Wednesday, September 29, 2010

ТЕМНА НОЌ




Македонија полека, но сигурно навлегува во најцрната фаза на неофашизам. Со најновото решение за спојување на Службите за државна безбедност, се остварува сонот на многумина верни „чувари на колективната свест“! Во име на народот ќе биде дозволено да ве изеде црна темница! Веќе почнаа да се бараат непријатели. Пресуди пристигнуваат без да знаете дека сте судени! Без право да се браните. Едноставно,осудени сте!  Се водат судски парници за клевета, без да знаете кого сте го наклеветиле, кој ве тужи, кој ве брани… почнуваме да наликуваме на сцените од Кафкиниот роман!



Законот за лустрација ги покажува своите Шуплини, како производ на кавернозни автори! Почнува да станува појасно дека се работи за повторно враќање кон Мракот! Впечатокот го засилува и новиот предлог за формирање служба за безбедност, која воопшто нема да се разликува од таа во Минатото! Давајќи им право на службениците да апсат без обврска да го известат Бирото за безбедност (централата), со широки овластувања за насилно постапување. Очигледно, Македонија повторно навлегува во Темен еднопартиско-мултипартиски систем - „Затоа што и Тие Така Правеа“!

Токму затоа и лустрацијата се сведува на нејзина селективна примена, „за“ и „против“ власта! Таа нема никаква важност за оние кои не ја брануваат водата и кои мирно ги аминуваат одлуките на власта! Оние кои се против, ќе си имаат проблеми со етикетирање од типот „кодош“, „предавник“, „соработник“... Некако се наметнува и второто прашање за бесмисленоста на овој закон: Кого ќе го жигосаме? Дали оној кој работел за домашните безбедносни служби, или оној кој работел за Странските? Очигледно е соработниците на странските служби, кои имаат поголеми „заслуги“, ќе бидат поштедени од законот! Изземањето на одредени личности го докажува тоа. Имавме премиер кој стана Странски државјанин (поради „сиромаштија“, која се пресметува во милиони евра:) и министер во безбедносните служби кој сега престојува во соседството!? За нив не важи лустрацијата! Тоа е доказ дека ќе гонат селективно и најчесто во празно, заради политички реваншизам,а странските (тајни) служби ќе ќе го чуваат идеолошкиот мир и ќе посочуваат кон „злото“! Среќна Нова ’49!

No comments:

Post a Comment