Monday, July 4, 2016

СÈ ПО СТАРО




Антички барокен циркус
 Реформи во светот се прават за да се подобрат состојбите во некоја област. Кај нас се прават повеќе од 24 години, но тие, наместо да ја подобрат, со години ја влошуваат состојбата. Не е ни чудо кога се прават наопаку и целта не им е подобрување или средување на работите, туку поединци да се прикажат како реформатори. Зад себе оставаат хаос.
Како инаку да се сфати тоа што илјадници вмровци сметаат дека е нормално нивниот претседател да не знае да направи разлика меѓу зборовите „алтруизам“и „авантуризам“, или напамет да пресмета колку се 363 и 208 („околу 700“)? Како да се сфати тоа што сите викаат ура кога тој наместо во Хипократ, ги тера лекарите да му дадат заклетва на хипокрит!? Прашајте ги „чедава на Александар“ како бил верски определен „Воинот“ и глејте си сеири од страна! Прашајте го Миленко (дипломиран географ, бај-д-веј) како Земјата од топка станала рамна плоча ко’тепсија, и уживајте во глупостите. Очиглено пропустите биле правени и поодамна, само никогаш така и во толкав обем како денес. Тогаш, ваквите незнајковци беа маргиналци, ситни небитни рипчиња! Сега, истиве се главни фаци, па уште словат и за мудреци. Денес сите во одделението имаат 5-ки за да не се искомплексирале другите, но кога ќе му ставите 5-ка некому заради мама и тате, а на оној другиот 4-ка заради знаењето, го комплексирате оној кој знае и што си ја заслужил оценката, а нејзнајковците ги форсирате низ системот без труд и замор. Така дојдовме до ова „наше“ дереџе. Затоа сме тука кај што сме – на чардакот ни на небо, ни на земјата.

 И, додека Мирка, Миленко, Јанко и дружината одново ни ја откриваат Америка, на ред дојдоа и студентските избори. Не е ни чудо што и тие се хаотични, нелегални и насила спроведени како сè останато во земјава. Нормално е младите после десетгодишно преродбеничко затапување да станат како другите и да ја отсликуваат состојбата во земјава. Од каде ли талентот за вакви скаламуции!? Од каде ли ваквата инвентивност за фалсификување избори!? Неа сигурно нема да ја најдете во резултатите од студиите на кандидатите од кои студентите „заслужувале да добијат лидер кој ќе ги води напред и кој ќе ја тргнел дамката која им беше нанесена во изминатите години“. Како ќе го стори тоа!? Па, очигледно со нови дамки! Нерегуларностите на студентските избори се идентични со оние на парламентарните и претседателските, но во помало издание. Тие се увертира во престојните вонредни избори. Од толку многу студенти (секоја година на УКИМ се запишуваат околу 12.000) за претставнициве на СПУКИМ гласале околу 5.000 и тоа требало да е валидно за одлучување во име на сите студенти?! Чиста вмровштина, како во приказната дека четиристотини и дваесете илјади гласачи што ги гласале на последниве избори се „целиот македонски народ“ кој е „вљубен“ во Грујо и лоповската камарила. Загрижува што се обистинуваат зборовите од снимките на Г. Јанкулоска дека МВР е претворено во озаконета вмровска партиска Паравојска, вооружена до заби со државни пари. Тоа од прилика значи она „ВМРО е МВРО“ во превод за наивните. Кога кон нив ќе го додадеме и бројот на приватните агенци за „обезбедување“ кои се под контрола на Мијалков, Урко и останати шалабајзери, доаѓаме до фрапантен податок дека живееме во моќна полициска држава (партиско-воен апаратчик) чиј број на џандари и кодоши е далеку помногуброен дури и од оној од времето на „(нај)црниот комунизам“. Удба, може вода да им носи! Во меѓувреме устата им е полна со тоа дека безбедноста на државата е загрозена од некакви „шарени револуционери“, измислени пучисти, „соросоиди“, „странски платеници... треба да поверуваме дека на Македонија и прети опасност од мигранти, бидејќи повеќето биле муслимани од земјите во кои ИСИЛ направи хаос. Македонија, велат, била најзначајната земја – сите се испотепаа да живеат и работат во неа. Веројатно заради огромните плати и вишокот индустриски построенија со напредна технологија од XXII век. Заради поголема безбедност сега си формираме нов „Универзитет“ од кој ќе излегуваат кадри кои ќе се грижат „за нашата  безбедност“ и кој ќе го носи името на македонскиот научник „Дамјан Груев“. Јасно е, нема поголема опасност за Македонија од Трговско-злосторничкото друштво ВМРО-ДУИ! Уште ли ќе ги чекаме и молиме овие ограничени неодговорни типуси самите да си поднесат оставка?

 Во меѓувреме, грчкиот претседател Павлопулос ги возбуди македонските манифестаџии, комитаџии, разните гдомџии и бранители на грчки (пардон, антички) соцреалистички споменици и анти(ко)македонски барокни градби во Македонија со изјавата (тезата, де) дека нема да правел отстапки за грчкиот карактер на Македонија. Нашиве патриДИЈоти најмногу се засегнати од цитираното послание на Апостол Павле, па почнаа да расправаат дека кога Пајо Паљурски спомнувал „Македонци“ мислел на овие наши чеда Александрови, а не на некакви жители од областа во Грција. Настрана што Светото писмо уште е насловено со античкиот македонски збор „βιβλία“ што на антиКОмакедонски значи „книга“, а ние уште го читаме и како „библија“. Настрана што во историјата е забележено дека првите покрстувања на Словените започнале уште во V и VII век. Тие тврдат дека, ние, не самошто сме му ја дале писменоста на човештвото, туку сме родоначалници и на христијанството. Какви Сумерци, Асирци, Египќани, Евреи... сè е тоа лага и измислица на западните пропаганди! Ние – првите! Ние – најголемите, најспособните, најумните, најхрабрите... Ние – нај, нај, нај... најзначајните во Светот! Залудно е и тоа што во сите црковни книги е испишано дека похристијанувањето кај Словените започнува масовно дури подоцна откако Фотис I (Μέγας Φώτιος) ги испратил византиските Евреи Кирил и Методиј да ги покрстат најнапред Словаците и Чесите во Моравија, а дури потоа Бугарите и Србите во IXвек, за која цел браќата спремиле и писмо кое во основа потекнува од алфабетот. Секако, причината за осмислувањето на кирилицата и глаголицата не е во големата желба да ги описменат неуките пастири „што мирисале на овчја кожа“, туку полесно да ги покрстат и да им го раскажат „словото божје“.

 „Прежде убо словане не имјаха книги, но чертами и резами чтјаха и гатааха, погани сште. Крстевше же са, римскими и греческјими писменји надаха са п’сати словенска реч’ без устројенија“, пишуваше Черноризец Храбар во „О писменех“. Веројатно античкиве домородци ќе се откажат и од него и од неговото писание! Та, што ќе им се нив писма, книги и писменост кога се сезнајни чеда на Александар зачнати од неговото десно јајце уште пред „цели два милениуми...и нешто“!

No comments:

Post a Comment