Wednesday, March 28, 2012

(НЕ)АРГУМЕНТИРАНО ПРОТИВ ЛЕГАЛИЗАЦИЈАТА






Во саботното издание на „Дневник“, Влатко Ѓорчев, пратеник во Собранието, ја отвори повторно темата за проституцијата во Македонија. Она што ме зачуди во текстот е површноста со која тој расправа за оваа сериозна тема и застанува против нејзината легализација, што повеќе посочува дека аргументите се резултат на политичка проституција и додворување кон електоратот, отколку сериозен политички настап. Неколкуте тези изнесени пред читателите, под превезот аргументација против легализацијата, всушност воопшто не се тоа.




Идејата за легализација на проституцијата, кај нас за прв пат ја пласираше лидерот на Светскиот семакедонски конгрес, Тодор Петров, уште на почетокот на осамостојувањето на Македонија. Неговите побуди, или беа наивни, можеби поттикнати од желбата да шокира, да биде во тренд и во најголем дел останаа непознати за јавноста. Текстот на Ѓорчев, невешто се обидува да застане во одбрана против легализацијата на проституцијата, ширејќи неколку заблуди.


Најпрво, сосема неточно е дека проституцијата има воопшто некаква врска со зголемувањето, или намалувањето на насилството врз жените. Жените се често тепани, психички и физички малтретирани и силувани од своите партнери, неретко дури и во предбрачните врски, а и од сопствените мажи во брачна заедница. Втората наивна теза е дека легализацијата има некаква врска со зголемувањето на трговијата со бело робје, што е ноторна заблуда, затоа што Македонија веќе подолг период е обележена од Интерпол како една од државите на трасата низ која таа непречено минува.

Легализацијата на проституцијата во западноевропските земји се јавува како идеја, само заради полесна контрола на државата врз неа, најчесто, заради обезбедување додатни приходи од опорезување, но и заради евиденција на оние кои се занимаваат со најстариот занает на светот и за контрола врз сексуално преносливите болести. Меѓу другото, им обезбедува таков третман на проститутките на кој многу работници во Македонија можат да му позавидат: редовна здравствена контрола, социјално-пензиска и здравствена сигурност и контрола врз манипулациите кои ги прави нивниот работодавач. Во самиот амстердамски црвен кварт е подигнат споменик во чест на „сексуалните работнички“, со порака: „Почитувајте ги низ целиот свет“. Тоа, пак, нема никаква врска со зголемувањето, или намалувањето на проституцијата, затоа што таа се обавува најчесто затскриено, зад некакви сосема поинакви дејности (бизнис придружба (ескорт), домашни помошнички, танц во кафеана и сл.). Се одвива непречено со милениуми и покрај обидите на многу владетели да ја спречат со најригорозни мерки (жигосувања, сечења глави, екстремитети, спалувања и сл.). Често, таа е една од инструментите за политички и професионален напредок низ скалилата на општеството и воопшто не е занимање кое е резервирано само за еден (женскиот) пол, затоа што со неа често се бават и мажите. Од нејзината легализација, воопшто не зависи „зголемувањето на детската проституција“ (како што тврди авторот на текстот во весникот), ниту дали ќе има „повеќе проституција“, или помалку. Често се случува со неа да се занимаваат дури и жени (и мажи) кои се во брачна заедница, вклучувајќи ги тука и нивните деца, од нивна најрана возраст, па од нејзината легализација воопшто не зависи уривањето на „семејните вредности“, затоа што овие семејства често се и многу влијателни во општествата.

Патем, авторовите „аргументи“ ги побива и фактот што и покрај тоа што во Македонија е вон законот, проституцијата е во постојан подем и таа добива загрижувачки размери, дури и меѓу малолетниците. Најчест нејзин генератор се мизеријата и економската беда (често и духовната, но не и задолжително), дрогата, алкохолот, особено во општествата со изместени вредности какво што е нашето. Иако забранета, таа постоеше дури и во „комунизмот“, а познат е случајот со скопскиот макро кој им обезбедуваше сексуални услуги на политичарите со каталог и во елитен стан, кому самите „работнички“ му обезбедија погреб во скапоцена свила и најскап ковчег. Кај нас, често со неа се занимаваат дури и главните во службите на органите кои треба да ја прогонуваат.

Основното зло на легализацијата на проституцијата кај нас е тоа што ваквиот правен акт само би го легализирал досегашното работење на криминалните структури. Тој, ниту би ја зголемил контролата врз проституцијата и криминалот, ниту, пак, онаа врз венеричните болести. Напротив, само би го зголемил бројот на оние кои се бават со проституцијата, затоа што во неа ќе видат шанса за вносен бизнис, но воедно ќе доживееме и нагла експанзија на сексуално преносливите болести.


No comments:

Post a Comment