Tuesday, May 31, 2016

СИЛЕЏИСКА, ИЛИ СИЛНА МАКЕДОНИЈА?



 Украинско сценарио!? Него деновиве постојано ни го подметнуваат владините апологети во обид да залепат непримерна етикета кон граѓаните кои се бунтуваат против абузивната власт. Која е разликата меѓу украинското сценарио и состојбата во Македонија?

 Во Македонија денес царува национализмот. Постојано се затскрива зад привидниот патриотизам, лажен и фиктивен колку и самите патриоти! Тој е вкоренет во сите нации кои живеат во државава, а особено е силен кај најбројните – македонската и албанската популација. Ваквиот национализам е манифестација на слабоста на една нација, а не е израз на нејзината сила.
Тој е заразен за ваквите мали народи и затоа нивните водачи (празни души) се обидуваат да се одржат на власт ширејќи националистичка идеологија која прераснува во масовна хистерија. Големите народи со големи култури ја почитуваат туѓата и свесни се дека мешавината на народи и од размисли во една држава е вистинското богатство кое треба да се негува, а не нешто што треба да се разори, сепарира и завади. Тоа е вистинскиот патриотизам! Спротивно на него, кај нас национал(социјал)истите под превезот на патриотизам изградија ѕид кон другите народи и кон луѓето кои поинаку размислуваат. Патриотизмот е благороден, национализмот – црна чума за секој народ! Како и секое зло, се крие, лажно се претставува, егзистира во темнина и е привид на љубов кон сопствената земја, а всушност гаи огромна злоба и невидена омраза спрема другите луѓе со поинаква верска, политичка и национална определба, па дури и спрема делот од својот народ кој не ги дели ваквите националистички погледи. Ваквата чума тешко се лекува!

 На Мајдан, ЦИА употреби и ги организираше пронацистичките сили во украинската опозиција за да го урне легално избраниот претседател на Украина. Целта беше да се урне руското влијание и да се оствари прилепување на англосаксонската геополитичката сфера на интереси до Русија. Наспроти нив беа оние сили кои се проруски настроени, нормално, под влијание на руските разузнавачки служби, што е сосема логично земајќи ја во предвид бројноста на руското население во неа, близината на Украина и нејзиното значење за Русија како прва руска држава, а Киев како прв руски главен град. Разликата е што во Украина на власт беа антифашисти, па опозицијата која беше составена од неонацисти и профашисти (потомци на нацистите) беа употребени како „демократска сила“ која треба да ја урне „авторитарната власт“. На 21 јули 2013 во Червоное, Украина, беа погребани припадници на озлогласената СС дивизија „Галиција“, со знаење и под покровителство на властите на Украина. Погребот повеќе наликуваше на некаков нацистички слет, претстава со јасна порака до оние кои не размислуваат истоветно. Претходно, навивачи на фудбалскиот клуб „Карпати“ од Л’вов неколку години по ред им одаваа почит на припадниците на СС-дивизијата отпоздравувајќи со испружена рака. Волчјата стапица (Wolfsangel) симболот на германските „Шуцштафел“ ескадрони, денес е во употреба на неколку украински здруженија: Патриоти на Украина, Социјал-националната Асамблеја, но и на Социјал-националната партија на Украина која се преименуваше во Свобода. Ваквиот симбол е присутен и во единиците на Националната гарда на Украина, како што е озлогласениот полк Азов, преполн со социјал-националисти (зборот е превртен за да ги замачка очите на јавноста дека се работи за национал-социјалистичка групација). Во Домот на синдикатите во Одеса, живи беа спалени неколку десетици граѓани, а во оние кои се обидуваа да излезат од огнот беше пукано од оружје и тоа од страна на градоначалникот и други претставници на новата власт. Стотици претепани неистомисленици. Сега во Украина владеат сили кои се лесно менливи, до крај корумпирани, но и целосно под влијание на неонацизмот и струјата на атлантизмот (САД, В. Британија, Германија...).

 Кај нас сликата е сосема поинаква. На власт се потомците на поранешните нацисти, профашистичката и пробугарска ВМРО која ја играше главната улога на бранител на фашистичкиот окупатор во Втората светска војна и кој и денес ги убедува дека бугарската војска во 1941 г. влегла во Македонија како ослободител, а не како окупатор. Нејзини членови беа припадници на разни бугарски нацистички организации од типот „Браник“, „Б’лгарски акциони комитети“ и слични, а потоа при крајот на војната нејзините членови масовно преминаа во Комунистичката партија да ја превземат власта. Низ историјата, во Македонија никој нема убиено повеќе Македонци од ВМРО! Никој нема сторено поголем зулум врз народов македонски од нив! Пиштела Македонија од нив на почетокот од минатиот век сè до 1934 година кога и Цар Борис ги забранил, а поголемиот дел од нив избегале како глувци од Бугарија. Подоцна, против комунистите и НОБ во Македонија се бореа раме до рамо со бугарските и албанските фашисти, во целост потпомогнати од хитлеровата армада. Тие, домашните псеудопатриоти со испрани мозочиња, ги поткажуваа и ги испратија Евреите (11 март 1943) во логорите на смртта, тие ги поткажуваа и Србите како наводни доселеници на окупирана територија, па Бугарите протерале, ликвидирале и затвориле поголем дел од нив, повеќето такви кои со векови живееле на македонска почва. Истите ги поткажуваа сите оние кои беа активни во НОБ. Подоцна во ’48-та испратија стотици невини луѓе на Голи Оток, како освета кон оние кои им се спротиставиле во војната или само за да си ги замачкаат своите крвави траги и да се претстават како подобни за новата држава. Едните завршиле на Голи Оток како вистински проруски определени комунисти, другите како поборници на бугарската идеја за самостојна Македонија со склоп на бугарската држава, а некои само заради тоа што имале повеќе од комшијата.

 Ваквото присуство во бугарските фашизоидни организации била особено масовна појава во Егејска Македонија заради жестокоста на бугарската пропаганда. Оние кои навистина биле со грчките партизани неколку пати ми потврдија дека Бугарите делеле пари, оружје и униформи меѓу славомакедонското население во северна Грција за да се борат за нив, а поголем дел од нив биле и со бугарско национално чувство. Бројни се ѕверствата извршени од ваквите „македонски“ единици во служба на Бугарите. Историските факти потврдуваат дека главната ролја во пропагандната манипулација со населението во Егејска Македонија ја имале ВМРО и Бугарите. Постојат цели села во кои Македонците масовно се бореле под закрила на Бугарските фашисти, па така голем дел од нив сториле масовни грабежи и ѕверства врз населението во Метаморфози, Евзони, Павкодасос, Платанија, Василица, а во масакрот во Доксато во септември 1941 г. вооружени чети на ВМРО ѕверски убиваат преку 3.000 недолжни цивили. Таму, како што искрено признаваат некои македонски раководни кадри во ЕЛАС и ДАГ, бил мал бројот на Македонци кои се бореле на страната на партизаните. Истите, откако беа однесени од Третата интернационала во СССР (Узбекистан) за да се спасат од гладта и откако им беше исплакнет мозокот низ сталинистичкиот режим, станаа големи комунисти, а со помош на два сведока беа прогласувани за борци за да остварат право на боречки пензии во СФРЈ. Не ме зачудува нивниот „естетски“ вкус кој се очитува во соцреалистичките споменици и наводниот „барокен“ „класично-неокласичен“ сталинистички ампир стил кој неодоливо ги потсетува на градбите и спомениците во Ташкент, изразен и во начинот на нивното владеење денес со Македонија. Класична мешавина на сталинизмот со огромни примеси на нацизам! Не е ни чудо привидот на некакво проруско влијание во овој табор, иако е јавна тајна дека целата обука на стилот на ваквото владеење ја изврши БНД преку германската фондација „Конрад Аденауер“. Не е тајна ниту дека поддршката доаѓа од Херитиџ фондацијата и од Републиканскиот Институт за Надворешни работи, денес попознат како ИРИ-институтот, преку кои постојано пласираат лажирани рејтинзи за некаков привид дека се омилени меѓу народот. Треба ли да напоменам дека институтот и фондацијата изобилуваат од поранешни офицери на ЦИА?

 Со години едни од главните лектири во таборот на ВМРО-ДПМНЕ, покрај „пирејот на Петре“, беа токму книгите на Гебелс („Политички говори“), на Мусолини („Фашистичката револуција“) и „Мојата борба“ на Хитлер и тоа во скратено издание на издавачката куќа „Ѓурѓа“. Веројатно затоа сега активно се обидуваат и самопрегорно работат врз идејата да сотрат и угушат сè што има предзнак на поранешниот социјалистички систем, реализирајќи ја идејата со експресно отпуштање и побрзо пензионирање на сите оние вработени во државната администрација од тоа време, неретко стигматизирани како застарени, како комунисти кадри (според произволна оцена на нивните подобници), а тоа се однесува на сите оние родени пред 1970-та (*податок добиен од членови на комитетите на ВМРО). Често ваквата акција на бришење на минатото ја вршат со уривање и уништување на спомениците од НОБ и социјалистичката револуција (дури и со сечење на дрвата засадени тогаш), што е френетично поздравено од нивните „независни експерти“, па одат дури и дотаму своеволно да ја менуваат историјата претворајќи го ВМРО во „столб на македонската државност“, нејзините членови ги преобраќаат во некакви „борци за Македонија“, а оние кои ја создадоа македонската држава, кои ни овозможија Македонецот слободно да се нарече Македонец, да твори и говори на својот мајчин јазик ги плукаат како да се црни ѓаволи, „србокомунисти“, „комуњари“, „југоносталгичари“, „најголеми душмани на македонскиот народ“ како да времето во кое Македонија цутеше, сврзано токму со постоењето на таа јужнословенска федерација и социјализмот, беше некое огромно зло, најголема несреќа, предавство на македонството. Не верувате!?

 Погледнете околу себе! Не научивме ништо од историјата, затоа денес таа ни се повторува! Под текстот на псеудобарокната креатура наречена Музејот на ВМРО „Музеј на македонската борба за државност и самостојност“ гордо испишаа „музеј на жртвите на комунистичкиот режим“. Ако некој се бореше за македонската државност тоа се токму југословенските партизани и комунистите, секако ‒ со активно учество на сите оние Македонци и бројни немакедонци (Власи, Роми, Срби, Турци, Албанци, Евреи, Грци...) кои излегоа во партизани или на друг начин ја поддржуваа Народноослободителната борба. Ако овие денешниве се некакви патриоти, или „прави комунисти“ како што се претставуваат дел од нив (Мирка Велиновска, Јанко Илковски и сл.), или барем ако беа сталинисти, зарем не ќе беше пологично да изградеа музеј на жртвите од нацизмот во чест на милионите кои изгинаа од него? Зарем мислите дека Русите кои дадоа 20 милиони жртви во Отечествената војна против фашизмот не ги знаат овие податоци!? Единствениот поттик за руските тајни служби е да ги икористат нашиве необугарофашисти против жестокото влијание на ЦИА на Балканов. Ништо повеќе! Ако воопшто им веруваат на ваквите врвни манипулатори и лажговци, тогаш нешто не е во ред со нивните служби!

 Наспроти нив Западот само привидно делува преку опозицијата која овој пат околу себе ги собра сите интелектуалци, прогресивни и слободоумни луѓе, па успеа дури и да ги анимира членовите на самата ВМРО кои не се согласуваат со ваквиот злостор против сопствениот народ и земја. Нормално, на идеите за правна, полова, национална, религиска и расната еднаквост, за правото на слободно аргументирано искажување на сопствената мисла, умниот тешко може да им одолее. Оттаму тие се обидуваат да делуваат конструктивно во целото ова лудило, обидувајќи се да ја изнесат вистината на виделина. Власта фатена на дело, јавно со своите по грешка снимени гласови потврдува и јасно признава како местела избори, вршела уцени и изнудувања. Ни раскажува како грабала и како безочно трошела пари од државната каса, како претворала државни во приватни имоти на владетелот и најлошо од сè ‒ како учествувала во прикривање на докази и на сторители во најмалку две убиства, а со самото тоа законот ги прави соучесници во тие недела. Овие снимени разговори се јавни сведоштва искажани од устите на самите креатори и извршителите на најголемиот криминал, а логиката вели: и во најголемите антимакедонски активности во историјата на Македонија. За жал, во диктатура како нашава ‒ логиката е непријател, а вистината е страшна закана.

 Секојдневно ја истакнуваат својата деструктивност преку новата парола, која веројатно многу му се допаднала на нивниот „пастир“ па почна често да ја користи во своите празноглави говори: „Македонија силна“, вели постојано. „Државата пред сè“, повторуваат. Друго прашање е што воопшто владетелот и неговата камарила подразбираат под таа идеја! Ако под неа разбираат потреба преку уметност да ја воздигнат и засилат нацијата и националната свест, повторно сме на погрешен пат. Грдотиите кои ги простреа низ центарот на Скопје, но и во други општини низ Македонија, воопшто не се уметност, ниту нешто за гордеење, туку тежок кичерај од кој треба да се срамиме. Актот на воспевање на антиката преку нив е уништување на сè што е изградено до 2006-та година, уривање на сите културни вредности стекнати во повоениот период, обид за нивно бришење и изобличување, бришење и изобличување на националниот идентитет! Уметноста наметната од невкусот на неуки малограѓани, кои веруваат дека е доволно да видат скулптури и градби во некој европски град за да се прогласат себеси за големи нејзини познавачи, никогаш нема да стане уметност. Невозможно е да се детерминира како таква со создавање бедни копии кои треба да наликуваат на нештата кои тој ги видел во некоја светска метропола. Уметноста не зависи од ниедна политика, најмалку од некој политичар, новопечен господин. Таа има свои сопствени атрибути кои ја детерминираат и преку нив станува тоа што треба да е, а не со некаква политичка наредба, декрет на владетелот, или затоа што му се бендисала на таквиот политичар. Значи воопшто не станува збор за обид да се воздигнат или засилат нацијата и татковината, туку за дрско насилство врз веќе постоечките културно-историски знаменитости, обично уличарско силеџиство врз националната и државната култура и уметност, обележена како неподобна, штетна, „продукт на НВО-агентури на западните разузнавачки служби“ (А. Станкоски) Секако, во ваквиот цитат впечатлива е сличноста со нацистичката пропаганда против модерната „дегенерирана“ уметност.

 Таквата идеја за напредок и овој пат оди преку насила наметнати принципи, но насила не можете да создадете ниту уметност, ниту попаметни граѓани, уште помалку наука, индустрија, економија... Како тогаш ја разбира „силна Македонија“ актуелниот политички врв? Според логиката на широките народни маси, дипломите и титулите во земјава за последниве години се намножија како мравки, па тоа ни дава за право да се наречеме умен народ. Според истите, внатрешен непријател е секој оној кој не размислува со умот на владетелот и што ќе се осмели да ги критикува неговите постапки. При тоа тие воопшто не го поставуваат прашањето дали тој, владетелот, воопшто има некој ум со кој може да се пофали. Очигледно нашиот боксер, кој има поголем успех во скокањето како скакулец на театарската сцена во претставата „Грев, или шприцер“ отколку во рингот, силата на Македонија ја замислува во мускулите. Од кого би требало да се (од)брани Македонија? Познавајќи го неговиот ум и општопознатиот факт дека се идентификуваше со државата, секој напад на неговата личност (секако говорам за вербален напад, а не за физички) го смета за акт против државата. Ако погледаме во мускулите на нашата татковина, ќе видиме дека нејзината снага е единствено во континуираното зголемување на полициските сили кои по правило служат за заштита на државата одвнатре. Таа е една од најдобро вооружените полиции во регионов и очигледно нејзе „боксерот“ ѝ посветил особено внимание. Истовремено бројот на армиските сили е драстично намален, а обврската за служење редовен воен рок е укината. „Патриоти“, не се радувајте премногу! Тоа не е сторено со цел да се заштити државата и нејзиниот имот од боењето во боите на шарената буна, туку за да се заштити владетелот и неговиот личен имот вешто претопен од државната каса во неговите џебови. Во анкетниот лист доставен до Државната комисија за спречување корупција самиот наведува дека неговата имотна состојба се зголемила за четириесетина пати од онаа во моментот на доаѓање на власт. Тоа значи дека, ако тогаш џебот му бил длабок само 10 центиметри, по десет години мама морала да му сошие нов џеб на тренерките длабок 400 центиметри за да не му испаѓаат парите од него.

 Внатрешен непријател според полициската теорија и пракса е секој слободоумен граѓанин на оваа земја. Затоа, секој оној кој се дрзнал да не размислува според партиската шема на ВМРО-ΔΡΠΑΜΕ треба да се обележи и оцрни како комуњар, предавник, или државен непријател. Ваквиот став е сведен на ниво на еуфорична партиска задача, па ваквата непријателска етикета може лесно да си ја понесе и некој долгогодишен член на партијата. Доволно е само некому да му предизвика завист за да го посочат со прст.

 Дали Македонија треба да е силна? Се согласувам тoa е неопходно, но нејзината силина треба да е во средувањето на состојбите во неа, а не во зголемувањето на бројот полицајци и градењето псеудобарокни глупости. Тоа подразбира создавање мала, но ефикасна администрација, а не таква на чии шалтери треба да чекаш со денови за да на крајот добиеш погрешен документ. Подразбира правда и право кое ќе важи подеднакво за сите, без оглед каде се наоѓаат на општественото скалило. Реновирани болници обезбедени со потребните апарати и средства за лекување. Достапност на здравствените услуги за сите, не само за привилегираните, висока стручност на оние кои лекуваат. Средување на образованието, обезбедување целосни услови за негово непречено одвивање и перфектно знаење на оние кои треба да ги воспитаат и учат идните поколенија.

 Силата значи зголемен стандард и пораст на куповната моќ на населението, не само зголемени плати. Потребни се реформи на економијата, не лажна како оваа што е пред нас, со двојни книги во кои на едните е впишан реалниот свет, а во другите пропагандните бајки на владетелот според кои цутиме и напредуваме. Ваквата двојна евиденција е воведена во секоја институција со цел создавање привид на успешна земја. Не економија која ќе биде строго контролирана и финансирана од владата, туку слободна, таква која ќе влече кон напредок! Намалување бројот на студенти, развивање на занаетчиските струки во средното образование. Не како што тие си замислуваат право на студирање да има секој кој завршил средно. Не, право на студирање да имаат само богатите „бидејќи-така-е-на-Запад“, за да не се чудиме потоа што нивните деца, па и повеќето бизнисмени, не знаат да состават една проста реченица бидејќи дипломата била стекната со пари, а не со знаење. Единствениот начин е тоа да се изврши преку прецизно изведена позитивна селекција, а единствен репер за тоа мора да биде знаењето.

 Парите кои се фрлија на лудилото „Скопје-2014“ (потрошени се преку 560.000, евра а секојдневно се фрлаат за нив најмалку уште по неколку десетини илјади!) можеа да се искористат за средување на инфраструктурата во поголемиот број населени места низ цела Македонија. Сè уште не е доцна тие да се распродадат, или уште подобро, бидејќи никогаш нема да успееме да ја добиеме цената по која се платени, да се сместат во еден поголем забавен парк или Парк на лудилото во кој само од наплатата на влезниците би се обезбедила сумата потребна за бројни водоводни и канализациони мрежи, за поправки на патишта, пруги, мостови, згради, па дури и за нови објекти!

No comments:

Post a Comment