Friday, June 3, 2011

МААЛОТО НА МРАЧНО-РОЗЕВИТЕ ОЧИЛА

Веднаш да ве разочарам, уште на почетокот. Ова не е приказна за некое од старите скопски маала. Ова е сказна за едно поново маало градено со посебна потреба во социјализмот. Изградено некаде во шеесетите години и населено од луѓе кои немаа свои станови и кои кој знае дали некогаш пред тоа и ги имале.


Неговите жители масовно одбиваа да земат државјанство правдајќи се дека странското кое го поседуваат им е само затоа за да си ги повратат имотите, а нив, поголемиот дел никогаш ниту ги имале, ниту нешто поседувале, а најмалку имале имоти на сопствено име, бидејќи биле претежно наполичари, аргати, кои работеле на туѓите имоти за надница, ретко безимотни лумпенпролетери кои немале ништо. Сепак, ваквиот двоен статус им овозможи мноштво привилегии. Секогаш кога требаше да добијат нешто од државата, стануваа нејзини верни граѓани, невидени родољубци и борци за слободата во вид на „борци“ со боречка пензија добиена на жими мајка, дури и кога биле на спротивната страна, а поголемиот дел од нив бил таму од другата страна! Така си ги добија пензиите, така и работните места, школските стипендии и родителските детски додатоци, зелените картони од Заводот за вработување со предимство за вработување, општествените станови и што уште не! Тогаш (и само тогаш) кога требаше да добијат нешто за себе, стануваа верни граѓани на таа држава. И, додека на едните им се одземаше, затоа што „многу имале“, иако тоа „многу“ беше стекнато со повеќедецениски чесен труд низ повеќе генерации, а не со прекуноќен грабеж на туѓото и државното, нив им се даваше дури и она што никогаш не им припаѓало! Поголемиот дел експресно ги користеа слабостите и лесно ги учеа сите финти за злоупотреба на погодностите на претходната држава. Сè до моментот кога требаше да го вратат „долгот кон државата“! Тогаш забораваа на времените документи, тогаш стануваа државјани-странци, со „огромни одземени поседи“ во странство, загрозени жители кои живеат во беда и, поред тоа што државата ги вработи и им даде земја, куќи и станови, неретко и едното и другото и третото… ниту еден од нив не и’ го врати „долгот“. Напротив, кога си заминуваше претходниот систем и се распаѓаше минатата држава, тие беа најгласните викачи против неа и најголеми поддржувачи на сецесијата! Познавам многумина од нив кои беа одговорни за безбедноста и одбраната, чувари на мислата, секретари на месни и окружни партиски комитети (*мислам на Сојузот на Комунистите, секако), „граѓански лица“ на служба во ЈНА, ги имаше дури и во највисоките сојузни државни органи, на највисоки функции… но ниту еднаш не посакаа да станат нејзини државјани! Тоа се луѓе на кои државата им даде сè, а тие останаа и понатаму незадоволни велејќи дека не им дала ништо, или дека им дала сосема малку.

Се изненадив кога минував деновиве низ маалото од моето детство! Високи и големи модерни згради, нови возила. Само некаде беа останати оние соцреалистички двокатни зградурки со обавезно колхозничко-здружено живеење, па дури и со заедничко веце и бања, кои жителите рамноправно ги делеа меѓу себе, според неделниот распоред. И покрај сè, дворовите изгледаа запуштено, а улиците, како руини бомбардирани во некоја војна. Едно старо, но овој пат малку поправено и разубавено игралиште за деца среде паркче кое одамна постои, ми го привлече вниманието. Не! Не беше заради галамата и детскиот џагор. Не беше тоа ниту заради детската игра, ни заради гласните разговори на старците. Нешто навистина беше чудно во сето тоа опкружување! Најнапред налетав на оние големи метални табли кои се поставуваат како огради за некое градилиште. „Некоја нова зграда е на повидок“, си реков во себе. „Но,чекај! Нели сиве овие градби беа дивоградби!?“, помислив! Почнав да се присетувам на написот во еден наш дневен весник (*прочитај тука). Таму, во 2006 пишуваше за истото маало дека било опседнато и запоседнато од урбаната мафија! Дури, пишуваше во весникот, бил фалсификуван и ДУП-от за овој дел од градот! Ха! Веднаш ми стана појасно зошто го донесоа Законот за легализација на дивоградбите! Помножете го бројот на продадени новоизградени станови само во овој дел, ќе сфатите дека се работи за огромна цифра, која овој пат „градителот“ ќе си ја плати за едно мочано евро за квадрат! Како ли само им успева?!

Сепак, нешто продолжуваше да ми ги копа мислите дека нешто во околината е чудно, но не беше тоа заради новоникнатите диви градилишта! Се загледав во старото ракометно игралиште. Тоа, веќе не постоеше! Се сеќавав на деновите кога таму игравме и фудбал и ракомет со моите другари по цели денови. Да! Израснав таму, но сепак нешто беше необично во глетката, а јас не можев да сфатам. Како да не беше тоа истото маало од детството. Најпосле, ја подигнав главата. „Ете го чудото!“, викнав полугласно, онака за себе! На канделаброт крај металната ограда се вееа, не едно, не две, туку три партиски знамиња! Не, не како во социјализмот кога на едниот држач за знаме се поставуваше на Македонија, на вториот на партијата, а на третиот на заедничката држава! Овој пат се вееа три исти ВМНЛО знамиња! Но, и тоа не беше некое чудо! Една улична светилка, а три знамиња, голема работа! Чудото е што целото маало беше окитено на истиот начин: по две-три знамиња, на секоја канделабра во маалото! И тоа во време на избори! Бараката на Месната заедница облепена со еден циночно насмеан лик и окитена со знамиња! На десетина метри се наоѓа и гласачкото место! Детското игралиште и паркот опкитени со знамиња! Фешта! Ех, што ти е патриотизам и партиска посветеност! Каква љубов! Тука им цветала продажбата на розевите очила!

No comments:

Post a Comment