Monday, October 18, 2010

ВНИМАВАЈ, ОПАСЕН ПЕС!



Внимавај! Опасно куче!
*Текстов е посветен на моето куче - уличарче кое деновиве беше заклано со нож на најсвиреп начин на улиците на градов! Зошто Мое? Па мои се сите оние бездомни кучиња и мачки кои секојдневно лутаат низ градот и едвај преживуваат барајќи ја својата храна по контејнери. Мои беа и срните од Зоолошката градина на кои пред неколку години, на најсвиреп начин, им беа исечени главите и фрлени на лавот.


Едно такво кученце, снежно-бело (и покрај животот на улица), постојано ме пречекуваше на улица во доцните вечерни часови, мавтајќи го својот опаш лево-десно и весело потскокнувајќи секогаш кога ќе ме здогледаше. Неизмерна љубов му се читаше од жалните очи. По неколку месеци го најдов поред една ограда, целото надуено и со трева меѓу забите, што ја гризело во обид да го совлада болот од отровот кој му го разорувал желудникот.

Деновиве дознав нешто повеќе за себе! Дознав дека сум бил сељак, копиле, педер... До скоро, за комшилукот бев познат само како наркоман и пијаница! Какви сè не епитети ми нареди комшијата, додека се расправавме, бидејќи го начекав како со дебел стап го удира ѕверски моето куче - уличарче, што го прибрав и излекував од раните кои му ги беше нанел некој сличен идиот! Истиот комшија неколку пати го гледав како во раните утрински часови, на самото изгрејсонце, посипуваше отрови од едно шишенце „Сјај“ врз тревата околу блиските згради. Набргу потоа, се редеа лешеви на уличните кучиња.
Лаеле, и кутриот тој - не можел да спие. Какво бедно образложение! Не е невозможно од истите побуди, ваквите суштества, да ги премлатуваат и сопствените жени и деца. А, кој би им дал деца на ваквите бедници? Изгледа, само господ!

Додека јас застанав само на „Да не те видам уште еднаш да го удриш!“, тој успеа да ми нареди стотици „милни“ имиња, за кои јас воопшто не сум знаел дека го „красат“ моето его,  претејќи со стапот, па дури  успеа и за вратот да ме фати! Ваков, онаков... што ли сè може да ти залепи комшијата, кој всушност дваесетина години ти завидувал, иако има поголеми материјални богатства од вас? Очигледно е: имал преголеми духовни празнини! Истиот комшија, кој до пред само неколку години на вашата врата бараше малку брашно, малку сол, малку лонец, малку алат, малку да се јавел на телефон... и што уште не. Истиот комшија кого секогаш сте внимавале да не го навредите, да не му кажете лош збор... Оддеднаш, нараснува како квасец, носејќи ја истата портокаловата маица, со излитена боја, на која пишува „заокружете го бројот 11“,  токму како да сака да ви порача: „Јас сум власт!“. Овој пат, влегува во нов (само неколку години стар) Бе, Ем Ве, купен неодамна во акцијата „слободен увоз на стари возила“. Да, па тој едвај успеа да го заврши основното, уште потешко му одеше во средното училиште, но ете, тој е наеднаш „голем“. Хит им е да вежбаат во теретани, како и пастирот. Обземен со своите нараснати мускули, ви ги покажува забите, претставувајќи се себеси (нормално, лажно) за „стар граѓанин“ потенцирајќи го тоа како некакво неверојатно достигнување, иако вам ви се познати и планината и селото од каде дошол. Ах, какви Мажишта! За ваквите „стари граѓани“, навредувањето на другиот (само затоа што не му е по воља, или, му завидувал со години), чешањето на половиот орган (како да има пицајзли), плукањето и држењето на прстот заглавен во ноздрите се израз на нивната „неизмерно висока“ култура! Уште поинтересно е кога ќе ве нарече „А, беее... Педер“, човек, кој со години не сте го виделе со женска, а постојано е во друштво на силни, влакнести и мускулести мажишта. За целото време на расправијата размислував само на тоа да не нападнам прв, да избегнам сукоб по секоја цена. Па до врага, до вчера си викавме „здраво“! Дури и кога ме фати за вратот, го оттурнав млако, а тој летна како пердувче. Ќе паднеше!

Наеднаш, почнувам да се сомневам во мојата машкост. Обожавам женски, ги обожувам нивните прекрасни тела! Ја обожувам мојата прекрасна сопруга која воедно ми е и швалерка! Особено го обожувам она  нејзиното „помеѓу...“, но кој знае? Можеби човекот беше во право?! Да! Педер сум и обожувам „мажишта“, особено онакви - мускулести, дебеловратни и... Празноглави, кои тепаат послаби од нив! Нивните жртви најчесто се: жени, немоќни баби и старци, деца и животни. Најсилни се со некое оружје во раката. Каква машкост има во мачењето, тепањето, убивањето послаби од нив?! На овие „мажишта“ најубаво би им прилегал натписот околу нивниот врат: „Внимавај! Опасно куче!“.

9 comments:

  1. Никој нема право да убива или тепа улични кучиња, но во ниеден нормален град во светот нема волку голем број на скитници. Ок, можеби се твои, сите, ама маалото го делиш со уште стотина луѓе. И не се сите расположени да заобиколуваат глутници за да стигнат до дома или да слушаат лаење по цела вечер. Ако е кученцето твое, земи си го дома. Еден куп чекаат за вдомување. И запомни, не се сите мили и слатки. Исто како што има битанги кај луѓето има такви и кај нив. И како ние да знаеме кои се агресивни, а кои не. Начинот на кој типот го решавал проблемот е за секаква осуда, ама какво чаре ако службите не си ја вршат работата. Џабе ги носат во стационар кога некој душебрижник ќе се јави и ќе ги врати. И тоа не дома. Туку во маалото кое е јавен простор и низ кое шетаат луѓе кои од лошо искуство се плашат од кучиња.

    ReplyDelete
  2. До Anonymous-от кој ме советува да изигрувам стационар:

    Деновиве прочитав ваква вест во московска „Правда“:„Убил маче пред очите на своето дете и жената“.Причината била банална - мачето сакало да си игра со него! Текстот може да го прочитате и да се воодушевувате на глупоста! Настанот се случил пред селската автобуска станица пред толпа луѓе. Не само што го убил мачето туку и ѕверски го изгризал, на вратот на несреќното детенце, па потоа го фрлил крвавото топче!http://www.pravda.ru/accidents/factor/crime/21-10-2010/1054185-cat-0/

    Дали имате страв и од мачиња?! Па и нив многумина ги гаѓаат со камења, како и кучињата! Најлошо е што често пати сум гледал дечиња од најмала возраст како земаат стап за да спобркаат некое (билокакво) животно! Предшколски деца закопуваат живо кученце во земја, или, исти малку повозрасни, фрлаат малечки кученца во вис за да треснат на бетонската стаза со грбот, за да видат како им се кршат кичмите! Жално е што фаците и во двата случаи им беа Пресреќни! Веќе сме создале патолошки типови! Има дури и деца што палат мачки со бензин и ги поставуваат на Youtube и се гордеат на својата празноглавост. Зарем и тие ги напаѓале, лаеле, касале, гребеле?!

    Дали и срните од Зоолошката градина на кои им беа отсечени главите и фрлени кај лавот ги нападнале сторителите, или само попреку ги погледнале?! Дали и кесата што беше фрлена на фоката од зоолошка е природна реакција на злото? Можеби мајмуните ги пцујат посетителите, па тие ги плукаат и ги гаѓаат со сè и сешто, за да им возвратат соодветно?!

    За тоа колку се похумани животните еве и неколку примери! Во Скопје во зградата на еден двор видов кученце кое копа дупка за друго прегазено кученце, потоа го смести во дупката своето другарче и цел ден седеше врз него цвилејќи! На ТВ даваа како гепард спасува мајмунче, чија мајка била претходно убиена, Нилски коњ, кој спасува младо на г’ну од челуста на крокодил... Тоа не беа монтирани клипови туку делови од документарец! На кучето што било ѕверси искасапено ниту еден човек не му помогнал, а многумина гледале сеир!

    За да знаете кои се милни и слатки, пробајте да им ги однесете коските од ручекот, кои вообичаено ги фрлате во отпад! Однесете им макар корка леб - следниот пат ќе ве пречекаат со мавтање на опашот, и можеби ќе скокаат по вас, но од радост, а не со намера да ве нападнат!
    *На вашите деца пуштајте им повеќе цртани филмови од Волт Дизни, а помалку, или целосно забранете им да гледаат вести и Рамбо филмови!

    ReplyDelete
  3. Se prasuvam koj im dal pravo na zivot na pacovi kako gospodinot Anonymous, sram da vi e. Kade vi e svesta bre luge,treba da znaete deka edno od tie kutri zivotincinja ima poveke dusa i milost od 100 kreteni slicni na vas koi ni zivot ne zasluzuvaat, bedotii

    ReplyDelete
  4. Ова што ќе го напишам, не е бидејќи сум љубител на животни, туку го пишувам како секој било друг човек. Вистински мажи се тие кои можат со зборови да те замолчат и ао аргументи, вистински мажи се оние кои можат да се исконтролираат да не те удрат, па макар и ти да си машко. Вистинските мажи не ја покажуваат силата на послабите од нив, на жените, па и на животните. А сега ова што ќе го кажам, е како љубител на животните. Јас имам 28 години. Од бебе сум израснала со кучиња и тоа не со било какви, имав германски овчар кое беше моето прво куче, па имав дога, која беше отруена од мојот сосед (кој негираше, секако)а подоцна моите родители земаа од улица едно куче кое личи на шарпланинец. а сега бидејќи со вереникот живееме во снат, чуваме кокер шпаниел, бидејќи е помал. Кучето ја знае човековата душа, може да ве прочита од километри. Уличните кучиња им лаат и ги касаат само на лошите личности. Мене во животот ниту една куче од улица не ми лаело, а не пак да трча по мене и да ме касне. Така да, вие проценете во која категорија вие припаѓате. Најголемиот проблем во македонија е тоа што немаме среќа да имаме голем стационар, во кој кучињата ќе бидат тргнати од улицата. Но никој нема право да ги убива тие што се на улица, никој нема право да игра Господ со било какво живо суштество. Ако сакаш да им помогнеш не можеш да ги вдомиш сите 1000 кучиња. Можеш за себе да вдимиш едно, па и две. Но ако веќе не можеш да им помогнеш, не им одмогнувај. Немој да мислите дека нив им се допаѓа животот на улица, и тие сакаат топол дом и грижа и љубов. Тие не избрале таков начин на живот. А за да додадам бензин на оган, зошто тој што ги убива кучињата не почне да ги убива наркоманите кои видат во уличките? Тие се поопасни за вашите деца отколку кучињата.(кажувам како пример, не го мислам навистина) Наркоманите сами го одбрале тој пат, да бидат отпадници во општеството. Ама секако дека никој не може да ги убива нив, бидејќи ќе одговара пред правдата. Го чекам денот, кога секој кој ќе повреди животно ќе сноси одговорност за тоа, можеби нема за брзо, но сигурно и тоа ќе се случи. Оваа тема страсно ме револтира,па ако не завршам сега, ќе пишувам уште многу. Поздрав до сите

    ReplyDelete
  5. И се извинувам што имам многу печатни грешки во тектот ама многу набрзина го пишував! :-)

    ReplyDelete