Saturday, November 27, 2010

МАЈКИ - МИЛЧО МАНЧЕВСКИ




Трогнат сум до коска! До бол! Погоден право во срцето, во душата! Филмот, од самиот негов почеток, па сè до крајот, ме остави без здив! Остава силен впечаток со својата преубава порака, уште од самиот негов почеток, со кадри и приказна својствена за врвен уметнички ум. Гледањето на неговиот филм е прекрасно доживување, едно цело ново искуство! Секој кадар е влезен на своето место, осмислен е до бескрај. Водена е сметка за композицијата во целосен спој со динамиката на кадрите! Прекрасен филм со исклучителна фотографија. Посебен фил на целиот филм дава длабочината на сказната и нејзината порака. Филмот говори од секоја негова пора! Секоја негова секунда е преполна со длабоки чувства!


Прикажана е главната преокупација на луѓето од главниот град, но преку нив и на оние од провинцијата! Тоа е тмурна приказна за опсесијата на малите, вештачки и пребргу пораснати, девојчиња. За нивното вреднување на светот, единствено, преку најскапите мобилни, скапата фирмаџиска облека и обувки - обестна слика, огледало на своите мајки! Престижот и бркањето виртуелни вештерки е нивниот главен интерес! Пред нас се ликовите на идната и сегашната мајка, од кои може да ни се крене косата на главата! Третиот лик е заборавената мајка, онаа обична и искрена жена, преполна со љубов, оставена некаде во пустелија, сама... поради современите навики и трката со парите, препуштена на заборавот... прамајка, онаа исконската. Мајка која дои!

Тука, знаењето, учењето, како и чувствувањето и човечноста, се една маргинализирана и потполно заборавена категорија. Дрско и безобразно плесната вистина од авторот, право в лицето на јавноста! Има ли понежен начин да се искажат гневот и разочараноста од состојбите на современото живеење? Можеби и има, но тогаш, таа воопшто нема да допре до душата на малограѓанштината. Нема ниту да ги допре! Дури и ваквото „дрско“ фрлање на вистината во очи воопшто не ги тангира! Продолжуваат со критиките, целосно занемарувајќи го филмот, оцрнувајќи ја исклучиво личноста со измислени лаги и погрдни зборови, ужаснати од погледот кон сопствениот лик во огледалото! Тонеме заглавени во незнаењето, за кое воопшто и не сме свесни дека нè зафатило како модерна чума, која коси сè пред себе! Удавени сме во злобата против другиот, инаквиот, воспевајќи го своето незнаење.

Морам да ја искористам оваа прилика  јавно да му се извинам на Манчевски за мојата негативна критика за неговиот спот „Македонија вечна“ (оној со античката фикција) и за филмот „Сенки“, но секако, верувам свесен е дека таа критика се однесува единствено на неговите дела, никако на неговата личност! Нормално е да налета на негативни критики од луѓе кои се упатени во уметноста. Тие се усмерени кон делото. Проблемот настанува дури тогаш, кога критиката ја пласираат новинари, умислени величини, кои немаат апсолутно никакви сознанија за неа. Тоа се плитки, пусти душички, кои не знаат да набројат ниту десетина уметници! Такви, за кои единствено барокот е врв на уметноста (веројатно затоа што е патолошка желба на владетелот), а поседувањето најскап автомобил, најскапа конфигурација на компјутерот, или на топ-мобилен, единственото нешто со кое можат да се пофалат! Тогаш, се напаѓа авторот единствено како личност, што укажува на поентата од филмот: одамна сме се претвориле во ситни злобни душички! Тоа е длабоко во нашите корени, дури и кога сме сиромаси, болни и немоќни, му ја смислуваме сопката на оној другиот! И што е најлошо од сè - тоа го правиме, уште од малите нозе, со возвишување на најстариот занает на светот! Тука нема никаков патриотизам! Тука се во игра единствено личните интереси на ситните души! Во вакво лудо општество нормално е да го критикуваат, преку директни напади, посочувајќи ја главната причина: „Не му е срам, какви нè прикажал?“. Тоа е главната причина! Тоа е главниот и единствениот проблем на филмот: Милчо се дрзнал да им го сруши барокниот сон за „ренесансата“ во Македонија! Па кој грд сака да се види во огледалото? Кој сака да ја гледа својата грда душа, своите маани? Кој сака да признае дека наликува на барокна фасада, светлуцава и сјајна од надвор, бедна и скапана од внатре...? Гнила до сржта!

Со еден збор: Браво Уметнику, јас ти се поклонувам!

No comments:

Post a Comment