Friday, April 8, 2011

КАЖЕТЕ И´ НЕ НА БЕДНАТА КОПИЈА!



Постои една заблуда околу прашањето за изборите, актуелно деновиве. Тоа е илузијата дека тие ни се потребни само за да ги решиме проблемите околу две „клучни прашања“, кои постоечкава власт е неспособна да ги надмине. Како круцијални прашања за опстанокот ни се нудат плацебото за подобар живот: решавањето на спорот со Грција околу името и блокадата на членството на земјава во НАТО и во ЕУ, како централни прашања на државната политичка агенда.


Жално е што како државен приоритет се појавуваат цêли кои се дел од нечија фантазмагорија за подобрување на животот на граѓаните на Македонија! Ова значи дека всушност, во нашава земја и нема некоја здрава политичка сила (опција) која би направила реална анализа на состојбите во земјава и за потребите на граѓаните! Некако, по непишано правило сонуваме дека искачувањето на овие два „врва“ ни се доволни за натамошна егзистенција и просперитет.

Всушност се работи за две лажни вредности кои, сами по себе, не можат да ни донесат никакво добро! Можеби единствено во рамките на меѓународната позиција, иако, повторно, тврдам дека не може ниту со тоа да постигнеме некое значајно задвижување нанапред. Конкретно, велат дека влезот во НАТО ќе ни ја гарантирал внатрешната безбедност. Тоа е невидена заблуда. Тие не можат да ни гарантираат никаква наша безбедност, освен, ако таквата безбедност не им одговара и на нивните глобални интереси! Тоа, веќе еднаш се докажа во војната од 2001 година, кога силите кои сме замислиле дека ќе ја гарантираат нашата безбедност, застанаа на страната на качачките банди, здушно помагајќи ги, како на пропагандно-дипломатски план, така и во воено-техничка помош, од обучување до наоружување со современо оружје, но и во храна, облека и лекови. Дали внатрешните препирања, поттикнати со внатренационалните недоразбирања ќе прекинат? Ова особено е изразено помеѓу Македонците, како реално мнозинство, и Албанците како мнозинство кое тие замислиле да го остварат, заради политичко-територијални цели и заради конечно остварување на идеалот, зацртан во програмата на Призренската лига, обединување на териториите на кои живеат Албанците во една единствена „Илирида“, или „Дарданија“ (слободно читај: Голема Албанија)! Веднаш да ги пресечам навивачите од спротивниот тим — не дека и ние си немаме зацртано обединување на „нашите делови“! Сосема е иста заблудата кога претендирате на „етнички чисти“ граници! Сосема е иста заблудата кога се стремите кон територии на другите држави, особено кон оние кои никогаш дотогаш, низ историјата, не биле ваша сопственост!

Лага е и идејата дека штом ќе влеземе во ЕУ, работите ќе почнат да се средуваат самите по себе! Како најголема заблуда која им се нуди на граѓаните е идејата дека ќе се прошири пазарот, па нашите „многу барани“ производи веднаш ќе полетаат кон Западот! Дали можеме да застанеме зад ваквото тврдење? Кои се тие наши производи кои се конкурентни на пазарот на Европа?! Виното? Па него го има во доволни количества и во околните земји и е со одличен квалитет, да не говорам за земјите како што се Италија, Франција и Шпанија, каде што виното е дел од културата — посебен ритуал на трпезата! „Со земјоделските производи!“, велат некои! Да, имаме квалитетен патлиџан, краставица и пипер, но, ќе не убие малодушноста! Нашиот сељак не е жив, ако не се обиде да замати, или да се покаже поитар од „западните незнајковци“! Глупиот секогаш обожува да се надмудрува! Верувам дека веднаш под површината на „прекрасно“ спакуваните патлиџани веднаш ќе налетаат на скапаните и мувлосаните! Повторно да напоменам дека ваквото производство го има и во соседните земји. Грците, зиме, уште пред триесетина години на своите пазари вадеа краставици, патлиџани, пипер, марула... кај нас тоа е хит од пред некоја година! Уште во ’70-тите во еден дел на Грција имав прилика да видам огромни ладилници и фабрики за конзервирање на овошјето, наводнување „капка по капка“! Ние сме биле највредните работници, велат. Да, вообичаено е нашиот човек да се утепува од работа онаму каде добива парички, вреден е, но сепак, силата која му недостасува на Западот, тој лесно ја надокнадува, во последно време и со Азијати кои работат како мравки! Ни остануваат единствено местата предвидени за тешки физички работи, бидејќи „умот“ кој, овде е преценет, таму, најчесто, го согледуваат како безвреден и му се потсмеваат на неговата „бистрина“!

Па, кој е тогаш начинот да ја подобриме состојбата? Токму, ако почнеме да го одиме најтешко остварливиот пат — промена на менталитетот и свеста. Можеби ни изгледа невозможно, но како ќе дознаеме, ако не се обидеме? На која свест, ќе прашате! На кој менталитет?!  Промена на малограѓанската свест! Промена на ситната себична душа! Промена на тезата дека сме најумниот, најстариот, небесниот пранарод. Промена на идејата дека сме најгостољубивите, најширокоградите, најитрите... Промена на идејата дека Светот не може без нас и дека секојдневно му е полна устата со нас, дека постојано само за нас говори, и дека е преокупиран со нашите проблеми!

Потребни се итни реформи во образованието. И тоа во примарното! Тие се приоритет од стратешко значење! Во прашање е опстанокот на земјата, нашиот понатамошен развој! Во прашање е она што ќе остане по нас! Па тие се веќе остварени, велат! Зарем навистина вака го замислувате образованието на своите деца!? Според нив, доволни се празните компјутери за секое дете и интернет — бидејќи секое дете денес било многу писмено, а писменоста им произлегувала од начинот на кој сурфале на интернет и ги играле компјутерските игри. Зарем навистина така ги гледате нашите идни генерации? Зарем ги замислувате своите деца како теледиригирани Фејсбук-профили!? Зарем, со тоа ќе го мериме интелектот на нашите деца?

Деновиве, застанав покрај една тезга на отворено, преполна со книги. Проект за доближување на книгата до публиката (што и не е така лоша идеја) на една наша позната издавачка куќа. „Сè за двесте денари“ — пишуваше! Ми падна в очи еден роман од славен Руски писател, кој сум го прочитал многу одамна. Романот беше тенок колку Ајпод! Имајќи го в предвид и форматот на изданието, во чудо го прашав продавачот: „Зарем овој роман не беше малку подебел?! Зарем тој не беше издаден како четиритомно издание“? „Видете, ова е сосема нов принцип. Извадена е суштината на романот... !“, почна да го брани продавачот изданието. „Суштина на романот!?“— гледав вчудовиден. „Знаете... амерички метод на образование. Тие така прават. Та, нема потреба да ги заморуваме децата“, се одбрани тој. Тука, пред мене, беа и „Снеговите“ на Хемингвеј, „Џејн Ејр“на Е.Бронте сведени во минимална верзија од само неколку странички! Каков ужас! Можно ли е некој да ја „извади суштината“ на романот, ако прочита само негови делови? Каква писменост и речитост ќе им донесе тоа на генерациите кои и без тоа едвај се изразуваат!?

Најчестиот индикатор кој ме упатува на итноста и неопходноста од промените во образованието се коментарите кои ги разгледувам низ онлајн изданијата на нашите весници. Тие се мојот несоборлив доказ за мракот кој м’обвива!

Потребни се итни реформи во судството! Што!? Па, зарем веќе не ги направивме? Па, министерот рече... Да! Но министерот и владетелот замислуваат однапред остварени реформи со еден потег — замена на стариот „комуњарски“ кадар со нов, просветлен со партиската книшка од ВМРО! Да! Но... тие отворија Академија за дообразование за оние кои им се намерачиле на судските фотелји! И!? Зарем навистина верувате дека таму единствениот критериум ќе биде квалитетот? Да бидам искрен, деновиве ми понудија да влезам во нивните редови! Ќе ми се оствареле сите соништа, ми посочија! Им требале интелектуалци од мојот калибар! Е, јак калибар сум бил! Се стаписаа кога им посочив дека никако не можам да се идентификувам со интелектот на Шерифот McLaboud и со оној, на „нашиот“ Портокалов неред!

Здравството е еден од итните приоритети на оваа земја. Како тргнало, можно е да се доведеме до стадиум кога луѓето ќе ни умираат од најнеопасните болести! Хаосот во клиниките и болниците е огромен! Често ќе налетате на огромни гужви во болниците, без никаков ред. Дури и можноста за лечење се доведува под знак прашање, заради недостаток на основен материјал за лекување. Недостасуваат завои, гази, лекови, игли и шприцеви!

Инфраструктурата е очајна. Патиштата и улиците се распаѓаат. Наместо поправање на улиците низ главниот град и подобрување на редовноста и хигиената во градскиот превоз, владата се луксузира со нашите пари, објавувајќи ги како нивна сопствена донација. Добивме ретро-даблдекери, кога светот воведува нови. Најлошо од се’ владината пропаганда ги прогласи за вселенски летала!

Добивме прескапо платени кичфигурини, кои ги претставуваат како лековити споменици, лечејќи си ги личните комплекси и сопствената инкурабилна глупост! Се распослаа со квазибарокни градби, некаква псеудокласика со антички примеси, која нема никаква врска со уметноста и со естетиката. „Токму како оние на Александар“, посочува нивниот Шпер, кој, до вчера членувал во општинскиот одбор на интелектуалци на СДСМ, а сиот живот вработен како новинар во МРТ! „Градиме!“ — велат, гордо рекламирајќи ја својата глупост како врв на интелегенција, претопувајќи ги безочно вашите пари во сопствените џебови.

И тука некаде доаѓаме и до главната приказна за потребата, не од избори, туку за итна промена на опасно абузивната власт, која секојдневно ја злоупотребува својата моќ! Проверете колку закони се донесени, а не ги исполнуваат ниту основните критериуми за да се наречат закон! Избројте ги законите кои Уставниот суд ги укина како спротивни на Уставот! Еве, еден свеж пример: Законот за легализација на дивоградбите! Најубаво ќе беше да го преименуваат во закон за легализација на криминалот! Овој закон е противуставен, нелегален и ги крши и е целосно спротивен со уште најмалку седум постојни закони! Замислете ја сега и „упростената“ постапка за легализација на градбите! Особено оној дел каде се вели дека е сосема доволна ваша изјава (под полна морална и кривична одговорност) дека земјиштето, на кое сте ја изградиле дивоградбата, е ваше и дека е изградено во периодот пред да се донесе законот! Во држава каде секој гледа да го надмудри законот, ние почнавме да им веруваме на криминалците на збор! Какво лудило! За продажбата на земјиште за едно евро, воопшто и да не говорам! Имате прилика да купите вакво земјиште на затворен интерен конкурс, за кој се запознаени само одредени сурати блиски до власта.

Смената на ваквата власт е егзистенционална потреба! Насушна потреба од која зависи натамошениот опстанок на државата! Пред сè, доведен е во прашање нашиот опстанок, не како народ, туку како луѓе! Проблемот не е во тоа што наредните генерации се презадолжени, туку тие нема ниту да бидат способни да го враќаат долгот! Она што е најстрашно ќе имаме низа на упропастени генерации кои учат погрешни факти. Генерации кои ќе бидат делумно образовани, а убедени дека го создале светов!

No comments:

Post a Comment