Thursday, June 2, 2011

ПРИМЕНЕТА ЛУСТРАЦИЈА!

Намeрата е очигледна! Да се откријат нови наводни соработници на УДБ-а,  но секогаш во туѓиот табор, единствено во опозиционите редови со единствена цел пренасочување на јавноста кон туѓиот табор, стигматизирајќи го како виновник за сите зла во земјава!


Ајде, да видиме каде биле сегашните директори на Бирото за јавна безбедност и на Управата за безбедност и контраразузнавање! Ајде да докажат дека не биле членови на СКМ и дека се пробивале низ системот единствено со труд и со квалитет, а не со политичка подобност! Зарем заборавиле дека има и луѓе кои добро го познаваат нивниот пат до врвот!? 

Да го разгледаме животниот подем на бившиот член на ЦК, Љ. Ивановски - Ѕинго, долгогодишен  пратеник во Собранието (*подобро би му одговарала титулата вечен, таму и ќе се упокои), кој го „купи“ цело Кратово! Инаку, потекнува од „сиромашно земјоделско семејство“ (така барем пишуваше во неговата молба за членство во СКМ) кое со години живеело во плитар во едно село близу до овој град! Истиот, беше прозван уште во ’80-тите како „Карингтон од Кратово“ („Илустрована Политика“ 1982, или 1984) од неколку белградски весници, каде се обраќаа обесправените работници каде залудно се обидуваа да се пожалат на неправдите во темниот вилает, зато што тој ја имаше магичната блискост со врвот на партијата и на државата! Залудно се обидуваа да се спротистават на неговата намера да ја превземе секоја општествена фирма во овој град, па и „Илинден“ од Кратово (производство на брусна хартија) што и се случи, во периодот на транзицијата… со негово насилно „откупување“ акции од вработените, по пат на разни притисоци и уцени! Пишуваа, тогаш, за неговите палати, поседи на општествени имоти кои тој ги претвораше во сопствени, за дотогаш невидениот систем на наводнување во Македонија „капка по капка“, за бројните превземања на општествениот имот...

Оттогаш изминаа 30 години, но тој е сè уште моќен и недопирлив, близок до секоја власт, па овојпат и со најновата, која се прикажува како „анткорупциска“ и како власт која „чесно се бори против криминалот“! Власт која зад себе остави пустош кој тешко дека ќе можеме да го оправиме за наредниве педесетина години! Ваквата „посветена деноноќна борба против криминалот“ се случува само на хартија и во нивните говори, јасно правејќи дистинкција помеѓу нејзините „чесни“, и опозициските „нечесни“, „предавнички“ и какви уште не, криминалци! Јавето говори дека овие сподоби „транзициски тајкуни“, темни сурати кои го ограбија општествениот и државниот имот, за кои го окривуваат исклучиво опозицискиот блок, тесно соработуваат со оваа власт и се наоѓаат под нивна заштита како никогаш до сега! Во нивна блискост се: О. Камчев, едвај завршениот хемиски техничар, апсен од оваа власт и експресно пуштен на слобода (портфолио: „Вечер“, „Дневник“); Ж. Мукаетов, човекот кој го превзеде општественото самоуправно претпријатие „Алкалоид“ од својот татко (со исто  потекло како и Ѕинго), кој најпрвин го претвори во приватна прќија, па потоа му го подари во наследство на својот син и редица други!Оние кои одбиваа да соработуваат и да плаќаат рекет на партијата, завршија зад решетките, а нивните „приватизирани“ општествени фирми пропаѓаа!

На овој начин, лустрацијата се претвори во комедија со употребна вредност! Златен бунар на инспирација на власта со која може да манипулира, уценува и да го дискредитира секој оној кој одбива соработка, или не дај боже, се осмелил да ги критикува или да го разоткрива нивното мрачно делување! Власта почна со додели на дипломи некодош, вон сите клаузули на законот, изигрувајќи ја така и правдата, но и моралните норми лепејќи им на другите етикети „кодош“! 

Зарем е можно боксерот, да не уживал заштита од својот покоен вујко — бивш министер, долгогодишен трудбеник во Службата за државна безбедност!? Зарем не ужива заштита од својот братучед, директор на Управата за безбедност и  разузнавање!? Поголема злоупотреба на функцијата, досега немало во земјава! 

Замислете некој од германските, француските, или англиските државници да си го назначи својот братучед за шеф на разузнувачките служби и згора на тоа истите прекуноќ да почнат да трупаат енормни богатства! Замислете нивните влади да почнат да градат вакви налудничави кичспоменици кои позеленуваат веднаш по поставувањето, а тоа да ви го опишат со зборот „преродба“! Замислете да почнат да се фалат дека тие градат згради кои не личат на ништо, патишта кои набргу пропаѓаат, дека реставрираат стари заштитени споменици на културата со нов материјал купен од вечно-подобниот Ѕинго!? Замислете таму, некому да му текне да ја нагрдува старата зграда на Лувр со некаква нова „античка“ фасада!? Замислете, истовремено, таму народот да се дави во четириесетпостотна сиромаштија и невработеност и беспомошно да гледа како пропаѓаат државните клиники, училиштата...! Што ли би се случувало во овие земји?!

Неретко се случува дури и претходните раководители на секторите за јавната безбедност и одбрана во општествените претпријатија да се главните џокери на оваа власт! Останува фактот дека оваа власт не се ни одлепи од оние кои ги нарекува кодоши, туку продолжи да ги употребува и злоупотребува до крајни граници, како ниедна власт до сега! Дури, забележливо е нивното зголемено присуство и примена, секојдневно и насекаде! Ќе налетате на вакви сподоби секогаш и секаде. Во соседството, на работното место, на улица... Тие се најжестоките поддржувачи на ваквата власт!

повод: цензурираниот коментар на текстот „До петок ќе се знае дали 11 кандидати за пратеници биле кодоши“, во Дневник, 31.5.2011.

No comments:

Post a Comment