Monday, May 7, 2012

НЕДОРАСНАТ ЗА АРХИТЕКТУРАТА


Споменик на
паднатите херои во Жена парк,
или Берлинска колумна на победата?!
А, што друго да каже почитуваниот господин Танге? Сигурно бил шокиран од убавињата на преродениот барок! Ако некој ужива во грдото и го воспева како убавина, треба ли тој да му го ускрати задоволството? Зарем би требало да расправа со некого кому естетиката не му е ниту во зародиш? Што да каже, ако некој ужива во грдиот сладкаст кичерај и го воспева како убавина единствен градски белег на ребрендираното Скопје!? Зарем би требало да објаснува за убавото некому кому вилеровите“ гоблени во златна „барокна“ рамка му се естетски врв, или, пак, со оние кои купуваат слики на кило за да им одговара на мебелот? Како оние во ТЦ „Бисер“, или пред Гратскиот трговски, каде сликите се продаваат за 50-100 евра, во зависност од димензиите?!

Се јавиле архитекти и уметници со модерни идеи и со свој став, вели авторот во оваа своја колумна! Свој став?! Модерни?! Модата да ти била да се создава новокомпониран барок. Их, одлично! Има ли нешто во зградите што го нема на некое друго место на светов? Некој посебен белег и специфика? Мода и уметност било да се градат јадни соцреалистички споменици, кои веќе ни во Ташкент не можат да поминат под поимот уметност. Градски било да се урне старото, за да се изгради ново, бедна копија на старото, нè убедува авторот. Сега имаме содржаен плоштад, вели. Секако! Ни недостасува уште панорамското тркало, каруселот и фризерските галии за да се зголеми „брендираноста“ на градот! За кои градски зеленила, говориш Сотире?! За паркот за миленичиња?! Многумина имаат поголема соба во своите домови од тој „парк“ со кој се испофали градоначќалникот. Какво неверојатно чудо! Уништено е секое дрвце постаро од 30 години! Уништена е секоја поголема зелена површина во градов! Портоколадната фурија кај најде празно и зелено, таму „гради“. Останаа уште парковите. Посочи ми макар еден новоизграден булевар!Нормално, неговата сказна е за луѓе чии чувства за уметност и убавото се иснуфициентни, за такви кои ги зафаќа стендаловиот синдром веднаш штом ќе погледнат во кичфигурините и псеудобарокните грдотии, па ги обвинуваат другите дека се неспособни да го доживеат. На што да ме зафати истиот синдром?! На дисхармоничниот „Коњ под воин“ со хаотична и неурамнотежена динамика?! На некохерентната фонтана со „оловни војничиња“? На диспропорционалниот Карев-коњаникот, кој повеќе наликува на келнер седнат на коњ? На неурамнотежениот „Ченто“,композиција која и статички е нарушена па се држи со капутот за некаков трупец? Не може да ги убеди оние кои имаат барем ронка познавање од уметноста, единствено оние на кои културата им е страно тело.

Ма, ете, желни се новодојденциве да живеат во предземјотресно Скопје, па тврдат (и убедени се во тоа) дека симболите на градот не ги разурнал земјотресот, туку „клетите комунисти“. Токму затоа и го менуваат постземјотресното Скопје, за да кажат дека и тие знаат за „Официрски дом“ и за „Стариот театар“, иако вечерните тоалети им служат само за да прошетаат низ „центар-Веро“ и да лизнат од лажицата за земање салата, а претставите ги посетуваат само за да бидат видени и „ин“. И во право е господинот Танге јуниор! Ако нам ни е вкусот колку гwујоковиот барок и ташкентскиот соцреализам, ако ни е задоволство да живееме во грд барокен контејнер преполн со отпадоци и измет, но обоен златно, осветлен во илјада бои и накитен со јонски и коринтски „столбови“, зошто би нè убедувал во спротивното?!

Бајката за портокаловата преродба“ и нејзините убавини е наменета само за оние, кои уметноста ја спознаваат единствено описно, преку сликовити и наративни прикази. Патем, во средата беше отворено XVI биенале на архитектурата, со прекрасна изложба и глеј чудо, таму отсуствуваше барокната инсенија. Ни трага, ниту глас од неа! Пријатна експлозија на архитектонска инвентивност! Уметност која го воздига духот, наспроти барокните лудории на власта. Празник за очите и за душата, а во медиумите, молк. Како воопшто да не се случува!Нормално, отсутна беше политичката „елита“ и „уметничката“ естрада, па настанот е „неинтересен“ за јавноста! Моја топла препорака е авторот да посети дел од овие проекти и настани, можеби барем за момент ќе си го воздигне духот! Топло ја препорачувам изложбава и на сите негови соработници и колеги од М-НАВ кои ме критикуваа минатиот пат. Одете, за да видите што е брендирање и убава архитектура, необременета со политичкиот невкус и идиотизам, па потоа ќе разговараме!

(Текстот е мој одговор на колумната на Сотир Костов во „Дневник“)

No comments:

Post a Comment