Friday, September 10, 2010

ФИЛМОТ ЗА МЕТОДИЈА АНДОНОВ ЧЕНТО



Постои еден „документарен“ филм кој се врти две години низ земјава. Филмот би требало да ја докаже големината на Ченто,„нашиот прв претседател“, како што милуваат да го наречат ВМРО-вците. Всушност, филмот е наречен „Вистината за Методија Андонов - Ченто“ и е претставен како „документарец кој ретко може да се види“. Имате прилика да го видите и на Јутјуб, а таму -. коментари, кој од кој поубави („најголем македонец на XX век“ и сл.). Но дали навистина е така? Дали во филмот е изнесена вистината за настаните?

Филмот започнува силно. Како хорор, или недоветен трилер. Жена, одбрана убавица (претпоставувам познат историчар „антикомунист“) истражува низ документите на Архивот на Македонија: „Ова е српското досие против Методија Андонов - Ченто...“, вели лицето кое треба да претставува службеник во Архивот, со што се става акцент дека е суден од „срби“, или „србомани“. Жената се јавува по телефон: „Можете ли да ми кажете нешто во врска со неговата идеја определба...“. „Остави, батали...“- довикува гласот од слушалката. И’ се јавуваат дома „Ќе те убиеме, ќе ти ги убиеме и децата! Будала! Тууут...“ - се слуша од слушалката. Документарец, нема што! Веројатно треба да ја докаже силината на теророт од „српските и комуњарски инсталации“, кои ете, останале во Македонија и сè уште делуваат со истото темпо! Дека стравот од комунистичкиот терор сеуште живее! Бррр... Еве, се наежив! 

Во филмот се нижат личности и настани (како на филмска лента, продуцирана од подобните и проверени кадри во МТВ) од командирот на затворот, сенилен старец пред умирање, преку шоферот, до неговите најблиски... Сите во обид да го докажат тврдењето дека е невино осуден, а дека тој, ете, отсекогаш бил За и единствено само „За“ Македонија.

Потоа... започнува расказот. Истражувачот, натаму, ги реди тешкиот живот, заслугите... 

Да не должам. Ваквиот филм е чиста конструкција, обид да се рехабилитираат, не само Ченто, туку и сите кои „се бореле за самобитноста на македонскиот народ и за обединета Македонија“. Целиот чин наликува како и напишаната историја до сега, која изобилува со полувистини, но и со лаги.

Истражувачот наведува дека Ченто имал тежок живот, дека завршил средно трговско училиште во Прилеп (јас цело време знаев дека на Македонците им било забрането да се школуваат), но немал пари за натамошно школување, дека учествувал на неколку предвоени избори, па отворил дуќан кој служел за собир на целата „напредна младина“ во Прилеп, како и за испраќање помош на партизаните. Чекајте! Малку е чудно, нели! Се поставува прашањето како е можно да отвори дуќан, човек кој немал пари?! Кога го отворил дуќанот? Пред окупацијата, или веднаш по доаѓањето на Фашистичкиот Бугарски окупатор? Одненадеж дошол до пари?! Добил на лото, што ли?! Ма не, дуќанот го отворил 1926 година. На 24 години, успеал да отвори дуќан, човек кој немал пари да се школува. Без пари?! Ќе почнам да се двоумам за прашањето кога било подобро за живеење: Тогаш, или сега?

Учествувал на избори?! Па нели апсолутистички владеел кралот, а Македонците немале можност да гласаат? Учествувал како кандидат?! Да, но... на која партија? Само тоа заборавил да наведе авторот - партијата! Ситница! Истражував малку, без да ми претат „комуњарско-србоманските инсталации“ во земјава. Најдов! Великиот Ченто бил кандидат на Хрватска сељачка странка, на чие чело стоел Д-р Владимир Влатко Мачек. Да, да! Токму тој! Познат ви е од историјата? Во 1939 формира заедничка влада со Драгиша Цветковиќ и станува потпретседател на Министерскиот совет, поточно на Владата на Кралството Југославија. Дали оној, кој немал ниту за школување го открил рецептот за финансиска благодет? Власт, човеку! Ааа... како Власт, секако дека „ќе ве почитуваат, ќе ви се поклонуваат и ќе ве обожуваат“. Па тоа е карактеристика на широките народните маси! Обожуваат Власт! Погледнете во Парламентот! Да, во денешниот!

Туку и судбината, по окупацијата, му е слична со онаа на лидерот на неговата партија. Мачек, иако се залагал народот да ја признае НДХ и усташката власт на Павелиќ, која била раководена од Ватикан, ја одбил соработката и понудата на германските фашисти да ја превземе власта, па бил затворен, најпрво во Јасеновац, па во Купринц. Што му било нудено на Ченто, од страна на Бугарската власт, не дознав. Но го интернираат во с. Мелница (Бугарија), а потоа и во логорот „Чучулигово“, Петричко, Бугарија, а набргу, тој е ослободен.

Познавам(в) многу Комунисти, Партизани, кои биле по Бугарските казамати, во Скопје, Бургас, Варна... Но ниту еден не бил ослободен. Ја знаете ли разликата? Бугарската држава била најстрога против оние кои станале со оружје против неа! Тие што се бореле со оружје против Бугарскиот окупатор се вистинските Борци, а не оние кои наводно цело време викале „Ура! Да живее Македонија!“! Според сведоштвото на одговорните за обезбедување на делегатите на АСНОМ, токму поради можноста од судење „поради вооружено востание, против Бугарија“, повеќето од овие „херои“, меѓу кои и оној за кој се зборува во текстов, не се согласиле да носат пушка, или било какво оружје, туку на Заседанието заминале „со (планинарски) стап и ранец“, а пред да излезат од куќарката од каде требало да тргнат, ползеле, иако во округ од 20-30 километри немало жив Бугарски војник!

Документарецот веднаш продолжува со тоа дека на почетокот на1945 (?!) се формирал АСНОМ, тврдејќи дека се формирале Президиум и Влада и дека за претседател на Президиум е поставен Ченто, а на Владата Лазар Колишевски. Да потсетам, Првото заседание на АСНОМ е одржано на 2 август 1944, а Л.Колишевски станува претседател на Влада дури на 16  април 1945. Дали и Ченто станува Претседател на Президиумот во некој подоцнежен период?! Покрај празнината од 3 години., до неговото излегување во партизани, останува сосем непознато што ли се случувало во тој период и како тоа според филмот, Ченто, веднаш стасал до АСНОМ? Пронајдов еден податок кој говори дека ГШ на НОВ и ПОМ на 21 август му упатил повик да се приклучи на НОБ и тоа дека се среќава со Кузман Јосифовски - Питу, на два пати во септември, за дури тогаш да успее да Го Убеди да се приклучи кон НОБ!? Не успеав да дознаам кој бил пишувачот на писмото. Познато е писмото на еден наш генерал (мајор во Војската на Кралството Југославија, пред војната) каде тој стапува во контакт со Бугарската држава со желба да стапи во Бугарската Армија, како мајор, но тие го одбиваат со образложение дека може да служи единствено како каплар. (!?) Писмото говори силно дека во мода била политичката конверзија. Не е чудо, па таа е во мода и денес!

Токму ваквите безглави повици, допринеле низ АСНОМ, да продефилираат  како делегати и членови (или функционери) на Президиумот на АСНОМ, членови на распаднатите „Български Акционни Комитети“ (организација создадена од членови на ВМРО): Панко Брашнаров, Јордан Чкатров (близок соработник на В. Михајлов), Трајче Чундев (соработник на Т. Александров), Страхил Гигов (!?)... Упс! Но и со членови на ВМРО и неговата „младеж“, кои не членувале во Бугарските Комитети: Емануел Чучков, Димитар Влахов, Павел Шатев, Борис Спиров... Останатите ненаведени членови, можеби ќе ги додаде некој од читателите. Сигурен сум дека ги има повеќе!

Се поставува прашањето зошто токму Ченто е избран за прв претседател на Президиумот на АСНОМ? Претпоставувам дека, токму како и во првиот парламент на самостојна Македонија, главна улога играла староста на делегатите, под изговор „искуство“, „мудрост“ и „зрелост“, а Ченто, Брашнарот, Чкатров, Шатев... биле секако постари и потковани личности, („стари волци“) со големо искуство во политичкото делување. Дали биле мудри и доволно зрели, тоа е веќе друго прашање, а одговорот би се нашол во нивното повеќегодишно безуспешно, но пробугарско делување.

Во филмот се наведува како УДБ-ашка исконструирана лага („монтиран процес“), дека тој е фатен на Југословенско-Грчката граница,  дека е уапсен и одведен од својот дом во Прилеп, и дека тој воопшто немал намера да бега од Македонија, но во неговата жалба (4.12.1947) самиот признава дека кажал „во разговорот и на Неделко дека од Солун ќе гледам да заминам во Америка“. Зошто некој би сакал да бега, ако не е виновен? Во самата молба негира дека сакал да оди во Грција со намера од таму да организира чети, за набргу, да соопшти дека во разговор со Борис (Загоранлиев) „му кажав оти сакам да заминам, дека разговаравме заедно да го направиме тоа, но јас на вториот разговор му откажав“. Продолжува дека не се сеќава дека некому му рекол („тој ден, пред да тргнам“) дека ќе бега преку граница и дека „ако треба и главата ќе ја стави во торба“, а потоа продолжува: "не испадна како што мислев, тоа е верно“. „Јас наполно сам сакам да одам во Солун и потоа надвор од Грција.“,вели натаму во жалбата, негирајќи дека тоа го заговарал со група истомисленици. Значи и покрај тврдењето дека тој е „наместен“ и не е уапсен на граница, на површината излегува сосем поинаква приказна. „При една објективна анализа може да се утврди дека има законски прекршок за обид за нелегално преминување на границата — емигрирање, но во никој случај нема ниту обид, ниту цел, ниту дело за шпиунажа, ниту цел за оружена борба, ниту цел за отцепување земја од Југославија, ни за присоединување со Грција или пак Македонија да биде под нечиј протекторат“ — наведува самиот во жалбата, со што самиот го потврдува спротивното од тврдењето во филмот и во многу денешни текстови, дека бил уапсен дома. Бегството го признава уште еднаш: „Малку ли се овие неброени факти... да се решам, да бегам од Македонија, оставајќи го најмилото, татковиот дом. жената и четирите ситни деца на неизвесна судбина, ризикувајќи го и својот живот?“. И повторно: „Во Грција мислев да заминам затоа што тука ми беше најблиску границата и затоа што во Караџова имав познати Македонци кои ќе ме одведеа тајно до Солун, каде што исто така имав познати кои ќе ми помогнеа да заминам со некој параход од УНРА за Америка.“! И уште еднаш: „Низ Грција сметав да минам тајно бидејќи се плашев од грчката власт...“. Очигледно е! Не се работи за конструлција на УДБА!

Во жалбата тој одбива дека кроел планови за отцепување на Македонија од Југославија и нејзино припојување кон Грција, или нејзино ставање под туѓ протекторат. Некако, тука повторно влегува писмото на П. Брашнаров и П. Шатев, во кое овие двајца застануваат против обединувањето на Македонија, затоа што тоа, како самите наведуваат „не одговарало на интересите на Бугарија“. Пронајдов уште едно писмо кое ги оповргнува тврдењата на ВМРО-вците дека Тито и КПЈ биле против обединување на Македонија, но овој пат тоа доаѓа од Британскиот Форин Офис, во кој се вели: „Нашата помош на партизанското движење не ги вклучува во никој случај, во сегашниот момент, Титовите шеми за автономна Македонија.“!(!?) Ах, па ние знаевме дека токму Англичаните и Американците биле за обединување на Македонија! Но во телеграмата извира и друго, а тоа е дека: „тие (локалните Македонци) одделно од нивниот отпор на непријателот, ја уживаат поддршката на владата на Неговото Височество.“! (!?)

Филмот, изобилува со лажни тврдења, налик на тоа дека Ченто и Лазо во истиот момент станале функционери. Сведокот откако ќе наведе дека „прво време Тито големо поштовање и поверење имаше према Ченто“, наведува дека следната станица бил „Бане Андреев - Чучков, тој беше министер на Македонија“!? Бане Андреев, воопшто не е Чучков, туку Ронката, а Чучков е Емануел Чучков! Исказот продолжува со ваква глупост: „Виновници што го немаме денеска првиот претседател на Македонија, во нашава република...“ И потоа ги наведува како единствени виновници: Темпо, Лазо, Видое Смилевски - Бато и Цветко Узуновски - Абаз.  „...Само тие се виновни што денеска Ченто не е жив!“ - заклучува сведоштвото. Каков прекрасен заклучок! Значи, за тоа „што го немаме денеска првиот претседател“ не е виновна природата, би имал 108 години (106 во времето кога е снимен филмот), туку наведените „кодоши“! Ех!

Тој ќе влезе во историјата „и како прв претседател на првото македонско Народно Собрание...“ - продолжува филмот. „...Избран е на второто историско заседание, одржано на втори август 1944 година...“!? Заборавил авторот на „документарецот кој ретко може да се види“ дека Второто „историско“ Заседание на АСНОМ е одржано на 28 ноември истата година, но во Скопје, а не во манастирот „Прохор Пчински“! Да прочитал авторот малку повеќе, ќе осознаеше дека на наведениот датум (2.8.1944) е одржано Првото Заседание, а не Второто! Го наведува и Манифестот на АСНОМ во кој е запишано: „...АСНОМ ја прокламира пред целиот свет својата праведна и неостапна желба за свое обединување...“. На друго место за истиот Манифест текстот гласи: „првото македонско Народно Собрание го прокламира пред цел свет своето праведно и неостапно сакање за обединување на целиот македонски народ“. Дали можеби има два документа, со ист назив? Едно е сигурно! Повторно се ништи ВМРО-вското тврдење дека Југославија, Тито, Темпо, КПЈ, па и КПМ биле против обединувањето!

Шоферот на Ченто наведува: „со овој Шевролет,во,беше наменет исклучиво за претседателот на Републиката“...„него го возев со тој Шевролет“. Само неколку минути пред тоа се наведува дека бил изразито народен човек, а потоа наведуваат дека живеел „скромно, не како претседател на република, туку како обичен работник...“! Да, излегува на виделина скромноста на обичните работници: Шевролет, хотелско сместување... Токму како и денешниве „работници“, кои станаа газди на туѓите имоти. Само неколку секунди подоцна шоферот наведува - „тој одеше пешки до работа“! Ах, излегува дека пешки го возел со тој Шевролет! Подоцна, ех каков сигурен извор, истиот сведок наведува дека тој „нејќеше 15-ти корпус да оди на сремскиот фронт...“. Замислете, Македонија не е ниту членка на НАТО, а ги испраќа своите војници, како соучесници во Злосторот, во Окупација на други држави (Ирак, Авганистан...), но во Федерацијата „нејќеше да одат на Сремски фронт“ го оправдуваме како израз на „особен патриотизам“. Проверете што би му се случило на некој Велшанец, или Шкотланѓанец, да ги застапувал истите тези во Велика Британија 1941 (или денес) и да одбие учество во акцијата „Денот-Д“!

Следува сведочење дека требало да биде ликвидиран. „Ќе ликвидираа големи луѓе, не па него.“- изјавува на смрт болниот старец, во тоа време управник на затворот („едино најповерливо лице“). „Вие требаше и да му дадете и пилула, за да го отруете, а?“ - му ги извлекува зборовите истражувачот во филмот, а тој одговара: „Што ти не. Апчиња, пилули...“. Пилули, или апчиња?! Старецот, поранешен управник на затворот наведува дури и дека клучот од ќелијата бил кај него и дека никој не смеел да пријде до неа, „ниту до пенџере“!? Их, какви злосторници. Внимавајте, не ја извршил доверената задача и останал жив и на функција!? Па, ова е навистина редок случај!

Филмот продолжува со неговото судење, а на судењето: „ги препознав меѓу судиите, Чашуле и Благоја Попоски.“. Се работи за Коле Чашуле (Се сеќавате на татиниот син?! Тој е сега голем ВМРО-вец!) и претпоставувам Благој Попов, претседател на Извршен Совет на СРМ (Влада) од 1974-1978 г. Во документите за процесот се наведува дека во составот на судот биле и Панта Марина и Лазар Мојсов, што во филмот воопшто не се спомнува.

„Го посетувавме, еднаш неделно!“, велат неговите блиски. А забраната за комуникација?! „Само едно врапче...“ се вели романтичарски во филмот.

Изрежиран режимски процес?! Осуден на 11 години затвор, а од него излегува во 1955. „Загина за Македонија“ се вели во неколку места од филмот, но сведок наведува дека се разболува дури по излегувањето од затворот. „И покрај забраната и стравот од последици, на последното испраќање доаѓа многу народ“, а следуваат снимки од мноштво луѓе во гужва, пешачат најслободно, но и снимката е во боја, а луѓето облечени многу помодерно од тоа што се носело во 1957-та (најверојатно се работи за некоја современа Велигденска снимка), или Прилепчани биле далеку пред времето! Филмот завршува со надгробниот споменик, а таму уште едно чудо - годината на раѓање која е запишана е 1903!? „Ченто е роден на 17 август 1902, во Прилеп“ - истакнува нараторот-глумица, на почетокот на филмот!

Изненадува фактот дека воопшто не е поведен никаков процес за рехабилитација, туку на барање на тогашниот претседател, Ченто е рехабилитиран. Филмот изобилува со невистини и слободни, произволни сведочења. Недостасуваат документи, а од нив се појавуваат само фотографии и снимки, кои се најчесто намерна монтажа, која би требало да го наведе наивниот гледач дека нараторот ја кажува вистината. Личните сведоштва, непоткрепени со документи, се секогаш субјективни и пристрасни.

Текстов е само инспириран од начинот на кој се кажува историската вистина кај нас, произволно, со препишани и исправани документи. Најчесто се работи за преводи, во кои преведувачот си зел „уметничка“слобода да ги толкува документите по свое! Воопшто немам намера да го обвинувам одново Ченто! Нека му е лесна земјата! Доволно се изнамачил! Но има и други маченици: загинати и масакрирани во војната, затворани од Бугарите и судени на смрт за вооружено востание против Бугарското Царство, сечени на делови, стрелани младинци, деца, силувани жени, мајки, луѓе на кои им се одземени цели имоти, по завршувањето на војната, иако богатството било стекнато пред војната...

Збунуваат неточностите кои се изнесуваат за него во најновата историја. Учествувал на избори, но се заборава дека учествувал на нив како кандидат на ХСС. Се борел за Македонија, а во редовите на партизаните стигнал дури есента 1943 година, по неколкукратно убедување. Го убиле комунистите, се тврди постојано, а тој умира подоцна, откако излегува од затвор и откако, по околу една година му е дијагностициран канцер. Се наведува дека се работи за „Монтиран процес“ и дека е уапсен во својот дом во Прилеп, а од неговата жалба провејува дека вистина сакал да оди во Грција и дека можеби е и уапсен при обидот за премин на границата. Се борел за обединување на Македонија, а сакал да ја припои кон Грција, единствено заради присуството на Англиски трупи во неа (став од неговата жалба). Се наведува дека имал несогласувања со Темпо, но се заборава да се напомене дека несогласувањата се поради присуството на делегати-„србомани“ и други, кои се членови на Б’лгарски акциони комитети (бугарска фашистичка организација, со посебни цели)! Всушност, верувам дека тука е и главната игра околу АСНОМ. Најверојатно продолжување на борбата меѓу КПЈ и БРП, како продолжување на повеќевековната пропагандна битка. Постојано се заборава на фактот дека Македонија во времето пред војната е во состав на Кралството Југославија, а од 1941 е окупирана од Царството Бугарија, што го зголемува антагонизмот, но и го продлабочува двоумењето на политичката мисла, го засилува политичкиот конвертизам.

Дури и денес, оние кои се залагаат за македонска блискост и братство со Бугарија (најчесто опишувајќи се како Македонски Б’лгари) се истакнуваат себе си како Македонски Патриоти, а оние другите, ги опишуваат и етикетираат, како „Југоносталгичари“ и особено како „србомани“.

6 comments:

  1. глупости

    ReplyDelete
  2. колку ли ти е промашен и празен зивотот та разочаран од своите лични фрустации со толкава омраза се нафрлас врз личноста на еден великан.Не се лечат сопствените комплекси со омаловазувајне на другите луге мојата умна баба велесе - да му е кусо од алистата мозес да му придадес но на умот....Моето сочуство за болеста сто те насла не излецива е

    ReplyDelete
  3. ГЛУПОСТИ !!!!!!!!

    ReplyDelete
  4. Ете,колку е воочливо чии се глупостите!Три истородни коментари за кои треба да поверувам дека се пишувани од различни личности,иако потекнуваат од иста ИП адреса!
    Воопшто не чувствувам никаква омраза спрема личноста на великанот,туку само изнесувам факти кои посочуваат дека неговата големина е привидна и продуцирана од еден центар!Не приметувам дека се обидуваш да ме побиеш со факти,туку единствено безуспешно и невешто се трудиш да ме омаловажиш!Толку типично за ова поднебје и за примитивците од ВМНЛО!
    Кој знае дали твојата умна баба била и писмена,бидејќи тебе очигледно,покрај умот,уште само тоа ти недостасува!Зарем таа не успеала да ги описмени своите внуци?!

    ReplyDelete
  5. за писмениот -Благоја Попоски и Благоја Попов се иста личност колку доктор и ајван

    ReplyDelete
  6. STO E TOA VO LUGETO TAZNO STO ZIVEAT VO ZIVOTI TUGI....

    ReplyDelete