Friday, December 24, 2010

СРЕДБА



„Јас, знаеш, точно е... ме избркаа од гимназијата, но не поради незнаење, туку, поради многу зборење! Веднаш потоа, во новото (занаетчиско) училиште влегов и во Сојузот на комунисти...“ - говореше неговиот познаник од детството, со кого заедно учеа во основно училиште! Се сретнаа, сосема случајно, по цели триесетина и нешто години од тогаш! Уфирцан во одело, а тој и понатаму лежерно облечен, говореа за минатото, за нивните животи! Тој, вработен во јавно претпријатие, партиски определен, но „мува нешто“ и приватно (имал фирма), сега станал дури и шеф... факултетот никогаш не го завршил, но не му ни требал, тој бил попаметен од сите тие...
Другиот - со факултет (завршен во рекордно време и со одличен просек), повторно, на ивицата на опстанокот, никогаш легално вработен (договори, на одредено, хонорарно...), во борба за преживување, прикрпува нешто, но за пари за приватна фирма и за вработување во државно претпријатие, може само да сонува. Се сеќаваше добро, дека неговиот другар од детството го избркаа од гимназијата, поради тоа што беше лош ученик, со изразито слабо знаење!

Да! Добро се сеќава! Тоа беше човекот кој едвај го заврши основното, всушност мајка му и татко му, уште оттогаш редовно го посетуваа училиштето интересирајќи се за нивното синче (со поклони за наставниците во рацете)! За разлика од неговите родители, кои беа редовни, единствено на родителските состаноци, иако се познаваа со повеќето наставници, но веруваа силно дека неговите оцени, треба да произлезат од знаење. Се дружеше со него не гледајќи во неговите мрсни парталави облеки, ниту во неговиот примитивизам. Трошната куќа во која тој живееше често ја посетуваше, носејќи му ги домашните и покажувајќи му некоја нејасна задача, или лекција.  На ѕидот, висеа репродукции од бонбониери. Веруваше, останало нешто од онаа дружба. Па тоа е човекот со кого заедно израснаа! Заедно учеа, заедно ги гледаа првите симпатии, заедно учеа да возат велосипед, делејќи го неговиот стар „Пони“! Се сети и на моментот кога го виде како бега од неговиот подрум. „Зарем е можно!?“ - не им веруваше на своите очи! Зарем е можно неговиот другар да го обил неговиот подрум?! Првиот пат, му беа украдени само некои стрипчиња. Потоа, неколку книги, плинска боца, стара маса, па дури и киселата зелка... Следуваа вентилот за вода, „Понито“...

„Да. Да, дури и претседател на младинскиот сојуз станав... Имав прекрасни реферати, подолги не знаеше никој да напише...“, велеше, продолжувајќи да му ги опишува квалитетите на рефератите и сопствениот политички живот!

Некако, веднаш почна да му се враќа времето, од гимназијата, кога поради одличните оценки, беше предложен и самиот за членство во Сојузот на Комунисти! „А, зарем треба да сум одличен, за да влезам во Сојузот?“ - праша. „Ти само напиши молба во која ќе истакнеш дека потекнуваш од сиромашно земјоделско и работничко...“, проба да му посочи класната. Веднаш ја пресече „Но, јас не сум од сиромашно земјоделско-работничко семејство! Моите, живеат со векови во градот, а и...“... Се чувствуваше немир во класот. „Добро, тогаш напиши дека отсекогаш си имал желба...“ - проба да го исправи старата и искусна професорка, една од оние, кои, поред тоа што беше одличен педагог, знаеше да пренесе и прекрасно знаење... „Искрено, немам никаква желба да членувам таму! Не обожувам кога некој има привилегии и предност над другите. Не сакам да имам оценки заради членството, не сакам на таков начин да напредувам во животот... Знаете ли кој сè не членува таму?“. Жагорот зад него се зголемуваше. Дел од неговите соученици беа шокирани. „Каква дрскост! Што си замислува овој?!“, им се читаше од погледите. „Предавник! Србоман! Шири буржоаски идеи!“, изусти некој во обид да го омаловажи! Малкумина јасно го поддржаа! Професорката, наполу разочарана, но свесна дека ја говори вистината, се согласи со неговите ставови и веќе до крајот на неговите гимназиски денови не му спомна за некакво членство! Знаеше добро дека е син на првоборец, носител на многу високи странски и домашни одликувања и признанија, високообразован, политичар и функционер, иако, самиот ученик никогаш не го спомнуваше тоа. Силно го почитуваше својот најдобар ученик, како што таа самата гордо истакнуваше, особено, неговата определба да остане вон партијата!

„Досега никој не пишувал толку долги реферати“- го потенцираше повторно својот квалитет. „И на работните акции бев главен. Знаеш, не работиш, туку, им командуваш. Потоа, кога ќе се вратев... А и во војска, доста бељи правев, но кога им реков дека сум член на комунисти, веднаш ме ставија во највисоките партиски форуми на касарната. Така и се вработив! Веднаш, по доаѓањето од војска... па член на партија бев. Ме знаеш... и во Месната заедница станав главен.“! „Знаеш... потоа дојде до растурот, јас, веднаш го ставив во собата знамето од Вергина! Лавот, уште оттогаш е кај мене дома, не како кај некои! Знаеш, не сум јас како некои што дури сега, од вчера... Сега сум власт, бе...“ - продолжуваше да меле, обидувајќи се да го оправда својот конвертизам во патриот. „Ние им градиме прекрасни споменици и барокни градби, а тие... Овие проклетници сега, овие предавници, името сакаат да ни го сменат... Се фатиле, А1 ќе го бранат... Не за друго, туку да знаеш што да им одговориш на оние што го тврдат спротивното...“, го подучуваше, безуспешно обидувајќи се да ги состави зборовите!

Во главата му зуеше. „Зарем е можно овој да стане власт!? Зарем е можно овој да ме владее!? Човекот кој до вчера крадеше од неговиот подрум? Човекот кој сеуште не знае да состави проста реченица? Оној, чија мајка ја виде, пред само неколку денови, како од пред новиот трговски центар во изградба, бесрамно зема од песокот, како товари плочки за тротоар во количката, собира даски, поставени за да го држат сообраќајниот знак...!?“, размислуваше резигнирано.

„Денеска господинот Х, беше предложен за функцијата...“ - ечеше телевизорот. Ја препозна сподобата од екранот! Почуствува огромен нагон на гадење, цревата му се превртуваа...

*напомена: секоја сличност со фаците кои ве опкружуваат е намерна!

1 comment:

  1. Мама ни расплакаа слабите ученици- соученици. Тие истите коишто на времето (го викаат едноумие, „мракобесие“)ги одбегнувавме во посериозни разговори, едноставно ги „дискриминиравме“ само врз основа на нивната нетрудољубивост, немање желба да читаат, да се самоизградуваат,кои тешко можеа да се доберат до женска затоа што не читаа, кои денес, ете, менуваат знамиња, од книги ги имаат само оние коишто им одговараат на мебелот, чичка нови, никогаш отворени или воопшто не се фрлаат на таков трошок да купуваат книги, имаат уште ред тракатанции -симболи на нивниот престиж и статус. Е, арно ама, тие ни ја кројат судбината,во сето свое незнаење, самобендисаност, бескрупулозност,превртливост, лиживаганство,ете, тие подопашници се кројачи на нашиот живот.
    Ех, господ е голем, настроен сум да верувам дека не` гледал однекаде и не` казнува за тоа што сме ги „дискриминирале“ и толерирале, место да ги замелушиме и да ги ставиме таму каде што им е местото!

    ReplyDelete