Friday, June 3, 2016

РЕТРО АНТИКВИЗАЦИЈА

НИП „Нова Македонија“
во 1980 г. (горе)
и во 2014 г. (долу)
(*сликата е позајмена
од еден мој ФБ пријател)


 Случајно налетав на еден мој коментар за антиквизацијата на Република Македонија во онлајн изданието на „Нова Македонија“ на текст од М. Велиновска (апсолутен непознавач на ликовната уметност, иако зела диплома како историчар на уметноста) насловен како „Кај ќе беше цивилизацијата без антиквизацијата“, па за да бидам во тренд (а ретрото е „ин“ во Македонија) мора да ви го претставам, како и мојот одговор на коментарот на некојси Анѓелкоски. Текстот е од 15. јули 2010 година, време, кога полистирен-лудилото уште беше на зачетокот. Во меѓувреме лудилото нарасна во своите апетити, се прошири и се надгради како нивната програма за зацрнување на граѓаните на Македонија.


 За жал, златните времиња на „Н. Македонија“ завршија. Во нејзиното онлајн издание едно време можевте да водите дебата со останатите, да им одговорите и истиот ден неколку пати да го објават вашиот коментар, секако, водејќи сметка тие да не бидат навредливи и дрски. Тоа беше чудо за денешнинава каде на повеќето портали се укина ваквата слобода на изразување која ете, во 2010-та сè уште била жива. Во онлајн изданието на „Н. М.“ најнапред почнаа да се кратат, а веќе од 2013-та (можеби и порано) воопшто не се ни објавуваат коментари на читателите, па ако при тоа уште и ја споредите зградата на поранешнето седиште на весников со „барокното“ баракиче во „Капиштец“ ќе ви стане уште појасно како некогашниот колос на новинарството се претвори во едно ситно мизерно полжавче кое се лигави пред Малото Диктаторче и „партијата“.

Еве го и коментарот, нормално со мали исправки на големите букви кои во ограничениот простор ми служеа како акцентирање на зборовите:
Се работи за сосема анахрона имитација на антиката, без познавање на нејзините постулати и научни теории, целосна инсуфиенција на сознанијата за нејзината наука, уметност и култура. Како резултат го имаме нивното превртување во спротивното значење. Дали е убаво да го откриеме и осознаеме веќе откриеното, како во претходниот текст (се мисли на текстот на Мирка Велиновска *заб. авт.), со откривањето на теории и факти за кои, во Светот, се пишува најмалку 40 години наназад?! Дали тоа не е враќање наназад? Ренесансната цел за враќањето кон античките вредности, во услови на заробениот ум од „вредностите“ на христијанството кои ги пропагирала црквата со цел масовно затупување, има своја оправданост во идеите за просветлување, за бегство од црквеното учење дека земјата е плоча и центар на универзумот... дека универзумот се самата црква и нејзината празноглава догма…

 Прогласување на затемнувањето и на самракот за светла иднина се невидено „знаење и просветленост“. Се сеќавате на идејата за воведување на закон за спречување на абортусот?! Се сеќавате ли на кампањата за враќање на црковното учење и догмата во училиштата? Се сеќавате ли на обидот црквата да се постави над овоземните закони? Зарем е тоа некакво „напредно мислење“ и прогресивна идеја?!

 Медичи и Борџија биле мецени кои ктиторството го плаќале од својот џеб. Жално е што овие „наши“ временски машини за ретрограден напредок се бедни нивни копии, но и ктиторството го прават со туѓи пари (оние на Граѓаните на РМ). Значи, не издвојуваат свои лични средства за „нашето“ „подобро“ утре, туку ги вадат од државната каса, глумејќи историски личности и водејќи сметка исклучиво за својата иднина. Целата циркузијада е јаден обид да си го обноват своето заборавено потекло, заменувајќи го со директното сродство од семејната линија на Борџии, Медичи, Александар (Велики), Нерон, Цезар... Па, на што ви наликува тоа?! Тоа што Бајрон, Шели, Шуберт, Хегел, Гете, или Шилер, го твореле и кон што се стремеле нема врска со современите бледи копии на минатото, пресликани во кичфигурините и градењето „барок“ (безвредна варијанта на парахрон неокласицизам).

 „Нашата антиквизација“ е всушност безуспешен обид за национален препород, затоа што е воден од погрешни луѓе, квазивеличини и псеудонаучници кои ни се презентираат како „интелектуална елита“.

Следува коментарот на Методија Анѓелкоски:
Текстот е одличен (*мисли на оној на Мирка). Запрепастувачки точен. Во коментарите најдов некој ветеринар кој читал - и не дочитал - т.е. прескокнувал. И не скопчал дека и оние средновековни вајари правеле „бледи некреативни копии“ на антиката (за некого) - токму како овие сега (за него). Ги гледа законите против абортус и воведување религија, како ретроградни - и ТОТАЛНО изумил дека едниот закон е заради државата (теоретски изумира нација со наталитет под 2,1), а другиот е даден како ИЗБОР. Просто, претерано е површен, иако е очигледно паметен.

Еве го и мојот одговор на коментарот на Методија Анѓелкоски:
@Методија Анѓелкоски - Како прво да ти ја разјаснам заблудата: не сум ветеринар, туку Ајван Доктор, а тоа е пософистицирана верзија на ветеринар! Микеланѓело, да Винчи, Рафаел, Дирер... кои биле нешто повеќе и од ликовни уметници, никогаш не би станале тоа што се да ги имале сознанијата на денешниве кичуметници. Покажи ми една античка копија од овие уметници, веднаш ќе се приклонам кон твоето мислење, кое очигледно е поттикнато од празната размисла на новинарката, а не од сознанијата за ликовното и естетиката.

Што се однесува до правото за абортус,тоа не е случајно прогласено. Прогласено е заради одредени научни медицински согледувања за кои би ми бил потребен поголем простор за образложување. „Изборот“ беше премногу наметнат од политичката и црквената естрада, токму како и антиквизацијата: кој е „за“, тој е патриот (поточно Македонец), оние „против“ се предавниците (Немакедонци).

На исто ниво е сведена и антиквизацијата (збор кој воедно претставува и застареност, нешто што одамна е минато) која се спроведува („за“ ‒ Македонци, , или „против“ ‒ Помалкумакедонци и Ичмакедонци). Македонците имаат потекло и не се бескоренити, но дали не е сулудо да се бара чистота на потеклото на терен каде пет векови владееле Турците, каде има Саси, Германи, Келти, Кумани, Хазари, Ерменци, Евреи, Татари... каде минувале крстоносци, австроунгарски војски, германски, француски, бугарски, српски... Дали не треба, најпрво, да си ги најдат сопствените корени, па дури потоа да ги бараат оние масовните, групните, оние на етникумот? Ако одиме по теоријата дека „нешто“ останало и од антиката, тогаш повеќе од сигурно е дека од Селџуците и Османлиите има уште повеќе остатоци!

No comments:

Post a Comment