била базирана врз античката перфекција и убавина, возобновување на нивните пропорции и нивниот начин на компонирање. Идејата на идеолозите на скопскиот турбофолклорен барок е да ја претворат македонската метропола во античка патина, во нешто што ниту може да постои, ниту некогаш постоело и токму тука е сржта на будалаштината на лудилото, па брујат како сме го прескокнале, како тој бил наш национален производ, како лично самиот Аце Велики (нивниот директен предок) да го измислил и да го распослал низ светот. Композицијата и перфекцијата за вас се и онака небитни, па не ни знаете дека постојат како нужност во едно дело. Не знаете ни што е суштината на убавото, како изгледа потребата таа да ве вознесе. Се вознесувате на ликот, мотивот, се занесувате по тоа што, ете тој, суратот од споменикот, најпосле се појавил како дел од „нашата“ копи-пејст новосоздадена историја.

 Кај нас псеудобарокниов „рај“ е далеку од стил. Тој е израз на длабока малограѓанска искомплексираност и невкус на луѓе кои си умислиле дека се нешто што никогаш нема да бидат. Го градат од вештачки мермер, стиропор, обично дрво или префарбан гипс. Наместо злато и позлата со листови од злато, фарбаат со жолта боја која треба да одглуми злато, а сето зеленило кое дотогаш постоело околу нив е уништено, па повеќе наликува на пустелија разурната од некој земјотрес, на делумно направена градба, започната, па забаталена. При градењето не користат ниту тула, туку градбите најнапред се градат со бетонска арматура, а на тоа потоа, озгора, само се лепи гипсана или стиропор фасада, или „малтер кој наликува на мермер“. Античките пропорции и постулати на нашите мегаломани воопшто не им се битни. Ним им се доволни висината, големината на мечот, на револверот, на камата и на опашот од коњот! Доволен им е сјајот на светлуцавиот материјал за да занемат и да почнат да се гордеат и да им се воодушевуваат на глупостите што ни никнаа по партиска задача. Наместо скулптура во злато, имаме скулптури од месинг или од евтина бронза кои експресно позеленуваат. Сето ова, наплатено два ‒ три пати поскапо отколку кога би користеле благородни материјали. Што ли е поентата на ваквото вештачко стареење на материјалот ако не желбата да се направи копија на старото, желба да се стави вештачка патина на новото!? (В)Морониве им се радуваат на експресно појавените пукнатини кои се појавиле како доказ дека се работи за стари градби. Кое лудило е тоа! Да се докаже староста на нацијата, создаваат грдо новороденче (кое патем е одамна мртво) и му ставаат лик на уште погрд старец! И на тоа таквото ‒ скапано, грдо, несовршено растурено, пренатрупано, преполно со дупки и глупости ‒ вие, античките потомци на Александар си се гордеете!? Згора на тоа, таквата будалаштина барате да ја воспеваме како национална гордост, а ако некој се побуни станува мета на владините лигави апологети и им следуваат купишта навреди и омаловажување дека се глупави, дека се против нацијата, предавници, луѓе што работат против нејзиниот препород и сл.

 Причината зошто не смеело („без причина“) да се потенцира и кажува, дека налудничавиот малограѓански проект за „разубавување на метрополата“ е непродуктивно трошење и хохштаплерај за перење пари без усул, била во тоа што така „критизерите“ ќе ги избркале инвеститорите, кои ете, се тепале да вложуваат во земја со толку споменици и налудничави „барокни“ фасади. Едвај чекале, кутрите! Главната аргументација за ваквата идиотско-патриотска претстава е дека ‒ „за прв пат во македонската историја македонската градежна оператива“ градела „свој плоштад“. „Прв пат во историјата скромните Македонци ‒ Трајче, Мирче, Стојче, Страше...“ се исправиле и застанале „гордо со Воинот“... И тогаш настапува главното: дека градењето лудило и гнили детски играчки, со рок на траење од само неколку месеци, било со цел да се заштител и воздигнел идентитетот на нацијата, а сето тоа („градењето“) било најбезболна варијанта на отпор и војна против тие што имале „класичен барок“ кој „бил граден со потта на робовите“. Третата теорија за потребата од претворање на Скопје во селски панаѓур е дека така ќе сме ги привлекле туристите и веднаш следува пропагандна навала дека, откако никна барокот во Скопје, кутрите ние не можеме глава да дигнеме од безбројните туристи кои се тепаат да го видат „чудото“.

 Ете, тоа се аргументите на апологетите на скопската инсанија. Нема врска што во нив нема никакви аргументи од уметноста и естетиката кои би ја објасниле и разјасниле потребата од градењето изумрен барок! Нема никакво појаснување зошто десното раче на Јустинијан му е несразмерно помало и од главата, но и од левата рака. Нема објаснување зошто Карев и Кралевиќ Марко наликуваат на дегенерици со големи глави и мали кратки нозе. Тие тоа не го ни приметуваат! „Битно е да се гради“, велат. Што и како градат, ним не им е ни битно, важно да е изградено од луѓе кои се занесуваат дека се директни наследници на античките Македонци. Искривени, несразмерни, шупливи, гнили... наше си е, велат и горди сме си што најпосле се појавија нашите герои, и тоа сите качени на коњи. Тие ќе се гордеат дури и ако му постават споменик на Гwујокио како си го јава „Мерцедесот“. Не ги поколебува воопшто тоа што познавачите на уметноста посочуваат дека пред нас се простреа најгрозоморни имитации на антиката, (лажен) соцреализам со нацистички примеси и изобличена пропорција. Кич кој воопшто нема врска со уметноста, туку единствено со перењето парички.

 Ајде, да тргнеме од воздигањето на идентитетот. Ми се погоди годинава, па неколку пати морав да чекам на шалтерите на МВР во МРТ! За документи кои за да ги извадат луѓето во светот чекаат не повеќе од 30 минути, или е доволно да стиснат само копче на компјутер, кај нас ќе ги чекаат со денови. Во самата просторија летово нема клима уред, на таванот се гледаат дамки од прокиснување, вработените седат на испокршени столчиња, народот чека во неред, а ако го утнете шалтерот, или не дај боже ви требаат два-три документи ќе си чекате на останатите шалтери одново, за секој документ поединечно. Едношалтерскиот систем што владетелот го рекламираше како совршенство е пред нас: има десет-петнаесет шалтери, работи само еден, па и таму ‒ треба да му се израдувате на документот што ќе го добиете после денови чекање и ако податоците во него ви се точно внесени. И бидете среќни ако го добиете за неколку денови, може да ви се случи деновите да се претворат во неколку месеци! Во меѓувреме неколку убиства, неколку заскитани куршуми, еден од нив удира во детенце, неколкумина прегазени на пешачки и на тротоар... Виновници нема, а зошто да има кога и нив ќе чекаме со месеци да ги пронајдат, осудат, казнат... „Македонија - силна!“, си повторувам во себе.

 Настрана фактот што „македонската градежна оператива“ со години (во „ропска Србославија“) градеше палати и зданија насекаде низ светот, битно е дека најпосле стасале дома и градат ко улави! Градеа во Ирак, во СССР, во Мексико, во Либија. Градеа, раме до рамо со останатите фирми од СФРЈ. Настрана фактот што под „ропство“ никнаа зданијата што тие, „големите патриоти“, денес ги возобновуваат и чии копии градат. Зградата на Скопскиот народен театар е изградена во 1927, а започнала како градба во приватен аранжман, кој од 1925 преминала на државна сметка и најпрвин е именувана како „Народно позориште Краља Александра“ (Караѓорѓевиќ) кој со посебен жар се залагал за остварување на идејата Скопје да има театар. Успеаа дури и неа да ја превртат, па денес нејзината имитација е обратно поставена, ориентирана во спротивен правец. Офицерскиот дом, алијас „Градска куќа“, е изграден во 1929. Во него се одигрувале матинеа, игранки, се прикажувале филмови, се одржувале конгреси (Конгрес на глумците во организација на глумците од Скопскиот театар) и слични настани. Старата железничка, Градската болница, Собранието, Стопанска комора (1933, „Метропол“) се од истиот период. И глеј чудо, имало и два споменика, два коњаника, токму на истото место каде денес се наоѓаат нивните имитации, денешните Даме и Гоце. Скопската касаба била константно градена и доградувана и во времето на Отоманската Империја, но и со векови наназад и во времето на Римското Царство кога биле изградени првите водоводи, канализации, бањи...

 Чекаат две Швеѓанки пред мене на каса во скопски супермаркет, двете носат по две конзерви пиво, едната Туборг, другата Скопско-црно. Едната поминува, а на втората касиерката и вели дека касата не дозволува да се наплати пивото бидејќи после 21:00 часот (беше веќе 21 и неколку секунди) не смее да продаваат алкохол. Швеѓанката почнува да се чуди, а јас и објаснувам дека се наоѓа во Земјата на чудата и дека тука е забрането човек да се натреска после 21:00! Се кикоти и ми напоменува дека, покрај смеата што и ја предизвикала силната барокијада, никогаш повеќе нема да ѝ падне напамет да стапне во мојата волшебна Земја на чуда. „Never more, never more…“, ми посочуваат двете Швеѓанки воодушевени од идејата што Гwујокио и преродбенициве мислат и на нивното здравје, а не само на моето! Патем, секаде во светот пивото и виното се сметаат за прехранбени производи, но тоа воопшто не е битно за преродбата. Си изгубивме и две згодни туристки, но и клиент за „Скопскоуу црно“.

 После подолг период решив да ги однесам децата на Матка со автобус на ЈСП, но и таму ме чекаше изненадување. Си планирав дека е доволно да го почитувам веб-информаторот за итинерарот, на службената страница на ЈСП. Го пропуштив намерно автобусот во 13:05 сметајќи дека ми е прерано да ги напуштам убавините на Матка, зеленилото и свежиот воздух, па одлучувам да го чекам оној во 14:55 часот за да стигнам со децата дома на ручек. Надвор, само околу триесет и осмиот степен, Целзиусов. Помина 15, помина и 16, пројде и 17 часот... На автобуската со мене уште десетина домашни и преку дваесетина странски туристи, чекаме заедно повеќе од три часа. Никаде објава, никаде објаснување, известување... Го прашувам келнерот во „Мечкина дупка“, а тој: „Зарем не знаете!? Па автобусите на ЈСП не возат до 19:00 часот за Скопје! Им било гужва, се мачеле шоферите многу!“. Заминуваме неколку станици понапред, дознавајќи дека до таму возеле, но и тоа да ти било дело на комуњарите, па моравме да „скокнеме“ до Сарај, на „двојка“! Туристите, привлечени од ваквата генијална идеја за привлекување, повторно „презадоволно“ брујат: „Never more, never more…“. Гордо Македонијо, си велам. Одбивам да си признаам дека после толку милениуми странска окупација и пиштење под ропство нè освоиле домашни идиоти! Е, дури сега сме си свои на своето, си велам гордо.

 „Некои нови клинци, без пардон и со невиден елан и ентузијазам решија да градат и изградија мостови, фонтани, споменици, градби...“ вели социјалистичкиот квазирежисер, кој истовремено глуми дека е и музичар и публицист. Додека го чекаме невозможното, бижутеријата „Скопје“-2014 да се претвори во злато и да стане уметност (единствено со некој декрет на „алхемичарот“ Груевски), тој заборави да ни каже дека, кога имитирате градители и градите од денес за утре, наместо градби за векови нанапред, тоа се вика „немале дечињата друга работа, па си се играле градители“, или јасно и гласно: „нè испокрадоа дечињава“, а не ‒ „се гради“! Сета идеја била за да се воздигнала националната гордост, да се зацврстел македонскиот национален идентитет, пишува тој. Како е можно да го зацврстиш македонскиот национален идентитет, ако создаваш имитација на градби од грчката антика, или ако ги копираш центрите на Софија и на Ташкент!? Како ќе си го воздигнеш сопствениот идентитет ако копираш туѓи дела!? Како ќе го воздигнеш идентитетот ако главниот град го претвориш во селски панаѓур?! Силната заштита на нациионалното ткиво се гледа и во подигањето споменици на бугарските офицери, дејци и шпиони: Тодор Александров, Борис Сарафов, Шарло Шаторов (Стария българин), Чакаларов и други, но и на такви кои ја прославиле Грција: Александар Велики, татко му Филип и епирската кралица, Ацевата мајка Олимпија, според „фалангата“ сите до еден ‒ нивни блиски роднини и чистокрвни Македонци. И како да се воздигне националната гордост со идејата „да биде како...“ и „да наликува на...“ (Лас Вегас, на пример)!?

 Толку многу градат мостови и фонтани што ми се чини дека во Македонија „некои нови клинци“ си играат со Лего коцки, а не дека нешто градат. „Во светот на бајките само, чудесно, тајно влегуваат...“ градат, си играат играчки, и во име на „гордоста што си градиме самите“ истава сподоба која уживаше во социјалистичките придобивки нема да ви објасни како е можно градбите што ги градат „новите клинци“ да се распаѓаат по само една година од нивното помпезно пуштање во употреба! Музејот на „жртвите“ на „комунистичкиот режим“, после само четири години има потреба од реновирање на конференциската сала за која ни се (одново) потребни не помалку од 520.000 евра, а повеќе од сигурно е дека ќе потрошат и повеќе. Одново се фрла огромна сума за сала која постои само четири години!? Зарем не ја направија „клинциве“ кога си играа градители? Треба ли да потсетам дека владетелот се фали дека за реновирање и опремување на болница потрошил „неверојатни“ 650.000 евра, а само оваа сала ќе чини уште на почетокот 520.000 евра!? Наспроти тоа се фрлаат преку 5 милиони евра за комична „скулптурална композиција“ од светот на детските сказни. Според ова, болниците би требало да ни наликуваат на вселенски центри и космодроми, а не на куќи од керпич кои прокиснуваат. Ех, типично е за „новите клинци“ постојано да си ги остваруваат сказните од бајките и цртаните филмови и да си градат играчки. Да не говорам за примерите за помпезно три-четирикратно отворање на исти болници, училишта, водоводи, или за празните училници, измислените нови лаборатории и сл. Поинфантилно - здравје! Во една од собите на клиниките „дечките“ ставија компјутер (кој патем е стар цела деценија) и удрија во тапаните дека отвориле нова лабораторија, „чудо невидено“, а истата патем, постои веќе повеќе од 40 години! Отвораат пат, кој постои неколку децении, а само затоа што наново го асфалтирале го прикажуваат како нивен проект, потоа го прекопуваат затоа што заборавиле под него да стават канализација, одвод и слично, одново го асфалтираат и го викаат типот со Мајбах окалца одново да пресече лента, а асфалтот за година дена повторно е преполн со дупки и возите по него замислувајќи дека снимате некој воен филм, па треба да ги избегнете кратерите од бомби. Инфантилно до немајкаде!

 Скопје 2014-та е обид насила да се униформира центарот на градот. Налудничава желба тој да стане некој сосема друг град, некаковси втор Париз без Лувр и Твилери, Рим без Фонтана ди треви и надвор од Италија, Лондон без Трафалгар сквер, Атина без Партенон, нешто со што ќе се докаже античкото потекло на барокните потомци на Аце Големиот! Го претворија градов во нешто што не е, го прекроија во град без свој идентитет, град на накитена безличност. Толку е накитен што дури нема потреба ниту да го китат додатно за Нова Година. Го рушат и преправаат сето она што е создадено во југословенскиот социјализам, за да докажат дека било грдо. На модерни градби, грубо кршејќи ги авторските права, лепат гипс фасади, кои треба да ја покажат нивната старост. Покрај фасадите, уништени се и најмалку дваесетина уметнички ремекдела (слики, скулптури, мурали) од повоениот период. Не се ништо подобри од милитантите на ИСИЛ кои ги уништија древните Нимруд, Хатра, а сега и Палмира! Уништуваат културно-историско наследство за да докажат дека историјата започнува од нив.

 Скопје стана безлично грдо униформирано ништо кое го живее животот на копи-пејст град. Ова веќе не е моето Скопје! Си ја изгуби својата душа и од модерен жив град во кој имаше што да се види, малограѓаните го преправија во селски вашар, во некакво си безлично Потемкиново село со сјајни фасади и гнила внатрешност. Сјајна богато накитена форма, наспроти гнила суштина. Замислете си ги Грујо, Силваневабонева, Коце Коцкица, Амди Бајрам и останатите „префинети“ облечени во барокни „носии“! Дали тие дибеци на тој начин ќе се претворат од простаци во софистицирани личности со богат племенит дух, во луѓе со вкус и ука?! Дали Мајбах окалцата и Мерцедесот од 600.000 евра го претворија Гуицанаш во подобар, поспособен и поумен човек? Дали нивното купување ја претворија Македонија во земја за восхит и почит, во „горда Македонија“? Дали со тоа животот во неа стана подобар?! Си знаеме дека идејата за ваквото нагрдување на градот не потекнува од „архитектите“ (Божиновски, Чаушевски), ниту од „уметниците“ (Стефановска, Станкоски, Камиловски, Јанев) туку е резултат на политичка интрузија на моќни тапоглавци!

 Париз е туристичка дестинација, а Дизниленд ‒ Париз е туристичка атракција. Разликата меѓу атракција и дестинација е сосема јасна! Премногу е аматерски изведена глупоста „наша“ за да се нарече Дизниленд. Тој забавен парк е архитектонско и инженерско совршенство. Во Париз, уште во почетокот на XIX век барон Осман, главниот негов архитект, изградил канализација низ која можете слободно да шетате, изградил булевари кои се преку 20 m широки со по четири коловозни ленти во обата правци. Реновираните скопски булевари се потесни (и покрај проширувањето), а голем дел од градов нема ниту канализација. Поминете по плоштад Македонија. Покрај толку споменици и барокни градби ќе почувствувате силна реа од измет, смрдеа која нема да ја сретнете во ниту еден антички, или барокен град! Да не знае човек кој се усрал... дали коњите, дал’ големите херои што ги јаваат!

 Во моментов, „Скопје“ 2014 (п.н.е.) не е ниту дестинација, ниту атракција, а далеку е и од некакво архитектонско и градежно чудо. Со стеснети улици во центар кои нема да можат да се прошират освен ако не ги урнеш новосоздадените грдотии, му се потсмеваат сите оние кои многу добро знаат што е архитектура и уметност, а што безуспешен обид градот да наликува на некој друг и да се претвори во нешто што не е. Од пуста желба опинокот да стане кондура, градот ни се претвори во турбофолклорна грозомора. Му се смеат сите оние кои знаат да направат јасна разлика меѓу кичот и уметноста. Од него се воодушевуваат само неуките кои со неговото преправање во изумрен (лажен) барок мислат дека измислиле млака вода, дека создале нешто ново, некое чудо невидено. Дежавуто што го доживуваат посетителите е неспорен! „Скопје 2014“ е неуспешна копија на Берлин од 1932 и на Париз од крајот на XV век, имитација на виенскиот Пратер од XIX век, дежаву во очајна варијанта, пренатрупан забавен парк со грди споменици, карусел и панорамско тркалце, конгломерат од сè и сешто, само не она што треба да биде ‒ град со душа и со свои сопствени специфики. Скопје стана срам над срамовите со кој се гордеат и на кој му се радуваат неуките маси. Среде градот е плеснато нешто како барок, негова најевтина и најгрда копија. Далеку од тоа да биде Дрезден, или Франфурт на Мајна, тој е нешто како Париз, ама преполн со лајна!

поврзан текст: СВОИ НА СВОЕТО!?

No comments:

Post a Comment