Ех, интересно чувство е кога од земја која се распаѓа ќе влезете во земја со невиден просперитет! Возилото наеднаш почнува да ви се тресе, како кога налетувате на калдрма, или се возите преку голем премин со шини, но тресењето е по целиот пат кој обилува со нерамнини кои најчесто ги нарекуваме-дупки!Очекувате возилото во секој момент да ви се расклопи на своите составни делови!
Во земјата која се распаѓа не можете да наидете на таков проблем, освен во делот каде има постар пат (дури и таму дупките се занемарливи), овој другиов, меѓународниот, до Атина, може да послужи и како слетно-полетна стаза! Их! По некулкуте летувања во северниот дел на земјата во распаѓање, овој пат, со моето друштво одлучивме да летуваме малку појужно! Патувавме целите облеани од пот, поради стравот кој го создава помислата дека се наоѓате во земја која во секој момент може да се распадне! :) Сосема доброволно влеговме во ризикот, набиен од секојдневието на домашните медиуми, свесни дека сме влезени во зона каде владее перманентна омраза и секојдневна кампања против нашата држава, со која постојано започнуваат и завршуваат вестите! Стигнавме во претоплиот Волос, родното место на надреалистот Ѓорѓо де Кирико, но и град кој е населен од Грци бегалци од Турција (во XIX век), особено од Смирна (Измир)! Заглавивме во центарот на градот барајќи го пристаништето! Целиот во уплав :) прашав еден Грк, да не упати кон пристаништето! „Повелете, Следете ме со колата“-најљубезно ме повика влегувајќи во своето возило и носејќи нè до гратското пристаниште на кое чекаа стотици возила за да влезат на ферибот! Иако регистрацијата на возилото говореше јасно од каде доаѓаме! Без проблеми успеавме да купиме билет и да се сместиме во еден од огромните фериботи! Скопелос е прекрасен остров, Алонисос, уште поубав (од 1992 e Национален Поморски Парк)! Двата, мешавина од карпи и зеленило и бистра проѕирна смарагдно-зелена вода! Прекрасна природа! Пред пристигнувањето во пристаништето Лутраки се распосла прекрасен поглед на островот! Самиот остров, прекрасно место за одмор! Од куќите ве занесува прекрасното белило! Алонисос... сигурно треба да учиме како треба да изгледа и да се сочувува Национален Парк!
Љубезноста на домаќините не изостана, дури и МТВ ни вклучија на кабловска, а таму: „Грција пропаѓа“; „Немаат туристи“; „Доживува економски колапс“; „Производите енормно поскапени“...! Ех, колку убаво изгледа радосната вест за античките Македонци - „Грција пропаѓа“!
Среќа што не сум еден од нив, туку само „дефиниција за србо-македонец“(како што ме нарече „патриотот“ анонимус, обидувајќи се да остави коментар)! Колку за негова информација, мене не ме зачудува што „најголемите патриоти“ летуваат во Грција! Не ме зачудува нивното капење во „Беломорските“ води (бугарска кованица за Егејот, која нашироко се применува кај „најпатриотите“, обидувајќи се и на тој начин да го докажат постоењето на „нашиот дел“)! Како ли само не им се повраќа? Како ли не се исипуваат при капењето? Кој знае, можеби си замислуваат дека се капат во некое друго Море („Бело“)? Можеби си замислуваат, имајќи го в предвид бројот на наши туристи, дека си се дома? Можеби некогаш и им се прислошува од возењето на јахтите, кои мизерно наликуваат на крш, купен на старо! „Летуваме во нашиот дел“-велат тие! Во Јужна Македонија биле!? Најверојатно ја запознаваат татковината, за да ја сакаат повеќе!Пијат узо, јадат малиџано и ѕаѕики и брборат дека им се гади од Грција! Каква мизерија се!
До каде одиме со заслепеноста од омразата говори и реченицата собрана од пред една скопска сендвичара: „Јас од ориганото добивам пролив!“!? Јас, искрено, никако да добијам пролив од ориганото! Ниту од бузукито, сиртакито, узото, рецината, гирото! Ги обожувам!
На темата за пропадната држава се сетив на уште една работа! Имено, за прв пат во неа влегов во далечната 1968. Тогаш се одеше до Тесалоники, Катерини, Александрополис и Кавала преку петметарски пат, преку Евзони. Грците живееа скромно, но секогаш во карактеристичните Аспро (бели) секогаш свежо варосани куќарки! Областите кои ги наведувам имаа најчесто кампови, ретко хотели. Камповите и тогаш, како и сега, перфектно чисти, секогаш со топла вода, а тоалетите светат! Сончевите колектори беа застапени и тогаш, но сега тоа е масовно! Најчесто, во почетокот на седумдесетите, нашите (мислам на Југословените, а не исклучиво на Македонците) летуваа во областа околу Катерини, Лептокарија, Платамона... Од македонските регистрации беа застапени единствено „SK“, „BT“ и ретко „PP“! Околу камповите, најчесто беше празно, без градби и како најчест приобалски пејсаж беа нивите! Тоа траеше сè до втората половина од ’80-тите, кога нагло почнаа да се создаваат нови населби со предлогот Νεα! Патот и кон турската граница и оној кон Атина, наеднаш се прошири кон крајот на ’70-тите, во два смера од по 3-4 ленти мазен асфалт на кој, во случаи на нужда и потреба, може да слета и авион! Автопатот, овојпат, ги избегнуваше малите селца низ кои редовно се движевме! Некаде во ’90-тите автопатот, повторно ја измести својата траса, овојпат избегнувајќи го и Солун, повторно проширувајќи се! И повторно, во новиот век, автопатот претрпува трансформација, а при секоја поправка и реконструкција перфектно се поставени сообраќајни ознаки! Железницата кон Атина е со повеќе колосеци и воведен е брзиот воз! Градскиот сообраќај е мислена именка за нашиот! Перфектно чисти автобуси! Населените места, кои до вчера беа со еден лик и помали, сега се проширени и го смениле ликот! Старите градби, одново реновирани и што е најзначајно секогаш Бели и Окречени, сјаат на сонцето! Блескаат со својата чистота !
Се мислам дали би требало да ве потсетам како изгледа автопатот од Табановце до Богородица во Најпросперитетната земја во Светот? Дали да го спомнувам изгледот на фасадите на куќите во нашите села? А на оние во градовите? Дали да ги наведам обележувањето и сигнализацијата при поправање на автопатот? Во последно време, ниту се поправа, ниту се прави! Дали да потсетам на изгледот на возовите за кои не е срамно што се стари, туку е срамно што воопшто не се Одржуваат! Хигиената во нив, ужас! Меѓународните возови на „Вселенската“ железничка станица воопшто и не застануваат! Пругата во поголемиот дел е еднонасочна, а брзиот воз е само залуден сон! Дали да се потсетувам на болниците, училиштата и зградите кои се распаѓаат? Уште пострашно е што се распаѓаат основите на функционирањето и егзистирањето Земјава: Школството, Здравството, Безбедноста! Она што го означува нашиот подем се Кичфигурините на „најумната“ влада во Светот!
Monday, August 23, 2010
ВО ЗЕМЈАТА ВО РАСПАЃАЊЕ
Subscribe to:
Post Comments (Atom)
No comments:
Post a Comment