Thursday, October 14, 2010

ПОРТОКОЛАДНИ МАРКСИСТИ




Не така одамна (од настанот има изминато само четиринаесетина години) имав прилика да ги читам биографиите на кандидатите за парламентарните избори. Беше тоа зародиш на демократскиот процес! Таква ми беше работата. Да не бидам погрешно разбран, тоа немаше никаква врска со Државната Безбедност и нејзините „служби за чување на чистотата на мислата“. Забележително беше што тоа беа биографии испишани од самите кандидати, повеќе како CV, или лична биографија.


Ги читав и не ми се веруваше. Довчерашни професори по Марксизам, пишуваа дека предавале „Филозофија“. Довчерашни секретари на Сојузот на Комунистите и членови на Централниот Комитет, пишуваа дека „работеле во зградата на Владата“. Некогашните високи државни функционери наведуваа само дека работеле во администрацијата на државата!? Веројатно добро ја познавале колективната народна склероза, која премногу лесно ги брише трагите на минатото! Постојано ми одекнуваше во главата еден познат рефрен „Чит’о сам биографије / водеќих личности Мафије...“!

Деновиве прочитав еден текст од добро познат професор по марксизам, кој во плурализмот стана национал-социјалист, но ги достигна и височините на власта. Текстот зборува за лустрирањето како процес карактеристичен за националниот менталитет, поточно како процес кој зависи „од културолошкиот карактер“.

Почнав да се потсетувам на предавањата кои најчесто се движеа на линијата на социјалистичка слободна мисла, со себепрогласување за жртва на режимот од познатите шеесет-и-осмашки настани. Шеесет и осмата?! Некако во истото време налетав во колекција на еден добро познат првоборец на легендарниот весник „Студент“, весник на белградските студенти и тоа токму на оние Бунтовни броеви од 2,3...јуни ’68-та! Весникот постоеше како трага за настаните кога Студентите од Белградскиот Универзитет, заедно со своите професори се побунуваат против вообичаените усталени и веќе одамна гнили норми во општеството, барајќи поголема слобода на мислата. Бунт против лицемерната „авангарда“ на работничката класа, која од сиромашни лумпен-пролетери, полека, но сигурно, се претвораа во алчни велепоседници и тоа на туѓ, општествен, или одамна национализиран имот. Бев воодушевен од искажаната студентско-професорска мисла во весникот! Се обидував да најдам податоци за настаните во Македонија од тој период. Да осознаам нешто  повеќе за таквото движење на мојот Универзитет. Ништо! Штама! Никакво движење! Никаква мисла, во периодот кога младите студенти се бунтуваат и на Истокот, но и на Западот! Потполн мрак! Која ли улога ја имал славниот марксист во бунтот, сè уште не можам да осознаам! Како ли остана на позиција професор по марксизам се чудев уште од моментот кога спомна дека е „жртва на ’68-та“!

Овојпат се јавува во улога на заштита на лустрираните, правдајќи го денунцирањето на најблиските, пријателите и роднините со грешка во системот. Правдајќи го самиот чин, како борба за опстанок, за просперитет, како нормална појава во тој период. Најверојатно во стилот „сите така правеа“, релативизирајќи го самиот чин на предавство и поткажување! Во самата колумна и еден шок-сведоштво на бивш претседател на Сојузното Собрание на СФРЈ, попознат како прв претседател на самостојна РМ, кој изнесува фрапантни податоци во својата книга: Темпо наредил „да му се укаже кои се непријателите што треба евентуално да се судат, да се ликвидираат... да пишуваме свои сознанија за разни личности што имаа колаборационистичка улога, кои имаа некаква „бугарска жичка“... И јас пишував... за улогата на Чкатров, за Ѓузелов, Дрангов... за Спиро Китинчев... а и за некои други... на кметски должности. Еден кус период потоа беше чистката во Велес. Такви, но не од таков обем, чистки имаше и во други градови.“ (Киро Глигоров, „Македонија е се што имаме“, 2002, стр.66.) (!?!?) Точно признание за воздигнувањето во височините, за нечија апотеоза!

Ајде да ги разгледаме споменатите личности!

- Чкатров е близок соработник на И. Михајлов. Истиот во 1927 пристигнува во Канада, во рамките на МПО и ја става организацијата под влијание на Ванчо Михајлов! Член е на Б’лгарските акциони комитети оформени од Бугарските фашисти во Македонија. И... Какво „чудо“, станува делегат на Првото Заседание на АСНОМ, со поддршка на Методија А.Ченто!

- Димитар Ѓузелов е член на Македонска младешка тајна револуционерна организација. Во 1938 е на чело на делегацијата која на претседателот на Хрватска Сељачка Странка, Влатко Мачек, му предава меморандум во кој се залага против југословенскиот режим. Во делегацијата се наоѓа и „првиот претседател“ М. А. Ченто! Во 1941 станува директор на Радио Скопје и верно и’ служи на бугарската власт!

- Борис Стојанов Дрангов бил бугарски офицер и е татко на споменатиот Киро Дрангов, член на тогашната бугарска организација ВМРО. Неговата ќерка е сегашен член на ВМРО-Бугарско Национално Движење (поранешен ВМРО-Сојуз на македонски друштва)!

- Спиро Китинчев е член на ММТРО, подоцна на ВМРО, а во 1941 станува бугарски кмет на Скопје. Во службата на бугарскиот окупатор се истакнува и како вицепретседател на Б’лгарските акциони комитети! Претседател на овие комитети е Стефан Стефанов, кој меѓу другото на два пати образува месна милиција, на почетокот на бугарската окупација 1941 и во есента 1944, кога си заминуваат бугарските власти од Скопје.

- Киро Глигоров?! Тој е б’лгарски чиновник во Скопје сè до 1943 година! Има сведоштва кои говорат дека бил член на Б’лгарската младеж, но и на ВМРО. Интересен е неговиот полет кон сојузните височини, но неговата изјава „И јас пишував... за улогата на...“, кажува доволно за неговите квалитети!

Професорот... Тој е приказна за себе. Како долгогодишен предавач по Марксизам, не е возможно да не бил член на Партијата! А, за да остане на местото професор не е возможно да оди во спротивната насока од „подобноста“! Но овој пат се јавува во сосема поинаква наци-обоеност. Зошто ли постојано ми останува горкиот вкус во устата дека, поголемиот дел од членовите на СК, беа всушност со силни национал-социјалистички убедувања? Сега, истиот, од позиција на дипломат поставен од ВМРО-ДПМНЕ, говори за лустрирањето на уставниот судија!

Ах, да... Наставничката која предаваше Марксизам во средно образование, стана наш вицепремиер, демократски министер за внатрешни работи и директор на Агенцијата за внатрешно разузнавање.(!?) Сега е „един голям приятел на България“ и најверојатно сè уште работи како директор на Македонскиот Културен Институт въ България!

No comments:

Post a Comment