Monday, August 4, 2014

ПЕЛИНЦЕ - ШТО МАЈКА БАРАВТЕ ТАМУ?




 „Револтирани од недоличниот и негаторскиот однос на актуелната власт"... Сојузот на борците на Македонија присуствуваше на прославата на Илинден!

 Зарем не требаше да ја бојкотираат прославата организирана од власта што ги исфрли како партал од нивните простории во кои беа со децении?! Зарем не требаше да ја бојкотираат прославата затоа што со години се ставени на маргините на општеството од страна на истата таа власт? Затоа што си ги изгубија сите права со првото доаѓање на власт на ВМРО, но не им ги ни повратија ниту оние од СДСМ кога ги замени другиве на власт! Не требаше ли да повикаат главната прослава да биде во Пелинце, каде што македонскиот народ ја извојува својата слобода и државност? Онаму каде што станавме Македонци!


 Изгледа борциве се појавија на прославата само за да и’ се додворат на оваа клерофашистичка лоповска власт и за да ги потврдат тезите дека Македонците се сами на светов! Како тоа „Македонија се ослободи без ничија помош“!? Наеднаш главниот идеал им стана „самостојна“држава, а цело време тврдеа дека целта била да ја оствари својата самостојност во рамките на Југославија и дека слободата е остварена со помош на другите народи од Југославија, што е всушност и вистината за НОБ! Или можеби оние кои влегоа во борба за ослободување во 1941 и за идеалите за човечност и рамноправност, во одреден период беа заменети со „борци“од 1944 кои до тогаш си го чуваа газот? Зарем навистина мислат дека АСНОМ ќе беше реалност, ако не беше Второто заседание на АВНОЈ!? Заседанието никогаш не ќе се одржеше во Прохор Пчински, ако не беа борците од Кумановскиот и од Црнотравскиот партизански одред (под команда на Живојин Николиќ-Брка), кои ја создадоа слободната територија и се грижеа за нејзиното опстојување!

 Зарем ги заборавивте борците од Македонско-Косовската бригада? Да се разбереме, она „Косовска“ во никој случај не значи дека таа била составена од Косовари-Албанци,нив најмалку ги имаше таму! Сè уште се сеќавам на средбата на Брезовица со еден од ретките учесници кој, откако го виде татко ми, својот соборец од Македонија, почна да го грли и низ солзи му раскажуваше за размножувањето на новосоздадени борци од кои голем дел биле на другата страна. „Во мојата бригада немаше повеќе од дузина Албанци“, изјави јасно и гласно редејќи ги по партизанските имиња!

 Денес, сум сè посигурен дека ваквото размножување на борци беше масовна појава и во Македонија. Меѓу нив има и многумина кои беа и ја поддржуваа другата страна, бугарските, германските, италијанските и албанските окупаторски сили. Многумина од нив влегоа како делегати на Првото заседание на АСНОМ. Списокот е долг и во него не случајно се наоѓаат токму сегашните херои Ченто, Брашнаров, Шатев, Чучков, Глигоров... Сите тие се приклучуваат на движењето и на борбата многу подоцна, дури и претерано доцна, дотогаш задржувајќи си ги позициите во бугарското општество. Подоцна сите изјавуваат дека во одреден период ги помагале партизаните, носејќи храна, облека и сл. Сите документи упатуваат на тоа дека бугарската власт била добро информирана за одржувањето и намерите на заседанието, па оттаму и разните трвења и „просрпски“ тежнеења за кои говорат пробугарски настроените „борци“ за самостојна држава и за самобитноста на македонскиот народ. 

 Да го појаснам и тоа „просрпски“ од редовите погоре. Сите кои се залагале за југословенска федерација, единствената здрава опција за Македонија, денес се стигматизираат како „србомани“ и „просрби“ од страна на осоколената бугарска пропаганда.

 Сонот на вторите Илинденци е дијаметрално спротивен на оној од 1903-та. На оние првите сонот им бил осамостојување со една цел, приклучување кон Бугарија и остварување на нивните санстефански морбидни планови. Идејата била да се загуши секоја идеја за посебноста на јазикот и идентитетот на овој народ, негово претопување во бугарскиот етнос. Тоа најмногу доаѓа до израз во сукобот помеѓу Методија Андонов Ченто и Светозар Вукмановиќ - Темпо. Бугарофилите тврдат дека Темпо се залагал за некаква „големосрпска“ идеја, при тоа намерно избегнувајќи го фактот дека тој е Црногорец.

 За вторите, сонот е остварување на слободата на македонскиот народ која можела (тоа се докажува и денес) да се оствари единствено во заедница со другите братски народи, сфаќајќи дека само така, во заедница, се посилни и поотпорни на претопувањето, на притисоците од глобалистите, па и на денешната (веќе извршена) промена на идентитетот.

 Секоја чест на исклучоците, но изгледа овој „подмладен“ Сојуз на борци со луѓе кои во периодот на војната биле 15-16 годишни малолетници без изградени ставови за животот, без поим за идеалите на НОВ и комунизмот, а се приклучиле на борбата после април 1944, со салонски офицери на ЈНА, кои потоа молкум преминаа во АРМ заради поголема позиција, веќе одамна не може да ги застапува интересите на вистинските борци, ниту пак да говори за периодот пред и по остварувањето на најголемиот сон на овој народ: слободата, можноста самостојно да одлучува за себе и за својот развој, слободно да се изразува на својот мајчин јазик, но и да ги почитува правата и слободите на другите кои живеат во истата земја. Овие луѓе не можат да говорат за правецот во кој треба да се насочи Македонија, затоа што целиот живот мислеле на остварување на сопствената добробит од позициите и целосно искористување на привилегиите што ги стекнале со учеството во НОБ. Тие молкум го прифатија уривањето на заедничката татковина, молкум го прифатија претопувањето на социјализмот во феудален демо(н)кратски капитализам, молкум ги прифаќаат и денешните обиди да се прекрстиме во Александроси, Филипоси, Аминти и сл. Молчат кога се менуваат имињата на улиците, кога се бришат имињата на нивните соборци и се претвораат во имиња на бугарски убијци под кои пиштел овој народ. Нè убедуваат дека Македонија сама се ослободила во Втората светска војна, небаре била некаква затворена јама без комуникација со другите земји од светот. Нè убедуваат дека на Македонија и’ е поубаво сама, но кога ќе се спомне дека во неа последниве две илјади години живеат само Бугари, тогаш премолчуваат. Креваат глава само кога ќе ги дирнат во нивните привилегии, но и тогаш внимаваат до каде можат да одат.

No comments:

Post a Comment