Wednesday, April 22, 2015

ГОШИНЦЕ - ПОВТОРУВАЊЕ НА ИСТОРИЈАТА



Во 1941-ва Македонија беше окупирана и поделена на два дела, административни територии, под власт и контрола на двете марионетски држави на фашистичка Германија - Албанија и Бугарија. Последица од окупацијата беа бројни политички убиства, ѕверски масакри врз недолжно население, присилно изучување на албанскиот и бугарскиот јазик како мајчин, непризнавање на посебноста на македонскиот народ, непризнавање на неговата црква и јазик, уривање на културно-историски споменици. Македонија и денес се наоѓа во слична ситуација. Нејзината територија е поделена скоро идентично на две сфери на влијание, токму како и во Втората светска војна.
Мал исчекор е померувањето на границите во корист на великоалбанската кауза кон исток, затоа што во меѓувреме успеаа да населат поголем дел од територијата на Македонија со свој етникум. Траорен податок за Македонија е фактот што кај нас постојат села кои по пописот во 1971 биле со 80% писмено население, а во 1981 во истите населени места истиот процент се појавува како белег за неписмено население, а се должи на целосна трансформација на населението (за само десет години) од претежно македонско во претежно албанско. Каква е ситуацијата денес на сите ни е познато. Странските служби на соседите, по разбивањето на СФРЈугославија се обидуваат да го повратат влијанието од времето на Втората светска војна сакале ние тоа да си го признаеме или не. Тоа го прават преку политичките фактори кои придонесоа за конфликтот во 2001 кога Македонија ја ставија на ивица на меѓуетнички конфликт.

Откако почнаа да свират „бомбите“ на Заев, бев сè посигурен дека ќе ни се случи дежа ву и повторување на историјата.

На почетокот на 2001 година експлодира една друга бомба, и тогаш од опозиционер (Бранко Црвенковски), која на истиот начин и во истиот стил како и денес, укажуваше дека власта, која и тогаш беше во рацете на ВМРО-ДПМНЕ, извршила масовно нелегално прислушување на илјадници граѓани, странски и домашни политичари, новинари, но и сосема обични граѓани, што тогаш воопшто не беше спомнато. Само заради несогласување со актуелната политика на власта, заради свое поинакво мислење и поинакви политички ставови илјадници граѓани се ставаат под сомнеж дека се предавници на државата. Очигледно, од идеолошки оптеретени учења во комунизмот, влетавме во изградба на вмровскa националсоцијалистичка идеологија, повторно барајќи ги „непријателите“ во оние кои говорат против личностите на власт, а не во оние кои ја поткопуваат државата и нејзината стабилност со промашени инвестиции, со грабеж на државен имот, со наопаку реформи кои наместо подобрување донесоа катастрофални влошување во сите области на функционирање на државата и сл.

Целиот случај беше попознат како „Големото уво“, во кој како нарачатели и најодговорни беа обвинети и осудени тогашната министерка за внатрешни работи, директор на агенцијата за разузнавање и вицепремиер Доста Димовска (един гољам пријател на Б’лгарија) и тогашниот началник на Управата за оперативна техника во МВР, Александар Цветков! Целата афера беше неоправдано завиена во магла, а за неа подоцна замолкна и тогашниот лидер на опозицијата, веројатно мислејќи дека тоа е во интерес на безбедноста на државата. По носењето на пресудата во 2003, тогашниот претседател на РМ Борис Трајковски експресно ги амнестираше обвинетите и по една година загина во авионска несреќа. Вештачењето тогаш докажа дека МВР и Македонски телекомуникации поседувале опрема со која го извршиле прислушувањето. Тогаш не беше обвинет директорот на телеком Ден Дончев иако е докажано дека од таму доаѓала логистиката за изведувањето на операцијата. Она што е помалку познато е фактот дека во аферата се јавува и името на Сашо Мијалков кој тогаш беше помошник-министер за безбедност и разузнавање во секторот за одбрана, кој тогаш е сменет. Дури и тогаш, како што е случај и сега, ВМРО-ДПМНЕ вешто ја префрлуваа вината на другата страна, вадејќи се дека се работи за „монтирани снимки“, а денес, тоа се „монтирани, сечени, лепени“ снимки од кои народот ја слуша мизеријата на оние на кои им ја предал власта. Тогаш вмровската пропаганда делуваше во правец на измислување невистини дека дури и целиот конфликт во 2001-ва, кој претеше да ја запали Македонија е во режија на СДСМ. Сето ова укажува на огромно влијание на странски служби во Македонија и на нивно непречено делување. Службата за Безбедност и контраразузнавање ни е разбиена уште за време на владеењето на Д. Димовска (*првото освојување на власта од ВМРО-ДПМНЕ). Доста Димовска за своите заслуги беше постхумно одликувана од „мајка“ Б’лгарија со високо одликување, а многумина премолчаа дека нејзиниот внук вработен во УБК во 2006 пребега во Бугарија носејќи со себе цели списоци на разузнавачи и значајни документи од службата.

Вчера, беше нападната полициска станица, сместена во поранешна караула во близина на село Гошинце, Кумановско (сега под Општина на село Липково). После сите оние сказни на власта за големината на нивниот патриотизам и за силната вљубеност во татковината, исплива на површина страотната вистина дека, границата на државата, всушност нејзината безбедност и сигурност од надворешни напади, била препуштена на четворица полицајци. (!?) Ако го земеме в предвид и фактот што за време на владеење на оваа власт беше укинато и редовното задолжително служење војска (од кое античките Македонци бегаа како од чума) станува појасно дека земјава, и пред сè нејзините граѓани се препуштени на милост и немилост на секој потенцијален агресор однадвор. Можеби токму затоа власта е сконцентрирана на измислениот виртуелен „внатрешен непријател“ правејќи нè сите потенцијални непријатели на државава. Доволно е само да го спомнете нивното име во негативен контекст, а тие да го превртат кажаното изедначувајќи се со неа, со што секој што говорел против владетелот се претвора во „здружен непријател на државата“.

Што е симптоматично во целиот случај со нападот на полициската станица? Пред само две недели генералот Стојанче Ангелов спомна дека власта нарачала меѓунационални судири во липковскиот регион така што однапред платила 2.000.000 евра на четириесетина вооружени криминалци, кои потоа треба да се претстават како членови на ОВК. Сега од МВРО слушаме приказна од Риплиевото „Верувале или не“ во која „четириесет вооружени лица, членови на ОВК“ нападнале полициска станица во липковско, во 2:30 часот наутро, при што врзале тројца од четворицата присутни полицајци (!?) во истурената станица оставени да ја бранат државата. Приказната потоа продолжува со тоа што слободниот полицаец кој воопшто не бил врзан и кому му биле оставени клучевите од „лисиците“ чекал цели 30 минути за да ги одврзе своите колеги. (!?) При „државниот терористички напад“ не е испукан ниту еден куршум затоа што полицајците воопшто не пружиле отпор, но сепак истите „чуле долготраен рафал“ по ослободувањето (!?), дури откако заминале на пат кон слободата. Во меѓувреме, МВР соопшти на прес конференција одржана дури напладне дека се работи за „државен терористички напад“, а замина на терен на местото на настанот дури во 16:00 часот „за да обезбеди докази и за да трага по напаѓачите“. Мора да признаете дека се работи за неверојатно брза интервенција на ефикасно обучени „специјалци“! Не дај боже да ни затребаат! Пратеникот од ДУИ, поранешен член на ОВК тврди дека таа организација е самоволно распуштена и дека нејзините членови се вгнездени во неговата партија. Со други зборови, ОВК одамна не постои! Замислете само! Претседателот на независна самостојната и суверена Македонија свикува состанок на државниот врв, наместо на Советот на безбедност, кој ќе се расправа за безбедносната ситуација дури вечерта во 22:30 после која дадоа изјава дека „државниот врв го осуди инцидентот во Гошинце“. Во меѓувреме, додека во светот во вакви ситуации кога е нападната државата и кога во неа се случил „државен терористички напад“ нивните први луѓе се враќаат во најбрз можен рок во земјата од било која точка на земјинава топка, нашиот Вицко и „Главна фаца“ го нема никаде. Државата ни е нападната од терористи кои најслободно вшетале на нејзина територија, извршиле терористички напад врз нејзини инстиутуции, врз нејзини службеници, загрозени се мирот и безбедноста, а „најголемиот патриот“ си се шета низ Брисел барајќи признание за своите (не)дела. Ваквото однесување на првиот човек на државата (лицето Н.Г.) во секоја нормална држава се смета за тешко велепредавство и би било доволна причина за оставка на целиот државен врв.

Сето досега наведено, говори јасно за намерно инсценирана случка на лица од власта за нивни посебни потреби, со одредена цел - прикривање на сопствениот криминал, па затоа се обидуваат да предизвикаат дестабилизација на државата и поширок меѓунационален конфликт во Македонија.

No comments:

Post a Comment