Thursday, May 3, 2012

ИСПОВЕД НА ГРЕШНИОТ




Деновиве се изнаслушав глупости од типот дека сите оние неверни се некои зли и расипани до с’рж луѓе, платеници на странските служби, предавници, луѓе криминалци и убијци, кои повеќе наликуваат на монструми и некакви мутирани суштества од вселената отколку на живи овоземни битија. Неретко ваквите констатации потекнуваа од такви пред чие име стои некоја научна титула. Наспроти тоа, тие нè уверуваат дека верните се високоморални личности, преполни со љубов за ближните, кои никогаш не би посакале туѓо, ниту украле, ниту би сториле некакво зло.
Убедени се дека забрана на абортусот ќе го воскресне националниот цензус, а дека хомосексуалноста е некаква болештина од која свештените лица се имуни. Веруваат во сопствената исправност и непорочност, посочувајќи ни дека злото и исквареноста лежат само во оние другите, кои не веруваат во нивниот бог.


Се собраа свештениците и веднаш прогласија: „Ни се случи чудо!“. Фреските во „Св. Димитрија“ се прочистуваат, велат тие, нагласувајќи дека нема (и не смее да има) никакво научно објаснување за таквиот настан, освен, дека се работи за божје провидение кое настанало како последица на портокаловиот рај. Сите потрчаа да го видат, па дури и  архиепископот и премиерот, кој гледаше збунето со очињата, потврдувајќи ни дека видел чудо-невидено.
Ете, атеист сум, а сепак сум многу поголем верник од многумина кои себеси се китат со истата придавка. Не! Скраја било да поверувам во приказната дека „Дева“ Марија родила чедо, оплодена од „светиот дух“. Можно е и тоа, но единствено, ако „светиот дух“ е некој деминутив за машкиот полов орган, или прекар за сперма. Не верувам ниту во господ! Барем не во онаков каков што го замислува и ни го презентира црквата преку својата  догма. Затоа, морам да ви се исповедам: признавам дека сум безбожник, или уште повеќе многубожец, паганин. Единствените богови кои јас ги ценам се умот и природата! Има ли нешто побожествено од нив? Затоа може слободно да ме наречете атеист, многубожец, антитеист, паганин, ако под сето тоа ги подразбирате ваквите мои убедувања, но никако не - злобник, развратник, злосторник, или убиец и криминалец. Многу често ги мешам саботата и неделата со работните денови, па во сабота ми се случува да работам, а во некој од работните денови да се одмарам и покрај заповеста дека саботата треба да му ја посветам на бога. Зошто ли токму неделата се води како неработен ден во земјите каде што верата се смета за доблест?


Немам идоли, ни некакви резбани ликови на светци пред кои се крстам и молам. На крај памет ми е некому да се клањам, уште помалку да му служам, најмалку на некакви самопрогласени национални пастири. Никако не се идентификувам со некакво си „негово стадо“. И, замислете чудопосетив безброј цркви, катедрали и џамии, токму во периодот кога беа „забранети“ за посета ― во „црниот комунизам“! Некои од нив дури и во униформа, додека бев војник и замислете, иако во воената книшка пишуваше дека „не е пожелно војник да посетува верски објект“, не ме однесоа на Голи Оток, иако многумина денес ја убедуваат јавноста дека токму тоа би било казната за таквото мое однесување. К’смет некој, што ли? Со години одев на секој Велигден, пред истата скопска црква во која се пројави „чудото“, чекајќи со пријателите во гужвата, за да се кршиме со вапцаните јајца, но најмногу за да се дружиме, бидејќи тоа ни беше еден од ретките денови кога ни дозволуваа да останеме до доцна.

Никогаш не сум се повикувал на својот господ, ниту сум сторил некое дело во негово име.

Мојата најсилна верба е таа, дека не треба да се убива, особено не, ако другиот размислува поинаку од мене и им се моли на поинакви богови од моите, туку дека е потребно да се разговара, понекогаш и да се расправа со него (секако без навреди и меѓусебно омаловажување, туку со почит) и по секоја цена да се избегнува крвопролевањето.

Отсекогаш сум ги почитувал и сум им помагал на своите родители. Тие се луѓето кои најмногу ги ценам! Ги почитувам сите стари луѓе и ниту во еден миг не сум исмевал некој немоќен.

Никогаш во својот живот не сум украл, а и зошто би крадел кога го имам најважното што ми е потребно во животот опкружен сум со многу љубов и имам знаење кое секогаш се трудам да си го надополнам. Кој би посакал повеќе од тоа! Да, посакувам некогаш некое од овоземните богатства, убава кола и убава куќа, некој убав предел, или двор… Па, кој може да му одолее на убавото?! Но, некако, секогаш ми успева да ја контролирам својата алчност, па сум задоволен и со малку. Не сум вработен, но сепак постојано работам, често повеќе од оние вработените, особено од оние кои постојано си ја чекаат платата на први, а работата во меѓувреме ја препуштаат на колегата до нив кому честа не му дозволува да се подигрува со другите и сфатил дека само така, без забошотување, заедницата може да има корист. Најчесто работам со „лесна артилерија“: пенкало, молив и гумичка за бришење, често и со помош на тастатурата и со маусот, но неретко знам да се фатам и за лопата (не за да ставам камен темелник), па и за копач, или да носам некој тежок товар, измијам, исчистам. Често ми се случува за сработеното да не добијам никаква финансиска добивка. Такви се луѓево во Македонија. Секој сака да има, но не сака да плати за тоа, дури и ако се договорите за исплата. Ќе се тегави, ќе одолжува, ќе завлекува, ќе смислува како да ви плати на рати од неколку месеци, дури и ако се работи за сума од триесеттина евра, само за да не плати одеднаш, за да не си го оштети својот буџет. Ваквиот начин на исплата најмногу го практикуваат токму оние кои имаат сè, а постојано кукаат дека немаат пари. Ги има насекаде и во сите професии. Сум видел работници кои крадат и не работат, но и директори, политичари и сомнителни богаташи на кои, чиниш, единствената работа им е да смислат како да те испокрадат.

Признавам, ми се случува и мене да лажам, но никогаш за да прелажам некого, или за да го надитрам да добијам нешто, за да го зафркнам, туку најчесто за да се заштитам себеси и своите блиски. Најдете ли некој безгрешник кој воопшто не излажал никого во својот живот, покажете ми го!

Никогаш не сум посакал да поседувам туѓа куќа, имот, ниту жена, ниту да поседувам нечија туѓа кола (современа замена за библиските волови и за магарињата). Најмалку, да ги посакувам неговите слуги и служавки. Иако, морам да ви признаам, ми се испуштале крици во смисла „ех, да имам и јас таква куќа“, но секогаш со помисла како за моја лична со труд стекната сопственост, а никако како нешто што би му го одзел на другиот за да стане мој посед. Никогаш моја замисла не биле „хотели“ и палати од неколку спрата, туку куќарка со токму онолку простор колку би ги задоволил потребите на моето четиричлено семејство со најмногу два спрата и со многу зеленило и дрвја околу неа!

Ајде, сега, да ги видиме верните! Имаат ли тие идоли, насликани, или резбани ликови на светци пред кои се молат, и покрај тоа што библијата го бара спротивното? Го прогласија ли веднаш за божје чудо „прочистувањето“ на фреските од црквата „Св.Димитрија“ во Скопје, претставувајќи се себеси како гласници на бога, а самиот чин ― за негово дело и за клетва врз комунистичкото минато и „соросоидните предавници“? Зарем не ни посочија дека тоа е божје провидение преку кое севишниот ни порачува и нè обврзува да ги воспеваме пастировите чуда и неговиот барокен (киче)рај?! Не посочија ли „светите оци“ дека се работи за клетва фрлена врз сите неверни кои биле против градење цркви, против црковните идеји за забрана на абортусот и против воведувањето на веронаука во основните училишта која била единствената која може да ни го подигне моралот и да ни ја врати честа?! Го возвишуваа ли истите пастирот и повикуваа ли дека треба верно и беспоговорно да им служиме нему и на неговата партија, претставувајќи ни ги како единствени исправни безгрешници, големи патриоти и боговозљубени чистотници кои работат само во интерес на народот, како единствен пат за спасение на нашите неверни и богохулни души? Не е ли тоа во спротивност со божјата заповед која вели „не употребувај го напразно името божје“? Зарем не ги прогласија неверните атеисти за зли предавници, криминалци, изроди на сопствениот народ? Ги прогласија дури и за виновници за ѕверскиот масакр на петтемината убиени крај Смилковското езеро! Што стана со онаа „не сведочи лажно против ближниот свој“?! Не е ли малку чудно што божјото провидение се случи врз фрески кои се сликани во периодот после скопскиот земјотрес, токму во зенитот на владеењето на „црниот комунизам“? Насликани фрески?! Во црква која се наоѓа во центарот на Скопје? Во комунизмот?! „Па, тогаш беше забрането да се верува, а верниците прогонувани во црните казамати“! Нели!? Толку било страшно, што луѓето дури не смееле ниту да помислат на бога, тврдат тие! Да им веруваме? Мене повеќе ми наликува дека никаков бог ги нема вмешано прстите во ова чудо, туку попрво,  дека се работи за предупредување упатено до алчните свештеници од страна на неговиот опонент нечестивиот Дабог, лично, или дека самите тие (свештениците) ја превзеле неговата улога. :0)) Можно е и да е божја работа, но сигурно за да ги предупреди „верните“ да го почитуваат фактот што токму неверните грешници им ја возобновија црката.

Посакуваат ли „верните“туѓо, расправајќи се за имот кој не им припаѓа? Што е со хохштаплерајот направен при купување на хотелот „Изгрев“ и неговото претопување од општествен во црквен посед? Нема ли МПЦ-ОА регистрирано фирма за производство на алкохол? Зошто им е? Наспроти бројните тврдења дека во „времето на комунизмот“ биле под репресија и дека им било забранувано да ги посетуваат верските објекти, јас, пак, познавам бројни православни верници-комунисти кои си ги славеа Божиќ и Велигден, но и муслимани кои го славеа Рамазан Бајрам, во своите домови секоја година. Може и да ви посведочам, бидејќи сум одел во нивните домови да им го честитам празникот. Признавам, малку ми беше чудно и неспоиво со мојата определба, бидејќи и родителите ми беа „неверни атеисти“, но отсекогаш сум ја застапувал тезата дека секој има право слободно да си ги определи своите убедувања и да не им ги наметнува на другите со сила, ниту да се однесува со омаловажување кон оној кој има поинакви верувања и што поинаку размислува. Малку ми беше неспоиво и несфатливо членови и функционери на Сојузот на комунисти, кои како мантра повторуваа дека „религијата е опиум за народот“, усмерени кон „вистинскиот Титов прав пат“,да веруваат во господ и да се крстат, или клањаат, но секогаш кај мене преовладуваше фактот дека тие имаат право слободно да го исповедаат своето вјерују. Вјерују?! Чекајте! Кога беа верни и во што се состоеше нивната вера? Тогаш, кога веруваа и се колнеа во Тито и Партијата, или сега, кога станаа верници-маченици, жртви на комунизмот, прогонувани за светиот крст и за полумесечината?! Зарем тоа не се нарекува лицемерие? Не е ли лицемерието еден од неколкуте смртни гревови?

No comments:

Post a Comment