Wednesday, June 2, 2010

ГРДОТИЈАТА НАРЕЧЕНА КАМЕН МОСТ

Една прекрасна емисија… емисија за реставрација на еден добро познат мост - Стариот Мост во Мостар, симболот на тој град, изграден од неимарот Хајрудин уште во далечната 1566 година со цел да ги поврзува двата брега на Неретва и трите нации во градот, а срушен до темел од малоумен официр на ХВО во виорот на граѓанската војна во Босна и Херцеговина во 1993 година.

Она што ме зачуди беше ентузијазмот со кој, раководителот на проектот, една млада дама (не постара од 30 години) и целата екипа со која работеше го реконструираа овој легендарен мост. Беше интересно да се гледа заложбата да се обнови мостот со оригиналниот камен тенелија од кој бил изграден во минатото.
Со лабораториска анализа беше направен и оригиналниот рецепт на малтерот од природен материјал (козји влакна и јајца) употребен во поврзувањето на каменот. Клиновите, каменот, па дури и оловната течност, сипана меѓу жлебовите на каменот, беа изработени рачно (!?) по технологија од далечниот XVI век. Мостот го градеа турски ѕидари и каменоресци, кои со длета (рачно, како и некогаш) ги обработуваа бројните камења. Со перфектна анализа, со помош на компјутерска анимација, беа вратени старите неоштетени камења, извадени од ладната Неретва, прецизно обележани со броеви, затоа што мостарците биле и сè уште се душевно поврзани со мостот, па дури и самите помагале во вадењето на камењата!(?)

Веднаш се сетив на нашиот Симбол на Градот, истиот оној кој е во душата на скопјани, барем на оние старите, кои се помалубројни, но сеуште ги има во градов. Камениот Мост е дел од историјата на овој град, тој е душата на градот, која ги поврзува двата брега, Двата Света. Тој е дел од историјата на Македонија, посебно затоа што во негова близина е обесен, а потоа на него на колец набиен Карпуш, Кралот од Куманово, кој се дрзнал меѓу првите да дигне востание против тогашната Отоманска Империја. Изграден уште во VI век во некој друг облик, па повторно од српскиот цар Душан и обновуван од турските владетели, овој мост, навистина во себе ги носи историјата и душата на градот.

Тоа е она што неговите „нови градители“, родени надвор од Скопје и од Македонија, нема да можат никогаш да го разберат. Нивниот примитивизам и малоумност извира од секоја пора на вештачкиот камен што е вграден во сегашниот Мост и кој по околу шест години од неговото поставување се распаѓа. Какво јадно реконструирање... Тоа што никогаш нема да можам да го разберам е како вака стар мост, кој служел за превоз од едниот на другиот крај од брегот на луѓе, стока, запрежни коли и разни возила, може да завршува или започнува со скалила?! Се надевам дека тоа ќе може да ми го објасни „генијалниот“ раководител на проектот. Со самиот (камен травертин од Свиларе, обработен по методот Ѕинго) вештачки камен, кој патем е и машински обработуван, му е променета и бојата на Мостот, наместо калдрма, или природен рачно обработен камен, на делот каде што отсекогаш се движеле пешаци и возила сега се црвеножолтее вештачкиот камен на фирмата која го „уловила“ тендерот и чиј газда си го зголемил своето лично богатство. На една страна од неговата ограда поставена е плоча со натпис посветен на историјата (повторно некој си ги наполнил џебовите). Ваква тупост е нечуена во нормални држави. Да не говориме за парите што се фрлени за проектот за реконструкција на Мостот. Бедно изгледа Мостот кој под неговите арки шири реа од човечки измет и моч. Бедно изгледа светлоста која го осветлува, поточно замрачува, вандализмот наречен „реконструкција на Камениот Мост“.

Непознато му е на светот - да помине неказнето некој (раководителот на проектот) кој урнал кула (дел од самиот мост) од XVI век, според рушителите, кои се трудеа да ја намалат вредноста на споменикот и тежината на своето злосторство, а според некои историчари и многу постара. Непознато му е на светот да помине Неказнето некој кој Нагрдил споменик на културата со ваква голема вредност и значење. Кулата сега е обновена на истиот лаички начин, но и нагрдена со натпис (метална плоча) над арката на стражарското место.

Најновото нагрдување се случува пред неколку недели, со поставување на два грди „патриотски“споменици, кои делуваат како лепенки на мостот, или на некој вештачки имплант, а по својата големина го засенуваат и визуелно го декомпонираат мостот!

Зачудува и односот на јавноста кон овој споменик. Досега не прочитав и не чув некој да изрази протест, или да го осуди овој вандалски чин. Како да се сложни сите, а посебно научната и културната јавност, елитата од интелегенцијата на оваа земја (која патем речено - живее и создава во овој град), дека оваа Гнаса наречена „Камениот Мост“ е тоа што таа треба да претставува - Украс и Симбол на главниот град на Република Македонија.

Се прашувам, до кога индивидуалниот интерес ќе биде над општиот во оваа земја? Се прашувам – кога ќе се научиме да не го уништуваме она што било грчко, римско, византиско, српско, турско, бугарско...? Кога ќе разбереме дека српското, бугарското, турското, се дел од Нашата (и само нашата) историја и дека тоа е минато кое никогаш нема да можеме да го избришеме со некакви административни акти и вандалски рушења? Минато, кое, заради својата разноликост и мултикултурност, само ја зголемува вредноста!

No comments:

Post a Comment