Saturday, June 16, 2012

ГОЛЕМА ГАЛАМА ЗА НИШТО







Деновиве во Скопје се одржува настан кој се именува како фестивал
Скопје креатива“.  Почнаа да се пишуваат текстови како најава за настанот, одредени новинари кои немаат поим од естетиката веднаш, однапред, уште неотворен, го прогласија за врв на креативноста и естетското доживување. Идејата, најверојатно потекнува од самиот назив, кој ги поттикнал априори да го наречат „собир на креативци“. Излегува дека е доволно да кажете дека се занимавате со уметност и со дизајн за да кај нас бидете прифатени како уметник и дизајнер. Доволно е да пишете дека сте креативна личност и веднаш да бидете пропагирани како таков.


Се појави и плакат кој дигна беспотребна прашина единствено заради јасно изразената саркастична нота во себе со која го исмејува чудото“ од Св. Димитрија на наводното самопрочистување на фреските. Постерот јасно посочува дека се работи за човечко делување, а не за некаква божја пројава и со право се исмева ваквата свештеничка игра со јавноста. И дотука е сè во ред. Правта ја кренаа свештениците од МПЦ кои се најдоа повредени од ваквото експлицитно посочување на алатката за креирање чуда и инсистираа плакатот да биде отстранет со образложение дека биле навредени нивните верски чувства (?!). Власта се јави како извршувач на инквизиторската цензура и го отстрани плакатот. Очекувам многу скоро да се јават и со Index Librorum Prohibitorum, во кој ќе бидат внесени делата кои не и`одговараат. Во основа, самиот акт укажува дека е спречено јавно изразување на мисла, што е карактеристика на еден изопачен режим кој одамна тргнал по стапките на сличните досегашни, во кои за уметноста се говорело од позиција на политичка моќ, или таа се детерминирала според блискоста на уметникот со владетелот. Силеџиство кое ги одредува предусловите што треба да ги исполнуваат делата на уметниците за да станат уметност во ваквите општества. Со овој потег и нашата“ пастирска идила им се приклучи на ваквите ужасни системи во кои мислата и слободата на изразување се строго контролирани и детерминирани од еден моќен центар. Парадокс во целиот случај е што, додека во светот цел на забраната се уметнички дела со издржани естетски параметри, кај нас, тие се фатија за дело чии естетски вредности се никакви и сосема идентични со оние на пропагираната постоечка вредност“ продуцирана низ кичерајот на лудачкиот омнибус Скопје 2014“. Самиот плакат е со нарушена нестабилна композиција, па (во нормалниот свет) веднаш се исклучува можноста тој да се именува како некакво уметничко дело. Ликовите на светците, со ореолите, покрај лошо поставениот текст, додатно ја нарушуваат композицијата и се работи за голо, примитивно изразување на саркастична мисла, преку дело кое нема никакви естетски вредности и чија единствена креативна карактеристика е идејата да се исмее простотилукот околу Светидимитриското чудо. Ништо повеќе. Самиот настан, многу наликува на интервенцијата на Општина Центар околу покривањето на половиот орган на бедниот златокитнест Прометеј“ од Жена парк, кој ги потресе чувствата на некакви фантомски женски НВО организации, кои, ете, отсекогаш биле патријахално воспитани и со своите очи до сега никогаш не виделе нечиј пенис. Иронијата е што дури и јас се јавувам со свој текст за истото ништавило.

После толку викање и препукување низ веснициве, решив да го видам креативното чудо именувано како Скопје креатива“. Шетајќи крај иглото-архитектонско чудо“ (од каде ли ми е познато?!:), разните дежави фотелји и никлувани шипки, поред разните изливи на креативност“ од собрано ѓубре кое на скопската публика и се претставува по кој знае кој пат, минувајќи крај некаков беден театарски перформанс со неартикулирани крици чија креативност ја надминуваа околните шанкови со пијалоци, добив неизмерен нагон да застанам во средиштето на настаните и да го изведам перформансот на славниот Рири де Тулуз од центарот на Монмартр, претставувајќи ја својата голема нужда како креативен контраперформанс за жалната состојба во која заглави македонската уметност. Едно е сигурно! Од неа во моментов мора да се отстрани зборот уметност и да се замени со зборовите беда, жално и дно!

2 comments:

  1. sekoja cest,sega gi najdov tvoive umotvorbi i planiram da iscitam se.

    ReplyDelete
  2. Ти благодарам многу, Елизабета! Повели, послужи се!

    ReplyDelete