Tuesday, October 12, 2010

МАРКСИЗАМ




Се сеќавам на времињата кога не смееше да се критикува системот... Час по Марксизам, а јас: „Сето тоа е добро, но нашето општество е изопачено“! „Молчи, јас ќе ти ја ставам единицата, па ќе видиш колку е изопачено“ - рече професорката, пријателски! „Еве“, продолжив, „еднаквоста е невозможна, ние сме сепак единки и посебни индивидуи!“...„Молчи!“ - се јави повторно професорката. „И како може да ни е „једнак труд и рад“, кога јас, знам повеќе од Перо, а... и кога работиме, јас пет задачи, а тој уште е на првата...“

...„е, сега... мене не ми е јасно како и двајцата може да имаме петки!?“... „Молчи, ќе ти ставам единица“, велеше таа потсмевнувајќи ми се! „А и овој браваров... како од него стана Маршал и гение? Па, како не се родија и други бравари како него?! Ќе си имавме мноштво од Маршали и генијалци...“. Таа веќе не можеше да го сопре гласното смеење - „прекини!“. „Пазете, бравар кој го рецитира Пушкин на неговиот мајчин јазик (руски), а свири пијано до перфекција! Мене ми е малку сомнително...“ - продолжив. „Е, сега е веќе доста! Еве ти единица!“ - викна, и ја запиша во дневникот ветената единица!

Ех, да. Единицата, не ми остана, набргу ја поправив (нормално во Петка), но од задните клупи, тогаш, се слушаше џагор: „Види го! Како се осмелува така да говори?! Тој најде за другарот Тито... А и за Перо! Та, знае ли тој дека другарот Перо е претседател на „Младинска“? ...На „Младинска“ бееее... еејјјј...“! Оттогаш, некако станав алергичен на славното „Бееее...“ и секогаш кога некој ќе го повтореше, мене ми се превртуваа цревата. 

Надојдоа бурни времиња. Браварот почина и го исплакаа токму оние кои денес се јавуваат да го критикуваат дека бил крвав деспот во временска дистанца од триесетина години, заборавајќи дека некогаш го бранеле Перо, затоа што бил „претседател беее... на младинска“. Пропадна и социјализмот. Всушност ја срушија државата, а од системот, останаа само оние лошите карактеристики. Единствено називот е поинаков - демократски плурализам. Перо, за тоа време напредуваше низ плурализмот. Се претвори во капиталист, газда на една од оние општествени фирми. Стана и „страствен“ колекционер на уметнини... „отсекогаш мој Перо беше по уметноста“, изјави гордо неговата жена во една пригода. „Знам, знам“, одговорив, присетувајќи се на моментите кога им се смееше на „искривените слики“ на Де Кирико, Дали, Пикасо и Брак од учебниците, нарекувајќи ги шкрабаници. Всушност, сега има колекција од „уметнички слики“ кои се во стилот на „нашиот барок“.

Се сеќавам, на времето кога го предлагавме за претседател на младинска (беее..ејј). Перо беше облечен во излитени штофани панталончиња и демоде кондурки, со изабени накривени штикли. Живееше во една плитарка, во една соба, со еднобојна пластична завеса, која го делеше неговиот кревет со брачниот кревет на родителите. Едвај знаеше два збора да состави. Дури и сопругата си ја најде на еден од оние партиски состаноци. Потоа, отидоа заедно на работна акција.

Сега, Перо е главна фаца. Една од оние кои често се појавуваат на ТВ да ги коментираат дневните економскo-политички состојби во државава, како претседател на некое здружение кое едвај и да го променило називот од времето на „социјализмот“. И висок функционер е, во некоја си партија која го нема призвукот на социјализмот во своето име. Тој, и понатаму не знае да ги состави зборовите, но... живее во палата во предградието, вози неколку џипови (за да има за промена, да не му е досадно), има и две-три лимузини и... веќе не се познаваме.

*Секоја сличност со некој си Перо од вашата околина е намерна!

1 comment: