Thursday, December 9, 2010

ГОРД СРАМ



Еве ви споменици, водоскоци! Еве ви и панорамски тркала! Дури и жичарница ќе ви градиме! Па каков народ сте вие? Не сакате ниту славно минато! Од ништо не сте задоволни! Од ништо сити! Предавници!  Не ви требаат плати - ви треба освестување, осознавање! Сознание за вашата гордост и големина! Па, вие не сте ниту доволно Македонци! Само нешто мрчите! Не сте ни големи ни моќни колку нас! Ние сме антика! Ееееј, потомци на Александар! Дијадоси! Не ви требаат лекови, ви дадовме споменици...
Споменици, за да си ја излечите вашата гордост, за да станете големи како нас, да станете луѓе! Ние сме патриоти! Поголеми од нас нема, ниту некогаш имало на земјинава кугла! Горди синови на оваа земја - најгордиот дел од гордиот народ! Ние сме Crème de la crème! Елита, над елитите!

„Ние сме горди потомци на Александар!“
Гордо напред!

Нè избравте?! Е, сега молчете! Ќе правиме со вас се што сакаме! Тоа е во ваш интерес! Ве крадеме!? Па и тоа е во ваш интерес! Тоа е „корисна малверзација“, а не - Лоповлук!

Гордите народи не живеат во славното минато. Тие ја живеат сегашноста извлекувајќи поуки од минатото за иднината! Големите народи не се големи по својата бројност, тие се големи по она што го оставиле зад себе на полето на културата, науката и уметноста. Големи се по своите градби кои воопшто не наликуваат на туѓи бедни копии. Не живеат за да го задоволат минатото и не се изгубени во него. Не откриваат стари правци во уметноста, пласирајќи ги како нови, сегашни и од нив измислени! Кај гордите народи, знаењето, трудот и квалитетот не се мерат според бојата на партиската книшка! Тие го креваат својот глас, секогаш кога му се загрозени неговите права. Тоа е Горд народ!

„Гордиот народ“ имаше бесплатно здравство, бесплатно образование (со квалитетни учебници), имаше дури и бесплатни (општествени) станови... И сè успеа да изгуби! На овој народ му го одземаа правото на работа и правото за неговиот труд да биде навремено исплатен! На овој народ му го зедоа и правото на одмор, правото на нормална здравствена заштита од која ќе може да си дозволи соодветно лекување без додатна наплата! Укинато е правото на штрајк и протести! Велат, противзаконски било! Зарем не е против законот, кога платата доцни еден, два, па и повеќе месеци!? Има случаи каде платата доцни и повеќе години! Зарем е тоа легално?  При тоа, за неплатени комуналии може да ви се случи и да ви го конфискуваат целиот имот!

Правото на слободна индивидуална мисла е укинато одамна!

Народот не смее да се бунтува, велат тие. На Народот со закон му е забрането да се бунтува и секој повик на насилно рушење на власта е противуставен потег, повторуваат. Легално биле избрани, сте им дале овластување да ве владеат и да прават со вас што ќе посакаат! Тие, може сè да му прават на народот: да го тепаат, да го замолчуваат, да му го одземаат правото на работа, да му нудат надрилековити кичспоменици наместо лекови... Така било и на запад, посочуваат. „Ние сме капиталистичко и демократско општество“, велат тие. Ние ќе ви носиме закони со кои ќе ве молземе, а вие ќе молчите! Ние ќе ве тепаме, а вие - не смеете ниту да плачете, ниту да се пожалите некому, бидејќи ќе ви никне тревка, ќе ви најдеме парички, девизи и документи во станот! Ние сме моќ, сила, па што ни можете? Па и вие така правевте...

Овој народ го изгуби дури и правото да плаче кога го тепаат! На крајот, ќе ја загуби и државата!

2 comments:

  1. Moeto semejstvo zivee poloso vo poslednite godini.
    Ludjeto se pretvaraat vo brojki kako del od izvestaite za 'uspesnite' borbi protiv 'kriminalnite bandi'.
    Doktore, mnogu mi e zal sto si vo pravo :-(

    ReplyDelete
  2. Та не е само твоето семејство што живее полошо, анонимен, не го кажувам ова со прекор туку со жалење,но има и нешто многу полошо од отежнатата секојдневна физичка егзистенција и психолошки терор што се спроведува на милион начини. Ни ја зедоа душата, достоинството, моралот, вредносниот систем на човечкото опстојување, зашто истиот народ во некои други поопасни времиња раѓал и негувал бисери од човековиот род, кому честа му била пред се` најмило што го имал. Белки не беа тие од друга планета...Откај се намножија овие изроди од разни провиниенции што не` трујат секојдневно веќе 20 и кусур години? А ние сме експериментални , лабораториски животни,коишто служиме за статистички податоци (и никако да влезам во тој статистички просек)ќе да галиба грешката во мене. А сум можел да се родам и на некоја друга планета, па макар доматите таму биле зелени. "Dotle je medju nama doslo" би рекол поетот Васко Попа.

    ReplyDelete