Wednesday, September 28, 2011

ГРАЃАНИ ОД ПОСЛЕДНИОТ РЕД





„Секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност. Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место. Секој вработен има право на соодветна заработувачка. Секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор. Од овие права вработените не можат да се откажат.“ (Член 32 од Уставот на Република Македонија)

Колку убаво звучат овие ставови од највисокиот правен акт, кој ги уредува правата, слободите и должностите на граѓаните, нивниот однос кон државата, но и односот на државата кон нив.
„Колку е прекрасна нашата земја!“, ќе ви проструи низ главата. Според него, живееме во идеална држава каде не постои подвојување и дискриминација на граѓаните. Сè повеќе сум убеден дека се работи за форма (мртво слово впишано на хартија) која вешто се труди да ја заобиколи суштината. Се наметнува прашањето дали во земјава постојат привилегирани граѓани и граѓани од втор ред! Самото вработување ги претвора едните во привилегирани граѓани, наспроти оние третите, невработените кои се на ивица на егзистенција. Кои од овие врежани норми ги обезбедува Уставот? „Секој има право на работа“ се вели во него, но изгледа едните, многу повеќе од другите.


Станко, ми раскажа за средбата на еден наш сликар со близок роднина на еден актуелен владетел. Го убедувал да пристапи кон „патриотите“, пред изборите, со ветување дека ќе му обезбеди работа (на неодредено, се разбира). „Го нашле човекот“, си помислил тој. Почнале да расправаат за состојбите, за реалноста. „А зошто не се пријави на конкурсот за скулптури?“, прашал ценетиот роднина, заборавајќи на фактот дека на соговорникот му се добро познати конкурсите за слободни работни места, за уметнички решенија на кои недостасуваат единствено бројот на чевлите и телефонскиот број од кандидатот, предодреден за победник... „А, каде беше објавен?!“, прашал сликарот зачудено, додавајќи дека е сликар, а не вајар. Не добивајќи одговор, роднината продолжил со убедувањето - „Знаеш, нам ни недостасуваат интелектуалци од твојот ков“. „Знам“, рекол спремно уметникот. „Од каде знаеш?!“, следувало прашањето. „Па, видливо е!“, одговорил со смеа сликарот. Потоа, отворено им рекол дека нема намера да влегува во ниедна партија и ја скинал пријавата, бидејќи на укажувањето дека е неморално да ги уценуваат луѓето со членување во партија, добил одговор дека така мора да биде „затоа што и тие така правеле“. Не, не е лажна сказнава. Го познавам и јас уметникот и верувам дека е способен да го направи тоа. За жал, тој како и повеќето негови колеги е сè уште невработен и е на работ на егзистенција.

Петар, пак, е со средно образование и завршил одамна, со одличен успех. Со години се пријавувал на конкурсите објавени во дневните весници. Најчестиот одговор кој го добивал е дека на истото место објавено во огласот  веќе со години некој работи. Поседувал дури и „зелена приоритетна листа“(извадена со врски,како и повеќето) издадена во времето на социјализмот, но и со неа не успеал да се вработи. Секогаш имало некој кој бил поприоритетен, вели.

Милан, по 20 години чекање на Бирото за вработување (сега Агенција за вработување) се откажал од одењето таму, бидејќи го обврзувале да се пријавува секој месец, па повеќе трошел за превоз до таму, отколку што успевал да заработи на црно за да го скрпи месецот и да го прехрани семејството. Работел и во „јавно претпријатие“, на позиција каде се бара средно образование и, иако бил со високо образование и со висок просек, никогаш не успеал да обезбеди постојано и пристојно вработување. Врз неговиот труд, очигледно некој се богател, а работел во неколку смени, често дури и споени (ноќна и утринска),  заради „грешка“во планот на раководителот. Најчесто, без одмор за викендите и празниците. Бил баран работник кој ги сработувал работите што другите воопшто и не знаеле да ги работат, а примале плата за тоа. Смеел ли да се пожали?! Првиот пат кога се осмелил да протестира бил исфрлен од претпријатието, за кое секој наш граѓанин е должен да издвојува од својата заработувачка, без оглед дали е вработен и дали има со што да плати. Никаква материјална обезбеденост не му следувала, бидејќи бил вработен „хонорарно“. За неговата вработеност не постои никаква евиденција, ниту во фирмата, ниту во државата, па не може ниту да се потврди дека работел таму, му објасниле во Државниот инспекторат за трудот. Заработувачката (хонорарот) му доцнела цели 20 месеци. Не се осмелил да го тужи претпријатието, затоа што не познавал некој адвокат, кој нема да го одере. Истиот се зачудил кога го видел неговиот колега средношколец кој работел хонорарно, како него, во приватна фирма за која му потврдил дека е негова сопственост. „Зарем не те вработија?!“, го прашал. „Па, мене ме примија само неколку недели по твоето заминување и сега си работам и таму, и ваму“, продолжил овој да се фали, чудејќи се. На денот на изборите се веселел со шампањ во штабот на пастирот, наздравувајќи му на победата. Еден ден подоцна, весело му мавтал со раката поздравувајќи го од својот новоспечален џип.

Додека се градеше грозомората „Скопје 2014 п.н.е.“ при градењето на „Музејот на фашистите“, загина работник. Ниту некој одговараше за фактот што скелето не било доволно безбедно, ниту пак, некој одговараше затоа што работникот бил вработен на црно. Поголемиот дел од работниците кои ја ѕидаат владетелската грозотија се нелегално вработени кои платата ја примаат на рака и со задоцнување. На таа тема владее молк. Како сите партии да се договориле меѓу себе дека така треба да биде, дека тоа е нормална појава. Но не само тие. Ниту организациите на работниците не се загрижени околу овие состојби. И за нив ова е природен процес, точна визија за тоа како си го замислиле капиталистичкото и демократско општество! Масовен грабеж на туѓото од страна на новосоздадени „дами и господа“ и целосен молк од спротивната страна. А партиите кои се прикажуваат за „работнички“, преполни со газди збогатени на сомнителен начин.

Минал ли некој низ пустите и испразнети трговски центри? Делуваат сенишно и празно, но обидете се да тропнете на некоја од вратите, прекриени и облепени со разни весници и плакати. Внатре и не е така пусто како што наликува однадвор. Врие како во пчелина кошница. Над влезот нема никаква неонска реклама, или наслов на фирмата. Го нема ниту на вратата, но внатре е живо и раздвижено. Ако загребете и ѕирнете меѓу хартиите ќе видите дека внатре има дури и машини, не само луѓе. Ако сте стрпливи, и малку поупорни, може и да начекате некој да излезе од вратата. На прашањето која фирма е внатре, ќе ви одговори молкот, а можеби и ќе добиете пцост и прекор. Ако налетате на некој кој е назначен да шефува, можете да влетате и во турканица со него.

Следна сцена е од една стара зграда во Скопје, во која на времето имаше претпријатија. Зградата е на релативно нов булевар и однапред изгледа дека е сè во ред. Стојат фирми и магацини со нивните имиња, обновена фасада, дотур на роба, или некоја новоотворена кафеана. Од задната страна, сосема поинаква песна! Хорор! Фасадата пропаѓа, улицата ― набиена земја, а влегувате низ простор со скалила обвиени во прав и пајажина која ја растргнува само вашиот ōд. Тука, одамна не поминал некој да очисти. Светлината ѕирка низ одредени отвори кои повеќе наликуваат на дупки одошто на прозорци. Некаде дупките се вистинити и доволно големи што дури и самите наликуваат на прозорци. Внатре, истата сцена како и во просториите на напуштените трговски центри ― купишта луѓе и машини.

Така е со години. Веднаш се наметнува сказната. Живееме ли во некакви паралелни светови? Постои ли адот?! Ги проверува ли некој овие пусти и испразнети трговски центри и стари згради? Си игра ли некој криенка со законите во оваа земја, или можеби во оваа циркус-земја и тоа е дозволено? Кој ли работи таму и живее од туѓиот труд, богатејќи се и на сметка на вработените и на сметка на државата? Таму е сепак преполно со работници! Личностите од претходните примери со години не постојат на работните списоци во нивните претпријатија, а сепак (и најчесто) тие ја носат работата на целата фирма врз своите плеќи. Најжално е што некои работат „на црно“ („хонорарно“) во државни фирми. Што да кажеме за приватните претпријатија, кога државата дозволува ваков третман дури и во своите министерства?! Ниту се евидентирани дека постоеле и дека некогаш работеле таму, ниту се плаќани навремено. Тие, нема да доживеат пензија! Немаат право ниту да ја уплаќаат, ниту, пак, можат да ја уплаќаат. Имаат ли право на детски додаток?! Нивните деца... имаат ли и тие некакви права? Имаат ли некакви потреби?! Се лекуваат како знаат и умеат. Немаат право ниту на кредитни, ниту на дебитни картички.Се богати ли некој врз нивниот грб? Пријавени ли се некаде, добиваат ли плата? Неа не ја добиваат ниту оние редовно вработените (на неодредено), иако Уставот експлицитно им го гарантира тоа! Не! Тие не се граѓани од втор ред! Тие се граѓани од последниот ред! Тоа се појави кои со години опстојуваат, а манипулацијата со граѓаните од последниот ред, под покровителство на државата, очигледно е доведена до степен на совршенство. 

No comments:

Post a Comment