Wednesday, June 22, 2011

АЛЕКСАНДАР - ГОЛЕМИОТ КОМПЛЕКС НА СИТНИТЕ ДУШИ





Александар Македонски (искомплексираниот воин на коњ)

Великолепниот кичерај во вид на ликовно недело пристигна на плоштадот во Скопје! Неговата коњска грива неизбежно потсетува на онаа на Тројанскиот коњ. Можеби намената на овој кичерај е слична!?

Заради своите соцреалистички габарити, карактеристика на Ташкентската ликовна школа од времето на социјализмот, од чии простори беше протерана уметноста, таа е претешка за опкружувањето и, поред силниот метален заслепувачки сјај и мегаломанска големина која би требала да е пропорционална со националниот псеудопатриотизам, во себе не поседува никаква уметничка вредност! Во себе нема никаков печат според кој би го препознале уметникот. Никакви специфични обележја и траги на личен стил, никаков сопствен ракопис кој би го разликувал делото од кичерајот и би ни го посочило уметникот. Добивме дело без некакви особености. Безвредно и беззначајно ликовно дело со една единствена цел — проекција на лажните големини на сопствениот патриотизам врз умот на заблудените. Токму со истата цел е и кичот — достапност и допадливост на што поширок круг луѓе. Најчесто се повинува на развиениот невкус на средината и се раководи според одредени ниски пориви на луѓето, онаму, каде немаат ниту основни познавања за уметноста и нејзините карактеристики. Се раководат од одреден емоционален недозреан набој, во нашиот случај нераскинливо поврзан со националното чувство. На кичот, целта му е да се продаде, а многу филозофи го одредуваат како лага и слабост на уметниците и луѓето, пратечка појава на масовната култура, најчесто вулгарна и собрана од самото дно. Вообичаено, наликува на уметност, потсетува на неа и ги погаѓа човековите сетила, но секогаш е лошо изведена уметничка замисла, најчесто во облик на бедно изведена копија, или е очигледен фалсификат на некое веќе видено уметничко дело со високи вредности кое, најчесто од незнаење, го вреднуваат како и самото дело, особено луѓето кои не можат да го препознаат, водени од сопствената недообразованост. Неговата масовна појава не значи и дека него го создаваат луѓе кои не поседуваат естетско искуство. Напротив! Најчесто е производ на самите уметници, особено на такви кои никогаш не ја осознале тенката граница со уметноста!

Во случајов на „Воинот на коњ“, единствената негова вредност е во милионите евра, фрлени за тоните материјал и за дополна на владетелските џебови. Веројатно единственото лековито својство кое го поседува е нејзината способност за лечењето на личните комплекси на приземната вредност, сеприсутна кај нашата „елита“ својствени за нивната болна мегаломанија. Добивме скулптура која претставува врв на кичерај-вкусот! Гледачот, наместо од уметничката претстава и форма, останува заслепен од златестиот сјај на бронзата, вешто искористен за да се прикрие срамот. Лажно блештавило, кое безуспешно се обидува да ја скрие грдотијата од невкус и недостиг на естетски вредности. Нејзината големина, која патриотски ја нарекуваат „грандиозна“, служи да го зголеми ефектот на допадливост, особено кај оние кои не гледаат подалеку од прстот и кои никогаш не виделе нешто толку блескаво и сјајно, освен ланецот дебел како прст околу вратот на до папок раскопчаната кошула! Втората карактеристика која е во функција на прикривањето на кичот е ликот, претставата на „Воинот-Александар“ кој треба да го излечи болниот комплекс, неодминливо чувство на луѓе кои и покрај стекнатите имоти, засекогаш ќе останат едно вечно ништо!

Ниту фактот што „воинот“ ќе стане мета на бројни посетители, туристи, не може да му додаде некакви уметнички вредности. Тие воопшто и не се мерат преку бројот на посетители, како што мислат лаиците. Уметноста не се мери ниту според димензиите на делото, туку спрема достигнатите ликовни дострели. Ликовно-психичките елементи наполно отсуствуваат од оваа кичфигурина. Она што најмногу недостасува е токму оригиналноста во ликовниот израз. Делото му доликува на некој апсолутен почетник кој во себе поседува гол талент и тоа е сè! Таму застануваат неговите безуспешни обиди да нè принуди да го ословуваме како дело кое го заслужило епитетот уметничко. Чувствата кои може да ги побуди се тесно поврзани со морбидниот неук псеудопатриотизам поттикнат од димензиите и од сјајот на металот.

Веднаш да ја расчистиме дилемата! Ако налудничавиот владетел се обидувал низ градов да распостре споменици, изградени од нашите пари, тој успеал во намерата! Ако,пак, имал намера да се промовира себеси како познавач на уметноста низ скулптури и архитектонски дела, тогаш дефинитивно ја утнал работата. Овој невкус што го распосла низ градов нема никаква допирна точка со уметноста, ниту со нешто што може да се именува како скулптура, или архитектура.

Што е тоа со што плени овој воинствен споменик? Што е тоа што предизвика масовна хистерија кај некои наши сограѓани, како да доживеале нагло откровение? Освен неговата големина (14,5m) и поставеноста, кренат во воздух на смешен постамент висок уште 10m, во себе не содржи баш ништо со што би блеснал во аналите на светската уметност. Локален споменик, печат на една паланечка примитивност, доказ за епидемијата на неискоренливата малограѓанштина во чии прегратки цврсто сме потонале во сонот за нашата умислена големина.

Тешко дека некој може да и се спротистави на ваквата еруптирана глупост без аргументи. Во светот на уметноста вообичаено е да се прават анализи на уметнички ремек-дела. За жал, јас сум принуден да правам анализа на кич и врвен невкус за да го докажам неговото постоење. Ова е сосема невообичаено за нормални средини, каде уметноста го достигнала своето место на врвот и постојано се негува!

Би било суштествено да тргнам од основниот елемент, материјалот од кој е создаден. Бронзата е далеку поразлична од останатите материјали кои се употребуваат во вајарството. Таа во себе поседува специфични својства, напната и жилава структура. За разлика од каменот, дрвото и другите материјали што се употребуваат за изработка на скулптури, таа е неверојатно еластична. Затоа и се употребува за мотиви кои се крајно динамични. Покрај овие, таа е специфична и според своето оригинално својство во вајарските техники, а тоа е нејзината боја. Таа, со тек на времето потемнува и го зајакнува чувството на сигурност, упорност и цврстина. Како добар пример за дело изработено во бронзата можете да ја земете бронзената скулптура на Т. Серафимовски во Скопје спроти Музејот на град Скопје, изработена во спомен на жртвите од скопскиот земјотрес. Се работи за дело каде особеноста на овој материјал е искористена до крајни граници.

Опашот е сразмерно предолг, со единствена цел, придржување и физичко стабилизирање на оптички лабилната композиција! Самиот Александар, пак, е чиста копија на елинскиот (антички) „Курос“со лик превземен од познатиот мозаик во Помпеи. Статуа толку вообичаена за архаичниот период на грчката култура. Несразмерна, здепеста и диспропорционална фигура, видоизменета со неприродно поставена рака, која повеќе му одговара на зафатот со кој се држи сабја, или бојно копје, одошто меч од тој период. И покрај безуспешниот обид да се прикаже некакво движење, од самата кичфигурина отсуствува динамиката, својство кое само го појачуваат лаички изведените ликовни елементи, превземени од веќе познати скулптури одамна забележани во историјата на уметноста. Освен екстазата на патриотската катарза, познавачите на ликовните параметри и на она што се нарекува уметност во светски рамки, доживуваат невидена агонија на своите дивјачки нападнати сетила. Најчесто, за разлика од неонационалсоцијалистичкита еуфорија, тие доживуваат впечатливо изразена мигрена предизвикана од хаотичниот дисбаланс на споменикот. Непрекинливо чувство кое опстојува без оглед на точката на посматрање на споменикот. Со секој поглед кон него оддава впечаток на нескладно распоредени елементи, кои ниту од една страна немаат докрај изведени линии кои би ги поврзале во некаква целина за да доживеете чувство на естетски изведено ликовно дело. Присутни се мноштво испрекршени оптички сили, секоја со своја засебна динамика, распоредени во хаотичен неред во сите можни правци. Ова е особено воочливо од страната на кејот и одкај поштата и зградата на „Телеком“ (од северен и северозападен правец). Динамиката е расфрлана во сите правци, линиите се дисперзирани и во несклад, неспоиви, по ниедна основа. Живуркаат во својот несклад! Ниту една линија не ја прати следната до крајот, туку се испрекршени и испопрекинати во својот тек и времетраење што потполно ја нарушува композицијата. Тоа се купишта безуспешно распоредени ликовни елементи со дисхармоничен ритам. Заради ваквиот неред на оптичките сили, имате чувство дека присуствувате на концерт на расштимуван оркестар, каде сите инструменти се дисхармонично распоредени и секој од нив свири некоја своја посебна музика, сам, за себе. Шкрипи од сите страни! Секој инструмент, за себе, свири некоја музичка композиција каде нотите се расфрлани во неспецифичен хаос, онаму каде веднаш, уште по првиот висок тон, слушате дебел бас отсвирен во сосема друга октава. Таа е и во расчекор со времето. Потполно е парахрона и по стилот на изработката и по мотивот е вон времето на своето постоење.

Сè уште е крајно нејасно какво чудо сме добиле на „градскиот“ плоштад! Дали се работи за фонтана, или за споменик на воин на коњ!? Како и да е, едното, со другото, повторно безуспешно ќе се обидуваат да егзистираат во необична дисхармонична корелација, испрекината со очаен мермерен барелјеф кој никогаш и никако не може да склопи целина и вечно ќе има функција на граничник, а за едно дело, кое претендира да се претстави како уметничко, примарно е тоа да претставува целина и да е споено во една нераскинлива целовитост. Со оглед на идејата на дното да се постават и осум истородни лавови и уште осум војници на „фалангата“ кои ќе ротираат на музика… И кога на сето тоа ќе додадеме и светла, уште и ако се во боја… Кога ќе започне вртливото „оро“ да игра и да ни пее, ќе имаме неверојатно кич-вертиго доживување!

Кому впрочем и му е гајле за фактот што коњот со својот „воин“ нема никакви естетски вредности? Најбитно е дека тоа ни бил нааајголемиот Аце на светот, поголем од сите досега познати! Дури и од оној на Грците!

4 comments:

  1. Iskreni cestitki za Vasiot tekst pod naslov " Aleksandar - golemiot kompleks na sitnite dusi". Soglasen sum so vasite stavovi i pogledi so koi sto go otslikuvate ne samo spomenikot tuku i duhovnite belezi na nasiot narod. Me interesira vaseto glediste za ova i dali voopsto nekogas ke se razbudime.
    So pocit,
    Trifun Kostovski

    ReplyDelete
  2. Патетична анализа на еден патетичен квазикритичар

    ReplyDelete
  3. Иако со закаснување: Ви благодарам за коментарот господине Костовски!За будење на народот е потребно да се воспостави образовен систем со квалитет најмалку од времето пред ’70-тите и ’80-тите години од минатиот век, или подобар од тој! Време, кога на учениците во основните училишта им се делеа и единици и двојки, а не само петки и четворки и кога учителите и наставниците беа со респектабилно знаење од својата област! За наша жал, денес имаме далеку послаб образовен систем и, иако е квантитативно напумпан, произведува неписмени дипломци, па дури и магистри и доктори на науки, од кои дел се далеку дури и од стручноста во областа која ја студирале! Извинете заради задоцнетиот одговор и Ви посакувам сè најубаво!

    ReplyDelete
  4. До Anonymous-от кој го оставил својот коментар на 09 јули 2011 во 22:35!

    Зарем само толку имаше да изнесеш? Кога веќе се обидуваш да оспориш нечии тврдења, убаво е наместо лични навреди и произволни оценки, да го сториш тоа со факти! За жал, изгледа дека толку ти е и познавањето од областа за која пишувам, па не си знаел поинаку да се спротиставиш!

    ReplyDelete