Friday, September 9, 2011

НАЈСВЕТЛИОТ СПОМЕНИК НА „ПРЕРОДБАТА“




Кулминираше национал-социјалистичката еуфорија! Вистински делириум тременс! Лет во место, со сите наши три хеликоптери и со нашите два авиони, на чија опашка гордо се вееше македонското знаме… Катарза на аменцијата!

Војници маршираа како победници во војната против Авганистан и Ирак. Велат, биле во мировна мисија.
Само будала може да поверува дека мирот во една земја, каде има илјадници цивилни жртви, најчесто недолжни жени и деца, може да се спроведе со војници наоружени до заби. Само нездрав и плиток ум, може да поверува дека окупацијата на туѓи територии во името на светскиот неред, онаму, каде гинат десетици цивили дневно, но и странски платеници, може да претставува мировна мисија. Велат, Ј. Мијалков се впуштил во „операција на спасување на македонските војници“ од војската на ЈНА (единствената Легална војска во тоа време) и нивното вмешување во војната за заштита на недолжнмите граѓани од сеништата на фашизмот. Велат, ги избавил и допринел Македонецот да не гине повторно за туѓите интереси!(?!) Зарем гинењето во обид за зачувување на заедничката татковина претставувал погибија за туѓите интереси?! За кого ли гинат македонските војници денес во земјите оддалечени илјадници километри од нашата? За интересите на Македонија?! Единствената разлика е што сега тоа го прават солидно преплатени манијакални идиоти, спремни да погинат за пари (најверојатно во тоа се состои личниот интерес за кој вреди да се погине)! Ништо повеќе!

Верувам дека во замена за ова наше учество, владата добила исплата во бензин и керозин, за да може „гордо“ и без пари да ја вивне во воздух својата авијација. Верувам дека и од австриската ЕВН, добиле попуст за раскошнтата разнобојна расвета во која преовладуваат црвената и сенишно белата која би требало да претставува имитација на сончевите зраци. Фонтани и водоскоци, кои исфрлаат галони вода во неповрат! Можеби се повторно некое дело на водоводџијата-магационер? Повторно заштедил човекот во име на патриотизмот! Краток огномет, кој градот го претвори во дим, станувајќи сомнително, дали употребиле ракети за огнометот, или димни бомби кои ја опиваат народната маса! Скапоцен огномет од 15 минути! Чини ли тоа пари, или фирмата која го приредува патриотски ги поклонува употребените „бесплатни“ материјали? Имавме прилика да се изнагледаме на факели, во кордонот направен од дечињата, претворени во „Гwујокио-југенд“,  пред очите на своите наивни родители, на кои им е најбитно нивното дете да не се двои од масата и да биде видено. Тоа и не е така безначајно, ако знаеме дека низ кордонот ќе минуваат досега „најгенијалните“ водачи на оваа земја! „Гледај! Ене ја нашата Ана! Сега ја гледа цела Македонија!“, вели една женичка, горда на своето дете. А, детето ― внесено во дрската безочна игра на политичката манипулација за аугментација на минорните искомплексирани патриоти! Костимографија како во старите добри наци-времиња на стадионот во Берлин. Сето тоа ― „без пари“!

Токму, колку да поверувам дека авторите и учесниците (пеачите, актерите…) одбиле (каков невиден патриотски чин!) да работат за хонорари. Исклучиво со срцето и душата, водени од најголемата љубов кон татковината! Па, не е случајно, така пејат и во своите песни! Верувам дека минувајќи низ „Портата на триумфот“, на која преку пеперутки и еребици е симболизиран „нашиот непокор“, или вртејќи се околу „Воинот на коњ“ ниту еден од нив не се присетил на бесплатниот „патриотски труд“ на авторката на овие грозомории! На ситните 2.7 милиони евра фрлени за овој безвреден кичерај. Верувам дека не се присетиле ниту на хонорарите на останатите автори на кичерајот! Можеби се сетиле на славната мајка-видарка која „патриотски“ си купи неколку станчиња и фирми, дома и во Чешка! Но, сепак, овие наши горди херој-патриот автори во стилот на поранешниот социјалистички систем го сторија побогат сиот овој раскош откажувајќи се од својот авторски хонорар, во име на бедата и сиромаштијата! Кој знае? Можеби повторно ќе ги вратат Младинските работни акции, па ќе нè тераат сите да работиме на нив со цел да се подмладиме? А, можеби сето тоа беше во име на „великиот“ патриотизам што им е слепен за срцето и душата, во вид на банкноти и кредитни картички?! Треба да поверуваме дека целата претстава не чинеше ниту денар?! Еве, верувам, но пред мене се испречува траорното прашање ― Ако утре дојдат да ми ја исклучат струјата, затоа што не сум ја добил навреме мојата плата, каде да ги испратам инкасантите? Ако повторно доцни исплатата на пензиите на пензионерите, каде ли да се пожалат? Ако се разболи моето дете, а докторите одбијат да го лекуваат гневни што не примиле плата… каде ли да појдам?! Знам! Ќе појдам до спомениците! Велат, лековити биле, па можеби ќе ми дојде паметот!

No comments:

Post a Comment