Thursday, April 16, 2015

УЦЕНА




- Тато, тато, купи ми сладолед!
- Сега ли најде? Немам пари.
- Ќе и кажам на мама дека ја галеше онаа убавана тетка
- Ајде, ќе ти купам штом толку си запнал.
Вака некако изгледа една класична уцена.



  Што е поентата на уцената. Никогаш не може да те уцени некој за работа која не си ја направил. Уцената тогаш е безуспешна, ништовна. За да некој те уцени потребно е да чувствуваш вина за некое сторено недело: да си скршил прозорец, украл пари, направил некој шверц, или прељуба, да затаиш злосторство за кое само малкумина знаат. Невозможно е да уценувате некого за дело кое не го сторил, или за криминал кој го извршил јавно. Тоа е јавно направено дело и познато на сите, барем на оние кои знаат да го воочат. Вообичаено е да се уценува некој кој сторил некое недело тајно, скришум. Уцената може да стане и понуда која едноставно не можете да ја одбиете, ако ви се понудат исклучително добри опции од кои ќе профитирате, или ќе добиете нешто – за нешто, често и многу – за ништо, ако понудата е доволно добра, но дури и во случај кога од предлогот ќе добиете далеку помалку од тоа што сте го очекувале. Најчесто, ваквата послаба опција ја прифаќаат луѓе кои навистина се срамат од делото кое го сториле, дури и кога тоа што го сториле не е ништо страшно и не претставува кривично дело, дури и ако воопшто не го сториле делото, но чувствуваат ронка совест во себе. За разлика од нив, луѓе кои се чувствуваат моќно, самобендисано и кои во себе немаат никакви морални норми, или луѓе кои и после десетина години работа на убаво работно место каде што ништо не работат, со плата која е пет-шест пати далеку над просечната плата во државава пријавуваат дека немаат никаков имот (!?), таквите кои имаат вујко владика, чичко судија, братучед боксер, или брат кој е шеф во полицијата (особено во онаа тајната), често пати е возможно да ги одбијат таквите уцени и (во најблаг случај) да ве помодрат, па дури и да ве дадат на суд, да ве затворат, долготрајно психички да ве малтретираат, а најлошо – да паднете од застаклена тераса во „несреќен случај“, или на плочките во своето или затворското купатило и да го завршите животот, како никогаш и да не сте постоеле.

 Можно е среде плоштад, пред толпа народ кој се весели на некаква волшебна победа да треснете на плочникот и потоа три дена да не се знае ништо за вас. При тоа, додека вие се излежувате на плочникот облеани во крв, млади, зелени и пребиени на смрт, каде што „случајно“ сте паднале на нечија поширока цврста шака, можно е и од трибините да ве гледа уценуваниот и со свитата околу него да навива надевајќи се дека засекогаш ќе ве снема. И глеј чудо, ве снемува и три дена не се знае ништо за вас, иако очевидци тврдат дека не сте паднале, туку дека виделе дека некој дебеловратен тип ве турнал, изгазил и помодрел од ќотек. Истовремено местото на настанот е опкружено со специјално поставени камери „заради вашата сигурност“, кои работат 24/7 како владата, но токму тогаш во критичниот момент сите се расипале и биле исклучени!(?) Потоа ве претставуваат дека сте биле толку нежен, па штом „горилата“ на владетелот нежно ве допрел вам истовремено ви се појавиле модринки на лицето, паѓајќи три-четири пати незгодно на поплочениот плоштад. Цела среќа е што не сте решиле самите да се давите во кофа вода, сместена под лавабото разочарани од тоа што ве сместиле во затвор кој всушност наликувал на хотелски соби од „А“ категорија. Уште посреќни сте што не сте морале цела вечер да кружите низ убаво средениот автопат до Велес и назад до Скопје, па во моментот кога требало да влезете во кривина, наместо да ја намалите, сте нагазиле на педалата за гас, зголемувајќи ја брзината со цел да завршите во амбисот пред вас. Во земја на чуда, се’ е можно. Апсат, бранат, судат и обвинуваат од еден центар.

 Така е и во случајот со Верушевски. 

 Зарем навистина треба да поверуваме дека Верушевски е уапсен заради соработка со странски тајни служби и заради дистрибуирање малолетничка порнографија!? Не, бе, глувчиња! Оние кои добро го познаваат, луѓе кои работеле со години со него, ме убедуваат дека кај него може да има сè само не порно слики, особено не од малолетнички. Очигледно е нешто многу поголемо во прашање. Доказ за тоа е и фактот што после толку месеци притвор единственото обвинение поднесено против него е „нелегално поседување оружје“ што го добил на поклон од поранешен министер за внатрешни работи. Знам (а верувам и повеќето од вас) најмалку стотина граѓани на Македонија кои поседуваат нелегално оружје во своите домови.

 Очигледно заради (при)слуш(ув)ањето на телефонијата и пратењето на комуникациите, Бате Гwујо и Бате Саше биле сигурни во информациите дека податоците се поставени токму во домот и во компјутерите на Верушевски, но изгледа некое парче од информацијата им побегнало. Е, тука е нивниот главен проблем – што не знаат кај кого се материјалите, па сега ги бркаат „на шашма“ низ цела Македонија, обвинувајќи го и апсејќи го целото негово семејство за „соработка со странски служби“ и за „организирање против (милната им) држава (олицетворена во ликот на „чесниот“ премиер и „столбот на државата“ - партијата на власт). Надолж и попреку ја пребаруваат обвинувајќи го секој кој не мисли како нив, но успеаа да најдат само измислени сведоци кои ќе ја потврдат нивната приказна. Патем, батињата Пералковци не знаат дека можат единствено своите полуписмени примитивни членови во партијата да ги лажат дека не брцнале во државната каса, дека немаат фирми во странство, дека не ги наместија изборите, дека не ги вработувале неспособните дупелисци по партиски клуч, дека… Нивните манипулации одамна се јавна тајна која сите ја насетувавме и знаевме и без снимките и документите! Оние, учените во ВМРО-ΔΡΠΑΜΕ кои членуваат таму единствено од лукративни побуди, за „ситни“ привилегии (станче, проштевање на кредити и заеми, унапредување на работното место, за општопознатата меница од неколку илјади евренца и сл.) никогаш нема да им поверуваат на тие бајки и свесни се дека еден ден „рајот“ ќе мора да им се претвори во пекол. Знаат ти добро каде се нашле, шепотејќи ми постојано „Ајване, та ова е најцрна диктатура“, или „Сто пати полошо е од она во социјализмот“.

 Во меѓувреме, прикажана е снимка од просторија во зградата на Владата на која се гледа разговор меѓу премиерот и лидерот на опозицијата. И поред забраната, таа „случајно“ се најде на Јутјуб во улога на средство за перење со кое Пилат треба да си ги измие крвавите раце. Треба да послужи како доказ за извршена уцена, како сведоштво дека некој се обидел да изврши пуч. Што е симптоматично во снимката? Таа говори дека е извадена од контекст:—„..викаш факти ти ги дале“—„Од странски служби“, се слуша Заев! И толку! За самите факти изнесени во првата „бомба“ на Заев пwемиеwот ќе наведе дека „дел се вистина, дел полувистина (нецелосна вистина), дел лаги“. Од снимката не се гледа никаква уцена, а ние сме Чудо од земја каде што за прв пат им се суди на наводните предавници заради тоа што од странските служби прибирале и дознавале информации, а не затоа што одавале тајни на друга служба! Невидено во светот!

 Славам со пријателот (главен на ВМНЛО за реонот во кој живеам) роденден на моето помало дете, а телефонот почна да му беснее. Сабота е, триесет и први јануари! Доби преку десет СМС пораки и околу дузина повици: „Спонтано„ се собираме кај „Бранителите„ во 17 часот. Присуството е задолжително!“ - ми ја покажува пораката. Се смешка и ми кажува целиот зачуден: „Велат Заев извршил пуч во Македонија“. Па, секому му е јасно дека тој е извршен уште на 24 декември 2012 во моментот кога Гуица со своите паравоени формации на клоци ги избрка пратениците од опозицијата, легално избрани на избори од останатиот дел на народот уште не начнат од мозочната пералница! Армијата во касарните, а градов и автопатите зовреа од полициски борни возила и џипови под команда на Мали Гуица!? Или можеби под команда на Хорхе Миноре!? Кој владее со Македонија?! Пуч!?

 Хитлер во 1923-та направил заговор зад кој стоеле 15.000 јуришници. Во заговорот против Хитлер во 1944 учествуваат 25 воени офицери, погубени се 4.980 лица, уапсени се преку 7.000! Кај нас, уапсено е целото семејство на бивш разузнувач, притворен е Заев и отпуштен заменикот на УБК. Пуч – без армија, без полиција, а она што е најневеројатно и толку очигледно, дури и без луѓе! Толпа нема, војска нема, милитаристички платеници и странски служби уште помалку! Наспроти тоа, власта создала парадржавен систем и илегално без налог прислушувала преку 26.000 граѓани! Власта дури и Хитлер ја држеше „легално“ цели 13 години. Ја освои на легални избори, неколку пати по ред! Што изроди таквата „легалност“ знаеме сите. Прислушкувања, озаконети паравоени партиски единици вметнати во системот на државата, затворања, „предавници“, „шпиони“, „пониски раси и нации“…! Војна! Партиските војничиња (камикази) се напикани во сите можни јавни институции. Од вратари и секретарки, до директори, шефови, нивни заменици и сл. Навлезени се во сите пори на општествово, а ние треба да поверуваме дека некој друг извршил пуч, а не дека тие самите ни ја киднапирале државата!? Државниот преврат е извршен во моментот кога за вработување како главен предуслов го направија членството во „најпатриотската“партија! Доаѓаме до сознанието дека постои голема веројатност да сме снимани сите, уште оној момент кога Пастирот јавно среде Скопје објави во својот говор дека имаме „шпиони“, „предавници“, „наши“, и „нивни“ луѓе, доктори, новинари, новинарски куќи, филозофи, професори и сл. Подобните новинари од типот на Мирка, Латас, мИленко, Дарко, Јанко бурекот и сл. (претежно потомци на луѓе кои се населени во Македонија дури по 1950-та година, со сите можни привилегии по налог на КПЈ и на државното раководство на СФРЈ) со години бараат измислени предавници, вршејќи јавна стигма на луѓе кои мислат со своја глава. Сега, истите повикуваат на изгон на „немакедонците“ и „непатриотите“!

 Нè убедуваат дека пензиониран директор командувал со УБК и дека наредил прислушување со помош на вработен и поранешен вработен во службата!? Причинител за лошите состојби во државата е постојано опозицијата, а (вештачки) зголемениот број вработувања, (вештачкиот) пораст во економијата и во индустријата се дело на „нашиот генијален“ vидеw, магистеw по економија, кој патем не знае ни прости математички операции, освен кога се работи за претопување на државното благо во сопствениот џеб. Нè убедуваат дека предавник бил тој кој објавува снимки во кои гласовите на Грујо и неговите бандити говорат за уцени и изнудувања, за безочни манипулации со државните институции, со правото и со имотот на државата. Си создале паралелен свет во државните институции преку кој вршат „легален“ криминал, дрско кршејќи ги Уставот и законите во Македонија и тие се патриоти, а другите кои ги фатија ин флагранти во нивниот криминал се „кодоши“, „шпиони“, „предавници“. Проверете си ги телефоните, мејловите! Дури и на работните места ви се поставени подобници со задача да ве набљудуваат! Најчесто се тоа пензионирани припадници на полицијата.

 Македонија пишти! Наместо да гонат дилери на дроги и на оружје кои ги упропастуваат нашите деца, наместо да гонат трговци со луѓе (стотина емигранти ја минуваат земјава дневно), наместо да ги гонат стопанствениците кои станаа газди врз туѓи имоти со пљачкосување на општествените и национализираните приватни добра, тие се стурија да жигосуваат граѓани на земјава како непријатели и предавници, небаре трагаат по вештерки! Гордо Македонијо, на добар пат си да се изгубиш во хаосот!

No comments:

Post a Comment