Thursday, July 24, 2014

МОНОЛОГ



И друг пат да внимавате кого го нарекувате „авангарда“! 

Зарем авангарда е тоа да црташ и сликаш полови органи (во светов сликани уште од предегипетското доба, наваму)?! Тврдам дека секој авангарден уметник има своја точна филозофија и теорија за уметноста. Таа најчесто се докажала како точна и исправна. Нивната теорија води дијалог со претходно поставените постулати на таа тема, ги руши нивните табуа. Затоа овие уметници се колосални по својата уметност и ќе останат врежани во светското културно наследство. Кај нашиов апологет на парахрониот владин нацибарок, нема ниту ронка од теоријата на естетиката, туку цело време во круг вергла за историјата на уметноста, која е одамна позната на пошироката јавност.
Да бидеш авангарден, а да заглавиш неколку милениуми наназад е доказ за тоа колку била „напредна“ мислата на ваквиот „авангарден уметник“.

 Проектот Скопје 2014 ги активирал креативните и работните капацитети на овој народ, вели бесрамно Ацо Станковски! Со години сме имале огромна шуплина во град кој не бил урбано дефиниран, туку бил производ на стихија!? Зарем денешниот микс во центарот со нагрдени нацибарокни фасади и модерни градби (комплексот банки), зачинет со соцреалистички фигурини од Узбекистан е планско средување на градов?! Жално е што соцреализмот се случувал таму во ’50-тите и ’60-тите години од минатиот век, а нам ни се случува сега 50-тина години потоа во некаква наци-социјалистичка верзија. Во времето кога требаше да ни се случи, токму југословенскиот социјализам набрзина расчисти со него. Ако ова што ни се случува во центарот на главниот град е креативен потенцијал, јадни ние како народ! Ова е грозомора, национален пораз, виртигинозно паѓање на дното, ерозија на неговиот уметнички потенцијал, а не елевација на националната гордост. Секој авангарден уметник сака да стане дворски уметник,вели Ацо, при тоа заборавајќи дека да се биде дворски уметник не значи да се повинуваш според вкусот на владетелот, ниту да сликаш според неговите бегли познавања на уметноста, туку напротив, да го натераш дворот да се повинува на твојата палета.

 Со проектот, вели тој, проавангардата, ретроавангардата (демек имаме нова структура на авангарда која влече напред-назад) добила граѓанска цитадела, катедрала (веројатно мислејќи на храм) која се враќа 200-300 години наназад. Каква граѓанска естетика е оваа инсенија, кога таа нема никаква врска со граѓанството, туку е забеган покондурен сељачизам кој со сета жестокост ни се наметна трошејќи ги безглаво нашите пари. Проект на неуки простаци (и покрај силните титули и дипломи) кои сакаат насила, преку-ноќ да влезат од опинци во кондури! Граѓанството не се стекнува преку-ноќ, туку преку најмалку три градски генерации. Не е доволно да се залагате за граѓанско општество за да станете граѓанин. Можеби така ќе си изгледате себеси за миг кога ќе се погледнете во огледало, но штом се појавите на улица се враќате во истиот прост облик. Дури и тогаш, влијание имаат образованието и самонадградувањето на личноста. Раѓањето во град, доселувањето во него не може на брзина да го претвори човека во граѓанин.

 За жал, „граѓанската цитадела“ нема ниту минимум уметнички примеси и е чист егземплар за една жална „уметност“ создадеа по наредба, според желбата на полуписмен владетел. Уметност креирана под стегите на парите и на политичкиот притисок и моќта. Заборавија дека уметноста не се твори со декрет, туку со почитување на параметрите кои ја детерминираат. Оваа „граѓанскава“ никогаш нема да стане уметност, затоа што ги нема основните предуслови за тоа. Вечно ќе си остане паланечко-простачка. Таа е привид на уметност (фасада), рурален кич во својата суштина. Таа е национална трагедија. Стигма која ќе си ја носиме со децении, изложени на срам и потсмев. Ги восхитува простите единствено со мотивот (приказ на „јунаците“ и „патриотите“ чија македонштина е најчесто лажна, стокмена според истата наредба), со блесокот на металот, со колоритот на светлоста што ги осветлува и со димензиите. Ништо друго не постои во нив. Ниту може да восхити нивниот лик, ниту нивните облици, најмалку нивната изработка. Отсуствува секаква естетика, недостасува сразмерност и што е најзначајно, немаат целовитост, ниту оригиналност, што е всушност основниот параметар за да може некоја творба да се нарече уметничко дело.

 Оставаме срам за идните поколенија. Уште поголем е срамот на една цела генерација која немаше сили да и’ се спротистави на ваквата национална дамка и ќе си ја носи на себе до крајот на животот како симбол на својот пораз.

(повод: емисијата „Дијалози“,телевизија Телма 22.7.2014)

No comments:

Post a Comment